Валенсија на крилјата на Мендиета, Кили Гонзалез, Ајала, Заховиќ, Висенте и Пабло Аимар стигна во големото миланско финале. Тргнаа уште од квалификациите од австрискиот Тирол Инсбрук и од натпревар во натпревар докажуваа дека се спремни за највисок дострел.
Во финалето ги чекаше страшниот Баерн Минхен со Санта Круз, Мехмет Шол, Салихамиџиќ, Ефенберг, Сфорца, Јанкер.
По само три минути игра од пенал гол даде Мендиета за славје меѓу Шпанците на Меаца. Валенсија го играше второто финале по ред, претходната година загуби од Реал Мадрид. Баерн израмни исто од пенал, во 50-та минута. До крајот се играше фантастичен фудбал, но без решавачки гол така што се замина на пенали. А таму еден мора да биде јунак, а друг трагичар.
На полувремето од мечот на голманот на Валенсија, Сантијаго Кањизарез му јавиле дека мајка му починала, но и покрај тоа тој решил да го продолжи дуелот. После пеналите како сè да го стигна и тој се расплаче. Додека фудбалерите на Баерн Минхен славеа на теренот, Оливер Кан реши да му пријде на Кањизарес и да се обиде да го утеши со зборовите дека мајка му од горе го гледа и дека е горда на него.
За овој неверојатен пред сè човечки гест, Оли Кан е награден со фер плеј признанието на годината.