Жозе Мурињо тера по свое. Наместо витешки да го признае поразот, пак наоѓаше изговори.
Португалецот не победил на ниту еден меч во нокаут фаза од Лига на шампиони цели четири години. Последен пат славеше на Стемфорд Бриџ како тренер на Челси против ПСЖ, во пролетта 2014-та.
После дуелот со Севиља синоќа Мурињо без пардон рече дека во Манчестер Јунајтед се должни да се привикнат на порази во ЛШ.
„Јас седев на оваа столица кога го тренирав Порто, Манчестер Јунајтед испадна тогаш. Седев и кога го тренирав Реал, па Манчестер Јунајтед испадна. Така што мислам дека не се случи ништо ново за овој клуб“, ги збунил Мурињо новинарите со изјавата како да не е тренер на Манчестер.
Mou: "I've sat in this chair twice before, with Porto - Man Utd out, with Real Madrid - Man Utd out, so this is nothing new for this football club." #MUFC
— Kris Voakes (@krisvoakes) March 13, 2018
Одличната Севиља предводена од Монтела имаше 21 шут кон голот на Манчестер за 90. На „Олд Трафорд“ такво нешто не се случило пет години кога гостувал Реал Мадрид.
„Не мислам дека игравме лошо. Имавме добри моменти. Не жалам за ништо. Направив се што можев, играчите направија се што можеа. Пробавме, изгубивме. Тоа е фудбалот. Мило ми е што играчите не ја кријат својата тага. Но веќе нема време за драми“, додал Мурињо.
Mourinho press conf: "I don’t think the performance was bad. The intention and the way we started was really good and really positive."
— Oliver Kay (@OliverKayTimes) March 13, 2018
Жозе не беше најслаба карика синоќа. Алексис Санчез заигра од почеток и не му успеа ни една идеја на теренот. Аналитичарите пресметале дека дури 91 пат бил во статична позиција (стоел во место) кога топката одела кон него и ја губел. Најслаб учинок во оваа категорија во цела ЛШ.
„Во Арсенал Алексис ги мотивираше сите. А тука играше како да е странец, изгледа чудно. Мене ми е жал за него“, изјавил после мечот Рио Фердинанд во студиото на BT Sport.
За целиот меч Санчез само еднаш шутирал кон противничкиот гол. И тоа изгледало вака на теренот:
Сите играчи на Манчестер за 180 минути двомеч против Севиља шутнале во рамките на голот само четири пати. После мечот новинарите го прашале Мурињо што мисли за тоа:
„Тоа е статистика, само бројки“, со потценувачки тон рекол некогашниот тренер на Интер, Реал Мадрид и Порто.
Во понеделникот Мурињо го нападна Франк де Бур кого го нарече најлошиот тренер во историјата на Премиер лига. Де Бур го начека на пенал и му одговори синоќа во студиото на BeIN Sports неколку минути по судиската свирка за крај.
„Мурињо може да збори дека јас сум најслаб тренер во историјата на Премиер лига, ама тој е тренер кој проарчи скоро милијарда фунти во кариерата а неговите екипи играат вака“, рекол Холанѓанецот.
Најуспешната сезона во Лигата на шампионите по заминувањето на Сер Алекс Фергусон, Јунајтед ја имаше со Дејвид Мојес. Во сезоната 2013/2014 „црвените ѓаволи“ го пројдоа Олимпијакос и се пласираа во четвртфиналето.
Херој на вечерта синоќа беше Французинот со туниско потекло Висам Бен Једер. Тој ја внесе Севиља во четвртфинале од Лига на шампиони за првпат после 60 години. За тоа му требаа само 87 секунди.
Го даде најбрзиот гол после замена во ЛШ сезонава.
„Биг Бен“ како го нарече Marca во денешното издание, сезонава постигна 8 гола на 7 натпревари во Лига на шампиони. Пет од нив во мрежата на англиски ривали. Два пати повеќе има дадено отколку на 19 меча во Ла Лига. Бен Једер во моментов е втор стрелец во елитата - Кристијано Роналдо има четири гола повеќе.