Немања Матиќ за прв го облече дресот на Челси во 2009-та, но тогаш имаше 21 година, а во средниот ред на „Стемфорд бриџ“ беше тешко да се фати место покрај Есиен, Лампард, Микел и Балак.
Србинот имаше и тешка повреда која го оддалечи од терените четири месеци. Во 2011-та реши да замине на позајмица во Витезе, а како играч најмногу созреа во Бенфика каде доби поголема минутажа и остана три сезони.
„Кога во јануари мојот агент ме извести дека ме бара Мурињо, не се мислев ниту минута и веднаш ја прифатив понудата. Ми беше полесно да се прилагодам бидејќи го познавав клубот и градот. Сега сакам да ја освојам Премиер лигата и наместо 15-20 минути, да одиграм барем 15-20 меча“, изјави Матиќ.
За неполна година престој во Лондон тој тотално ја оправда довербата, а статистиката од неговите партии веќе може да се споредува со онаа на врвните играчи од неговата позиција Лам, Бускетс, Маскерано и Де Роси.
Матиќ е вториот играч од среден ред во Премиер лигата по бројот на успешни лизгачки стартови. Тој за сега има 46, а подобар е само Миле Јединак од Кристил Палас кој има три повеќе од него.
88% од неговите пасови се успешни, а по тој параметар е многу блиску до веќе докажаните Лам 89%, Де Роси 90%, Бускетс 92% и Маскерано 92%.
Во оваа конкуренција на играчи Матиќ е подобар по просечниот број на успешни лизгачки стартови од Лам и Де Роси со 2,87 по натпревар.
Фудбалерот на Челси е најдобар по бројот на одземени топки, а повеќе асистенции од него прави само Филип Лам.
Челси е лидер во Премиер лигата со 13 победи, три нерешени и само еден пораз, а Немања Матиќ не беше во составот на само една средба, а тоа е единствениот загубен меч на „Сините“ на 6 декември од Њукасл.
За најубав лизгачки старт во 2014-та англиските медиуми го прогласија неговиот потег против Стоук.