Тренерот на малку познатата екипа Остиа во малиот Даниеле видел централен напаѓач, позиција која што и самиот Де Роси ја сакал. Во Рома подоцна му ја смениле улогата и го пратиле младиот фудбалер да ја зацементира средината на теренот.
„Го гледате Даниеле? Бидете како него! Тој не се жали себеси! Тој ќе стане права ѕвезда!“, викале тренерите во младинската школа на Рома по другите деца. Во системот на клубот имало многу таленти, но прав пример било слабичкиот јуниор.
Де Роси секој тренинг го работел до максимум, а кога родителите доаѓале по децата, тој останувал сам и тренирал.
Даниеле бил премногу амбициозен за младинските тимови. Прв го забележал Фабио Капело. Де Роси дебитираше за првиот тим токму кај Дон Фабио во 2000. година кога влезе од клупата на меч од Лига на шампионите против Андерлехт.
Со тек на времето Даниеле играл само во Купот на Италија и против послаби противници во Серија А, но набрзо станал неизоставен дел од првиот тим на „Волчицата“. Сезоната 2003/2004 беше пробојна и за младиот везен играч и за клубот. Тогаш Римјаните завршија втори а Де Роси доби многу позитивни критики од коментаторите, од противниците и од тренерите.
Патот со репрезентацијата на Италија на Мундијалот 2006-та во Германија изгледаше заслужен: Во тој момент Де Роси беше еден од најдобрите дефанзивци од средниот ред на светот и постојано ги одбиваше шпанските и англиските гиганти. Уште една причина поради која не размислувал да се пресели била венчавката со Тамара Пизноли во пролетта 2006.
Стартот на Светското 2006-та не беше од соништата за Де Роси. Уште во првиот меч против САД го удри Брајан Мекбрајд со лакт во лице поради што доби директен црвен картон и суспензија на следните четири меча.
Секретарот на репрезентацијата сега веќе покојниот Пјетро Ломбарди му помогнал на Даниеле да го надмине тој период, а терапијата со разговори дејствувала: Даниеле маестрално го одигра финалето против Франција и го освои златото со Италија. Подоцна, во сеќавање на Пјетро, на погребот, го ставил златниот медал од Германија во ковчегот на стариот пријател.
„Ова е најголема победа во мојата кариера! Во мојот живот! Никогаш нема да го заборавам овој успех! Бевме како едно семејство со една цел и на крај победивме. Горд сум на своите соиграчи. Им благодарам на сите кои веруваа во мене, во Италија! Благодарам“, изјави Де Роси веднаш по финалето 2006-та.
Кариерата на Де Роси е како паста со лут сос: добра, но понекогаш впечатокот ќе го расипе непријатна лутина. Фудбалерот од средниот ред игра важна улога во Рума, но премногу често е груб со противниците, добива смешни жолти картони и испаѓал од составот поради бројни дисквалификации. Во еден момент го нападнаа италијанските новинари кои бараа од управата на Рома да го продаде импулсивниот играч.
Летово на меч од плејофот за Лига на шампиони Де Роси доби директен црвен картон против Порто, Рома загуби и испадна поради што тренерот Спалети на извесно време го отстрани од тимот.
Даниеле неретко ја губеше правата форма поради проблеми надвор од теренот и некои непријатни настани во приватниот живот. На пример со Тамара Пизноли се развеле поради голем скандал. Притоа татко и на Тамара бил мафијашки бос кој го убиле во една престрелка. Поради тоа Де Роси му ги посвети нему двата гола постигнати против Грузија.
„Тоти е еден од најголемите фудбалери и легенда на клубот. Но јас не можам да го наречам лидер на Рома. Тоти е духовит и остроумен, но никогаш не ги мотивира соиграчите во соблекувалната како Де Роси кој делува како да е симнат од навивачката трибина“, изјави еднаш Руди Гарсија.
Во Италија Де Роси го следи проклетство затоа што никогаш не освоил Скудето во Серија А, а во финалето на ЕП 2012 загуби од Шпанија. Многу пати можел да ја напушти Рома. Ги интересираше Сити, ПСЖ и Реал, но секогаш ги одбиваше затоа што не можел да се замисли далеку од Рим.