Мамаду Кулибали е роден во градот Тиес на 3. февруари 1999-та година (така стоело во листот за мигранти, а лични документи Кулибали ден-денес немал).
17-годишниот Сенегалец во декември 2015-та, по гола зима решил да тргне со многуте сонародници на неизвесен пат до Европа. Првин стигнал до Франција, во Гренобл каде кратко престојувал кај тетка му која штотуку се вселила а од таму тргнал до Италија. На чамецот (барката на надежта) секој имал различен сон, а Кулибали сакал само да трча по топката.
Во Италија се нашол во еден од центрите за мигранти во Ливорно каде почнал да игра фудбал за локалниот тим, но беспарицата го приморала да се пресели одново. Речиси случајно се нашол во местото Розето, на море во провинцијата Терамо каде спиел на отворено.
Еден ден додека се одморал на фудбалското игралиште Партици, го нашле карабиниерите а наскоро го сместиле и во некое семејство. И тука сонот почнал затоа што фудбалот станал негово секојдневие.
Луѓето од Пескара го „намирисале“ неговиот талент (по градбата и движењата потсеќа на Погба и Јаја Туре) и го прибрале во својот камп. Од понеделник до петок, Мамаду Кулибали живее во Куќата Д’Анунцио каде што престојуваат младите талентирани играчи а за викенд се враќа во семејството кое го спасило во Монтепагано.
Необично е што во ова место во 2007-ма домаќински го прифатиле и одгледале Бабакар, напаѓачот на Фиорентина (даде гол викендов).
Извесни Донато Ди Кампли и Марино Камајони се луѓето кои му станале менаџери и се грижеле за него. Кога Сенегалецот првпат му западнал во око на доскорешниот тренер на Пескара Масимо Одо, а легендарниот Зденек Земан му даде шанса да дебитира за првиот тим и сонот веќе почнал да се остварува.
Свесни дека Рома, Милан, Џенова и Јувентус веќе разбрале за „таму некој што личи на Погба“, управата на Пескара му ги извадила сите потребни документи и потпишала договор со него. Мамаду шест месеци играл за младинците, а неодамна дебитираше во „сино-белиот“ дрес во Серија А. против Аталанта, а во неделата се појави во стартниот состав на мечот против Милан.
Кулибали вели дека најмногу е благодарен на фамилијата која го примила и која го спасила од очај. Најголема желба му е да игра за репрезентацијата на Сенегал.