Психијатар ќе го оправа Ливерпул

Брендан Роџерс има ново засилување. Тој не е фудбалер, туку психијатарот Стив Питерс кој е заслужен за успесите на британските велосипедисти и сега ќе треба ментално да ги среди и фудбалерите на Ливерпул.

По 14 одиграни кола во Премиер лигата, екипата на Ливерпул со 16 поени се наоѓа на 12-та позиција, па тренерот Роџерс очајнички се обидува да ја спаси сезоната. За таа цел тој го најми најдобриот спортски психијатер во Британија, Стив Питерс.

Питерс веќе долго време работи со британските велосипедисти. Тој е заслужен за успехот на Бредли Вигинс на Тур де Франс, и на сите велосипедисти на Велика Британија на Олимписките игри во Лондон. Питерс оваа година работел и со Рони О'Саливен кој оваа година стана светски шампион во билијард.

Психијатарот треба да им помогне на фудбалерите на Ливерпул да размислуваат порационално кога се под притисок.

Најмувањето на психијатри од страна на клубовите не е ништо ново во светскиот фудбал, но Роџерс се пофали дека го најмил најдобриот.

Го доведовме најдобриот во неговата област. Тој можеби е најдобар спортски психијатар во светот. Јас обрнувам големо внимание на техничкиот, тактичкиот и физичкиот тренинг, но несмее да се запостави и менталниот тренинг, посебно во модерната игра", изјави Роџерс.

30 ноември 2012 - 12:06