Распоредот на Челси од кој на Конте ќе му падне косата

Осминафиналната пресметка на Челси во Лига на шампиони е само една од големите маки на актуелниот англиски првак, кој во само неколку дена може да остане без никакви шанси за голем трофеј.

Сините од Лондон беа во доста незгодна положба на вчерашната ждрепка за Лига на шампиони затоа што чекаа само три можни противници. Го посакуваа Бешикташ, а се молеа да избегаат од ПСЖ и Барса.
 
Арно ама ја добија можеби најтешката пречка за поминување во осминафиналето, а паралелно со тоа и најтешкиот распоред за играње во деновите кога треба да се размслува како да се урна Барса.
 
Челси има пеколно тешки 23 дена во кои има само еден лесен противник, а тоа е Кристал Палас. Другите четири пресметки им се како да играат финалиња.
 
Најсериозниот тест во сезоната им почнува на 20 февруари кога на Стемфорд Бриџ ја пречекуваат Барселона. Што и да направат на овој дуел, треба да бидат максимално сконцентрирани за следните две пресметки во Премиер лигата.
 
И двете се ем ултра тешки, ем на гости во ист град, против екипи кои претендираат за врвот. Прво му гостуваат на едниот Манчестер, а потоа на другиот и откако ќе го пречекаат Кристал Палас, следува реваншот во топ 16 фазата од ЛШ, кој веројатно ќе биде клучен дали ќе продолжат во Европа.
 
Челси во домашното првенство заостанува 3 бода зад Јунајтед и 14 зад Сити, а во Лига на шампиони треба да го бара лекот за Меси и компанија. Третата опција им е да оди само на ФА или Лига Куп.
 
Од резултатите на овие мега дуели, веројатно ќе зависи дали темпераментниот Конте ќе треба повторно да прави трансплатација на косата.
 
20 февруари: Челси - Барселона (Осминафинале ЛШ, прв меч)
24 февруари: Манчестер Јунајтед - Челси (Премиер лига)
3 март: Манчестер Сити - Челси (Премиер лига)
10 март: Челси - Кристал Палас (Премиер лига)
14 март: Барселона - Челси (Осминафинале ЛШ, втор меч)
12 декември 2017 - 16:11