Најјакиот скаут во Европа кој ги открил Модриќ, Мбапе, Шкриниар и Икарди

Откако стигнал до врвот и бил главен оперативец на Монако, Тотенхем и Сампдорија, сите мислеле дека Роберто Печини ќе оди во некој од гигантите, но тој се решава за скромен живот и ги шокира сите со одлуката да стане шеф на скаут служба во едно мало симпатично клупче.

Рикардо Печини е потомски скаут. Неговиот татко Алдо работел долго во Интер, Лацио и Парма и е човекот кој во Италија го донел голманот Жулио Цезар.

Печини-постариот редовно ги носел малиот Рикардо и неговиот брат Никола на фудбалски натпревари. Тоа влијаело Рикардо да научи не само да ја гледа играта, туку и нешто друго. Кога неговата фудбалска кариера не тргнала, тој логично решил да се проба како скаут.

Во 2007 година го составил првиот каталог на фудбалери од Серија А за американската компанија IMG, а паралелно работел како менаџер.

„Очигледно е дека во нашата семејна ДНК има склоност за октриквање млади играчи“, изјавил Рикардо во едно интервју за Tuttosport.

***

Во 2002 Печини почнал да оди на пракса во Фиорентина која неколку месеци претходно прогласили банкрот и беше исфрлена во пониска лига. После две години екипата се врати во елитната Серија А и за таму им требале засилувања.

Тогаш Печини во Фиорентина ги донел легендарниот Јапонец Наката, Миколи и 20-годишниот Џорџо Киелини. Рикардо го учел новиот занает преку ден, а навечер составувал картотека на играчите.

„Скаутингот се учи само со пракса - да гледаш што е можно повеќе натпревари. И најважно е да знаеш како да ги собираш информациите: малку да зборуваш, многу да слушаш, да развиваш контакти, да не дозволиш да влијаат на тебе. Нешто како новинар“, вели Рикардо.

МОДРИЌ И КИЛИЈАН МБАПЕ

Најдобрите двајца фудбалери на светот за 2018 во изборот на Л’Екип се ученици на Печини.

Италијанецот ги развивал вештините и во Тотенхем каде во 2005 го викнале да работи како скаут по Јужна Европа. А Печини тогаш го имал најголемиот успех во кариерата - го пронашол Лука Модриќ кога овој уште не бил многу познат ниту во родната Хрватска.

Лука се појавил во тефтерот на Печини во 2005-та година кога играл за Интер Запрешиќ. Тогаш во него тотално не верувале ниту во Динамо Загреб од каде постојано го ашкале по позајмици. Тоа не го демотивирало скаутот: „Лука беше слаб како гребло, но виртуозно владееше со топката и одлично ја читаше играта.“

На списокот талентирани играчи на Печини, Лука Модриќ влегол заедно со други двајца бисери на Динамо: Нико Крањчар и Ведран Чорлука.

Лука Модриќ во дресот на Интер Запрешиќ во Хрватска

Печини го следел Модриќ и другите балкански фудбалери се до пролетта 2007. Во тој момент Лука веќе станал лидер на Динамо Загреб кој возел кон втората шампионса титула по ред. Одличниот Лука со игрите го убедил Печини да му се јави на спортскиот директор на Тотенхем - Дамјан Комоли кој слетал во Загреб за лично да се увери во класата на Модриќ.

Првиот обид на Тотенхем да го купи Модриќ бил во декември 2007 година откако Хрватска ја разби Англија среде „Вембли“ во Лондон и ги отпиша од Европското првенство 2008. Модриќ тогаш го одиграл целиот меч.

Пречка била огромната сума која што ја барал Златко Мамиќ, некогаш сива еминенција во клубот и брат на контроверзниот Здравко Мамиќ.

Во април 2008 ситуацијата се сменила: Модриќ станал веќе главна ѕвезда во хрватската репрезентација и во Динамо. Неговите настапи на Европското го виде целиот свет па за него се распрашувале Барселона, Арсенал, Њукасл и Манчестер Сити.

Кога дознал за тоа, Комоли од Тотенхем помислил: „Сигурен сум дека ако не го потпишеме Лука во рок од два-три дена ќе изгубиме години работа и труд и ќе го изгубиме од конкурентите“.

Едно сабајле рано му се јавил на газдата на Тотенхем Даниел Леви од клупската база. Претседателот со приватниот авион тргнал и за три часа бил во Загреб. Следното утро Леви му се јавил на Комоли со пријатна вест: „Модриќ е потпишан.“ Таа година Тотенхем купи уште двајца фудбалери коишто ги снимал Печини - Нико Крањчар и Чорлука.

По успешната сезона 2007/2008, скаутот Печини се вработил во Сампдорија. Таму една година бил извршен директор и за брзо станал главен ловец на Симоне Ѕаѕа и Мауро Икарди.

****

Следен голем предизвик му бил Монако каде Печини дошил во 2012-та. Проектот на рускиот магнат Дмитриј Риболовљев само што стартуал и Монако имал потреба од луѓе кои знаат да откриваат млади таленти.

На презентацијата во Монако, спортскиот директор Васиљев го фалел многу Италијанецот: „Рикардо Печини е мастер. Тој ќе ја направи нашата академија најдобра во Франција.“

Во Монако Печини станал технички директор и бил одговорен за координација меѓу првиот тим, академијата, медицинскиот штаб и скаут секторот каде имало 12 специјалисти: шест за Јужна Америка и Источна Европа и шест за внатре во Франција.

Ваквата организација дала фантастични резултато зошто Монако ги потпиша: Марсијал, Кондогбија, Лемар и други млади ѕвезди со кои стана шампион во Лига 1 пред ПСЖ и стигна до полуфинале на Лига на шампиони.

Најголемиот успех на Печини од тој период е потписот со 14-годишното дете Килијан Мбапе.

Мбапе (долу) прв од десно во клубот Бонди во 2008

„Кога ми го донесоа првиот отчет за него мислев дека е грешка. На 14 години тој имаше феноменална статистика. Потоа пуштив DVD од неговите настапи и од прва видов иден шампион“, се сеќава скаутот Роберто Печини.

Во борбата за Мбапе кој во тоа време тренирал во една од најпрестижните фудбалски академии во Франција, Клерфонтен, Монако ги победил Интер и богатиот ПСЖ.

Парижаните нуделе два пати повеќе (650.000 евра наспроти 380.000 евра на Монако), но разговорот на Печини и директорот на Монако Тор-Кристиан Карлсен со таткото на Килијан завршил голема работа.

Тие двајца отишле во градот Бонди близу Париз каде живеело семејството Мбапе. На гостите им направиле мала-екскурзија по домот, а тогаш Печини во собата на Мбапе видел десетина постери од Кристијано Роналдо и решил да ја искористи слабоста на малиот.

„Знам дека го сакаш Реал Мадрид и Роналдо. Пред да оди во Мадрид, Кристијано неколку години играл за Спортинг. За да се стигне до топ клубовите треба да се биде спремен. Монако е идеална варијанта за тоа“, го убедувал малиот Килијан. И го убедил.

После две години Рикардо Печини го напуштил Монако. Таму имал многу канцелариска работа и му фалела најголемата страст: „Не сакам секој ден да седам во канцеларија. Во душата ми е да влезам во авион и да летам за да гледам некој играч. Тоа е мојот живот. Затоа и заминав.“

САМПДОРИЈА - ГЛАВЕН ПРОЕКТ НА ПЕЧИНИ

Во 2014 година симпатичниот и будалест продуцент Масимо Фереро ја купил Сампдорија со фантазија за шампионска иднина.

Во своите идеи ги убедил и Карло Ости (спортски директор кој во Италија работи од 90-те) и Рикардо Печини. Иако делува многу незгоден во јавноста а и приватно, Фереро му дозволил на Печини да создаде скаутски сектор и да бара млади таленти.

Масимо Фереро - газдата на Сампдорија

Оделот на Рикардо Пичини се состоел од пет скаути и еден координатор. За еден викенд Пичини стигнувал да гледа и по 9 меча. Како по правило, во петок рано наутро тргнувал и се враќал во понеделник доцна вечер. Во вторник или среда скаутите му давале отчет за сработеното.

За ова земал плата од 3.000 евра.

Во неговата канцеларија младите таленти ги оценувале според четири критериуми: техника, ментал, атлетизам и тактичка обученост. По приложеното следувало финално гласање: секој скаут давал оцена за секој играч. Еден од главните принципи на работа им била брзината: меѓу гледање играч во живо и викање на проба не смеело да пројдат повеќе од два месеци. Инаку ќе им го земе друг клуб.

Бизнис моделот на Сампдорија со Печини е заснован на принципот: scout well, buy low, sell high. Целта е да се најдат млади таленти, да се направат добри играчи и да се заработи од нивна продажба во топ клубовите. На тој пазар конкуренцијата е огромна и за да се биде успешен Печини смета дека треба да се држите до неколку принципи:

- Менталитетот на играчот е многу важен. Тој не соработува со фудбалери кои прават неволји и се проблематични: „Ако тој зборува на четири јазици, тогаш никаков проблем со тренерот и соиграчите нема да има во комуникацијата.“

За да дознае повеќе за него, Печини лично доручкува и руча со играчот пред да донесе решение: „Гледа каде живее, какви интереси има, со кого се дружи, му го следам карактерот“.

Иделаен фудбалер од оваа точка е Килијан Мбапе. „Благодарение на семејството Мбапе уште од мал имал спортски карактер и навики. Веќе на 16 години знаел дека за да игра на топ-ниво мора многу да работи на своето тело. И многу се жртвуваше за да стигне до тука“, се сеќава Рикардо Печини за Мбапе.

Статистиката не е клучна во неговата работа.

„Англичаните имаат цели оддели кои ги анализираат статистиките на играчите. Но ние не носиме одлука заснована на статистика. Прво јас бирам играч, а потоа ги гледам неговите бројки“, додава Печини.

И покрај тоа што имаат многу скаути, Рикардо постоано оди лично да ги гледа фудбалерите и неделно посетува околу 7 меча. А во базата на Сампдорија редовно на проба има млади играчи.

Во клубот од Џенова акцент става на региони кои се малку следени: Источна Европа (Шкринијар, Шик, Линети, Ковнацки), Балтикот, Хрватска и Грција. Вон Европа имаат скаути по Аргентина, Чиле, Колумбија, Гана и Нигерија.

Но најголема страст на Печини е Африка. Тој е убеден дека таму има маса раскошни таленти кои воопшто не заостануваат зад европските:

„Можно е во Габон да има 10 нови Обамејанзи кои не успеале да стасаат до Европа во детството“, вели скаутот кој има план скоро да го освои африканскиот пазар.

Габон

Рикардо Печини на ниту едно место немал таква слобода во работата како во Сампдорија. И затоа таму е најуспешен.

За четири сезони колку што е на стадионот „Луиџи Ферарис“, Сампдорија редовно во првиот тим има многу млади фудбалери кои после две-три сезони одат во топ-клубови.

Во летото 2017 Сампдорија од продажба на играчи заработила 80 милиони евра! Тоа бил четврт најдобар резултат после Јуве, Рома и Фиорентина.

Повеќето млади играчи ги нашол самиот Печини уште кога биле помали: Патрик Шик (го купиле за 4 милиони, на него ќе заработат 14 ако Рома го откупи договорот на лето), Шкриниар (купен за 1 милион, продаден за 24 милиони), Роберто Соријано (Купен за 500.000 евра, продаден за огромни 14,5 милиони евра). Изминатото лето 2018 Лукас Тореира замина во Арсенал за страшни 30 милиони евра иако во Дорија го купиле за 2 милиони.

Лукас Тореира - главното засилување на Арсенал летово

****

Интересен факт: На почетокот на сезоната 2016/2017 вкупните расходи на плати за 9 играчи од првиот тим на Сампдорија (до 23 години) изнесувале 3,78 милиони евра годишно - во просек по нешто повеќе од 400.000 евра од играч.

Ваквиот однос е стимул за играчите и тоа е еден од принципите на работа: Тореира пред две лета потпиша нов договор со Сампдорија за 200.000 евра зголемена плата годишно.

Рикардо Печини е многу баран во Италија. Во летото 2017 за него бил заинтересиран Аурелио Де Лаурентис, газдата на Наполи.

Неверојатно, во летото 2018 на Печини му истекол договорот со Сампдорија и медиумите на големо пишувале дека ќе оди или во Арсенал или во Интер. Но тој ги шокирал сите и потпишал договор со Емполи кој минатата сезона испадна во Серија Б.

На првата прес-конференција Печини ја објаснил ситуацијата: „Секогаш имав важна улога во клубовите. Сакам да работам на перспектива, да растеме и да се развиваме. Мислам дека врвот од својот пат го достигнав во Сампдорија.“

Сега Печини работи со талентирани деца во Емполи кои еден ден би требало да заиграат во најдобрите европски клубови.