Меѓународниот одбор на фудбалски асоцијации (IFAB), најверојатно нема да препорача воведување на новиот предлог за офсајд, по разочарувачките резултати од тестирањето, пишува Тајмс.
Правилото, според кое напаѓачот е во офсајд само ако целото тело е пред последниот одбранбен играч (таканаречен daylight offside), се тестираше во Канадската Премиер лига.
Анализата на повеќе од 100 одиграни натпревари ги покажа следниве клучни наоди:
ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ОДБРАНАТА
Наместо да се отвори играта, екипите почнале да се бранат многу подлабоко, па одбранбените линии се повлекле во просек за 1 до 3 метри поблиску до својот гол.
МИНИМАЛЕН ПОРАСТ НА ГОЛОВИ
Иако бројот на досудени офсајди паднал за повеќе од половина (околу 54%), вкупниот број на постигнати голови се зголемил незначително, со само 13 голови постигнати од ситуации кои по старите правила би биле офсајд.
НЕЗАДОВОЛСТВО НА ИГРАТА
Фудбалските експерти и самите играчи оцениле дека правилото го прави фудбалот понеатрактивен, а дури и самиот Арсен Венгер не бил убеден од конечните резултати.
ШТО ПОНАТАМУ?
Наместо радикални промени во правилата, фудбалските власти сметаат дека полуавтоматската офсајд технологија веќе ги решава повеќето проблеми со милиметарските одлуки.
Официјалната одлука за отфрлање на овој предлог треба да се потврди на годишниот состанок на IFAB напролет.
Венгер наводно размислува за нова, поблага идеја според која офсајдот би се мерел само според положбата на централниот дел од човечкото тело, без главата, вратот, рацете и нозете.