Шокантно и срамно звучи измамата на фан на Џенова кој од хуманите навивачи побарал 70 илјади за операција на своето дете, а потоа почнал да ги троши парите за свои цели.
Таткото побарал помош со образложение дека неговиот син има сериозни белодробни заболувања и мора итно да биде опериран во Швајцарија. Навивачите веднаш реагирале и во хуманата акција ги вклучиле и навивачките групи на Јувентус, Милан, Интер, Сампдорија и Аталанта.
Акцијата на навивачите се состоела од продажба на капи, шалови, маици и разно разни навивачки реквизити и заедно успеале да собеарат 40 илјади евра. Во иницијативата се приклучиле и раководните луѓе и играчите на Џенова кои донирале уште 30 илјади евра со што била собрана потребната сума на пари.
Водачите на навивачката група го посетиле детето кое лежело дома со еден куп лекови до него, а таткото веднаш им објаснил дека операцијата е успешно завршена, а како доказ им покажал лажни документи кои ги симнал од интернет.
На навивачите им станало сомнително откако таткото не сакал да го однесе синот на натпревар и да истрча еден круг околу теренот во знак на благодарност, со образложение дека временските услови не биле поволни за одење на стадион.
Целиот случај почнала да го истражува и полицијата која открила дека таткото не ги уплатил парите во ниту една болница, туку голем дел од нив ги искористил за враќање на долгови, а детето немало никаква сериозна болест.
Италијанските власти успеале да му блокираат 27 илјади евра, а измамникот ќе треба да ги врати и останатите 43 илјади, кои потоа водачите на навивачка група ветија дека ќе бидат распределени на оние кои ги донирале. Во скандалот се приклучија и раководните луѓе на Џенова кои најавија дека ќе поднесат тужба.