Пред околу една година додека Симоне Фарина настапуваше за италијанскиот второлигаш Губио, тој добил повик од Алесандро Замперини, фудбалерот со кого во детството играле заедно во младинската академија на Рома.
Замперини му понудил 200.000 евра кои требал да ги подели со голманот и уште двајца соиграчи, со цел да го загубат куп натпреварот против Чезена. Тој исто така му ветил и дека им должи услуга, односно неговите луѓе ќе се потрудат да наместат некој натпревар кон крајот на сезоната доколку на Губио му се потребни бодови за опстанок.
Само по неколку часа Фарина веќе ги имал известено властите за овој обид за поткуп. Тоа беше почеток на големиот скандал во кој беа инволвирани македонските државјани Христијан Илиевски и Раде Трајковски, а настрада и поранешниот капитен на Аталанта, Кристиано Дони, додека Алесандро Замперини заработи суспензија од пет години.
Симоне Фарина стана херој. Тој доби покана од селекторот на Италија да тренира три дена со репрезентацијата во екот на подготовките за Европското првенство. На почетокот на оваа година тој стана и фер плеј амбасадор на ФИФА и ова признание го доби лично од претседателот Сеп Блатер на церемонијата за доделување на ФИФА Златната топка.
Но сезоната во Италија заврши. Губио испадна од италијанската Серија Б и тој го раскина договорот со неговиот клуб. Никој не го контактираше Фарина, а трансфер периодот заврши.
Фарина повеќе не е добредојден во италијанските клубови, но се поставува прашањето зошто е тоа така? Дали тие се плашат да ангажираат човек кој веднаш ќе ги алармира властите откако ќе дознае за некоја сомнителна активност во неговиот клуб?
Потпретседателот на италијанската федерација, Деметрио Албертини изјави дека не сака да поверува дека постои поврзаност помеѓу неговото кодошење и маргинализацијата од страна на клубовите, а за неговиот случај својата загриженост ја искажа дури и претседателот на ФИФА.
„Ова е неверојатно. Играчите кои расветлуваат некои активности не ги прифаќаат повторно како играчи. Фудбалерите мора да добијат заштита од своите клубови, лиги и федерации, затоа што ФИФА не е во можност да ги заштити сите", изјави Блатер.