Само еден од двата големи гиганти ќе ја продолжи европската одисеја во друштвото помеѓу 8-те најдобри европски екипи. За некои љубители на фудбалот тоа е и разочарување, што Манчестер или Реал нема да го гледаме во четвртфиналната битка.
Очите на фудбалската јавност вечерва се свртени повторно кон Кристијано Роналдо кој за прв пат ќе се соочи со своите довчерашни навивачи на кои им беше миленик 6 години. Фокусот ќе биде насочен и на 16-тата меѓусебна битка помеѓу Мурињо и Фергусон. Португалецеот е поуспешен со шест победи, за разлика од Ферги кој има три.
Во осминафиналните пресметки Мурињо го елиминираше Фергусон како тренер на Порто во шампионската 2004 година, а искусниот Шкотланѓанец му се одмазди по 5 години кога Мурињо како тренер на Интер не мина во четвртфиналето.
Најважно за гледачите е што последните две и единствени средби во нокаут фазата помеѓу овие две екипи завршиле со вкупно 12 гола. Во 2000 година по првите 0:0 во Мадрид, Реал го елиминираше Манчестер среде „Олд Трафорд" со 3:2, а по три години по триумфот од 3:1 на Кралевите, јалова беше победата на „Црвените Ѓаволи" од 4:3 пред своите навивачи.
Втората пресметка која е во сенка на дербито, е дуелот помеѓу Борусија Дортумнд и Шахтар Донецк кои одиграа интересни 2:2 на првиот дуел. Германците кои речиси ја загубија битката за титулата во Бундес лигата, сега се насочени кон висок пласман во Лигата на шампионите.
Единствениот деул помеѓу овие две екипи во најелитното клупско европско натпреварување се случи во третата квалификациска рунда во 2001 година во која Германците беа поуспешни со вкупен резултат 5:1.