Откако од Мадрид уште пред да заврши сезоната одекна информацијата дека Жозе Мурињо дефинитивно си заминува од „Сантијаго Бернабе", првото име кое се појави во весниците како негова замена беше Карло Анчелоти.
Тоа беше всушност неостварената желба на Флорентино Перез од пред 4 години, кога по завршувањето на ерата на Анчелоти во Милан, неговата следна дестинација беше поврзана со неколку големи екипи. Летото во 2009 година Италијанецот се реши за Челси.
Првата голема разлика помеѓу новоизбраниот тренер на „Кралевите" и неговиот претходник е што Карло Анчелоти бешеодличен фудбалер. Играше во средниот ред и беше дел од златната генерација на Милан во друштво со легендарните Франко Барези, Паоло Малдини, Руд Гулит и Марко Ван Бастен.
Истовремено, неговите ментори на „Сан Сиро" беа славните стратези Фабио Капело и Ариго Саки, а додека настапуваше за тимот на Рома, тренер му беше Свен Горан Ериксон. Не смее да се заборави и титулата светски шампион во 1982 година со Италија под водство на Енцо Беарзот.
Тоа што Анчелоти го слушал и правел како играч во Серија А која е позната по различните тактички надмудрувања и стилови на игра особено со одбранбена тактика, потоа го изучувал, го применувал и усовршувал како тренер.
Неговата омилена формација во Милан беше 4-3-2-1, која потоа на Стемфорд Бриџ ја преточи во класична 4-4-2. Во Јувентус имаше врвен плејмејкер или како што го велат Италијанците „треквартиста" а тоа беше Зиденин Зидан. Играч со идентична позиција зад двајцата напаѓи во Милан му беше Кака.
Во Реал Мадрид опциите со таквата тактика преку брзи контри му се отворени преку Кристијано Роналдо, а како организатори во играта ги има и Месут Озил и Лука Модриќ. Како и да е од него се очекува да донесе уште повеќе тактика од Жозе Мурињо.
Анчелоти за разлика од него има помалку титули, но тоа не е показател дека не може да му биде достојна замена. Неговата биографија воопшто не е за фрлање, напротив, по Милан, Челси и ПСЖ, со „Кралскиот" состав тој ќе оди на четврта шампионска титула во четири различни земји.
Италијанскиот стратег е двократен шампион на Европа како играч на Милан, а истиот успех со тимот од Милано на два пати го повтори и како тренер. На бројката од две титули во Лигата на шампионите застана и Жозе Мурињо.
За разлика од Португалецот кој сам си даваше прекари како на пример „Специјалниот", Анчелоти на „Сантијаго Бернабе" доаѓа без контроверзности. Весникот „Марка" го опишува како миротворец и човек со силен карактер од кој се очекува на мирен начин да го контролира егото во соблекувалната на играчите.
54 годишниот Анчелоти знае како е да се биде во клуб каде газдата сака да командува. Беше 7 години дел од Милан каде трпеше разни критики од моќниот Берлускони кој му се мешаше во тактиката, а потоа почуствува како е да се работи и со Абрамовиќ кој менува тренери кога ќе му текне.
Популарниот „Карлето" во изминативе 15 години тренираше фудбалери од светска класа, а само дел од нив беа Дел Пјеро, Шевченко, Неста, Малдини, Кака, Дрогба, Ибрахмовиќ, како и Зинедин Зидан кој на прес конференцијата на неговото претставуваење беше најавен како негов помошник.
Ова тренерско дуо се очекува лесно да се справи со карактерот на Роналдо кој сака посебен третман. Карло Анчелоти всушност наликува на "италијанскиот" Висенте Дел Боске кој има одлични менаџерски способности и многу смирен карактер кој не сака голема фама пред камерите.
Замената на Жозе Мурињо во Мадрид беше топ тема во медиумите постојано. Во игра беа повеќе имиња како Јурген Клоп, Јуп Ханјкес, Јоаким Лев и Вилаш Боаш. Но италијанскиот стратег со вкупно 12 титули како тренер, беше првиот избор на Перез кој не успеа да го донесе во 2009 година.