Фудбалерите од домашното првенство засилени со двајца интернационалци добија шанса да се докажат пред селекторот Јаневски, но тие само покажаа зошто играат во македонската прва лига, а не во некое посилно првенство и зошто не се дел од најсилниот состав на националниот тим.
Без идеја, без организација во играта и со дупки во одбраната, Македонија загуби од репрезентацијата на Полска составена од фудбалери од нивната лига со 4:1.
По 10 минути игра турските судии направија огромна грешка со досудениот пенал по непостоечки контакт на Стјепановиќ со противничкиот играч во нашиот шеснаесетник. Голманот Наумовски успеа да го одбрани ударот од белата точка, но одбиената топка дојде до Милик кој стрелаше за водство на Полска.
Во 23-та минута Пољаците веќе водеа со 2:0 со голот на Павловски кој го искористи невниманието на нашата одбрана и лесно на втората статива ја внесе високата топка во мрежата на Наумовски.
Полските репрезентативци продолжија со притисокот и во второто полувреме. Во 64-та минута по корнер удар од десната страна нечуван од никого натрча Једржејчук и со глава ја заби топката во мрежата на немоќниот Наумовски.
Првата шанса Македонија ја имаше во 77-та минута кога Блажевски одлично нафрли од левата страна, но полскиот голман го одбрани ударот со глава на Ејупи.
Дебаклот го потврди Собота во 79-та минута кога по уште една грешка на одбраната ја прифати топката во нашиот шеснаесетник и без проблеми стрелаше за 4:0.
На 4 минути пред крајот на натпреварот, една од ретките светли точки во нашиот тим, Дејан Блажевски со прецизен удар од далечина по земја успеа да го ублажи поразот.