Нашите клубови одат на подготовки во Охрид, Маврово и соседна Бугарија или Србија, но добро толку им е чергата. Англиските тимови за кои парите не се проблем традиционално секое лето одржуваат по некоја азиска, американска или афричка турнеја каде исто така се пречекани како ѕвезди и каде ги полнат стадионите на пријателски натпревари.
Да почнеме од шампионот. „Црвените Ѓаволи" со новиот тренер Дејвид Мојс летово ќе летаат најмногу и ќе поминат 25.000 милји или околу 40.000 километри. Првата дестинација им е главниот град на Тајланд, Бангкок каде ќе заминат на 13 јули, а потоа продолжуваат во Сиднеј, Јокохама, Осака и Хонг Конг.
Другиот клуб од Манчестер најпрвин ќе полета за Јужна Африка, потоа во Хонг Конг каде ќе учествуваат на турнир заедно со Тотенхем и Сандерленд. Фудбалерите на Сити ќе заминат и за Минхен каде ќе се сретнат со Милан на Ауди Купот. Вклучувајќи го и пријателскиот меч против Арсенал во Хелсинки на една недела пред стартот на новата сезона тие ќе поминат околу 5000 километри помалку од нивните градски ривали.
Челси предводен од Жозе Мурињо ќе учествува на Интернационалниот Куп Гинис каде играат голем дел од најдобрите екипи од светот. Стартува во Бангкок, во Малезија, Куала Лумпур и во Индонезија, а доколку не бидат предвреме елиминирани, ќе заминат во Индијанаполис, Њујорк и Мајами.
Во далечната Азија ќе патува и тимот на Ливерпул, поточно во Јакарта, Мелбурн и Бангкок, а планот им е да одиграат и пријателски средби со Валеренга и Селтик во Олсо и Даблин.
Од најголемите пет англиски екипи Арсенал ќе биде единствената која ќе го посети Виетнам, а потоа ќе отпатува во Јапонија, Хелсинки, како и Индонезија која ќе ја посетат и Челси и Ливерпул.