Мајсторите за пресврти од Манчестер

На 70% од натпреварите одиграни оваа сезона во англиската Премиер лига, победник на крајот е екипата која прва дала гол. Но ова правило не важи за двете екипи од Манчестер (посебно Јунајтед) и Евертон.

Сите 20 екипи по досегашните одиграни 11 кола во Премиер лигата освоиле вкупно 289 поени. Од овие 289 поени, дури 201 поен, односно 69,5% биле освоени од екипите кои први дале гол.

16 поени (5,5%) биле поделени на натпревари кои завршиле без голови, што значи дека останатите 72 поени (25%) ги освоиле екипи кои први примале гол, но на крајот сепак победувале или барем играле нерешено.

Мајстори за камбек оваа сезона се фудбалерите на Манчестер Јунајтед. Тие први примиле гол на седум натпревари, но сепак на крајот победиле на пет од нив. Од 27 поени кои ги имаат освоено оваа сезона, дури 15 им се добиени на натпревари кога први примиле гол.

Манчестер Сити имаат освоено 11 од 24-те поени откако први примиле гол, а Евертон 10 од вкупно 20 поени колку што имаат оваа сезона. Ниту еден друг тим од Премиер лигата нема освоено повеќе од четири поени на натпревари на кои први примиле гол.

Екипата на Виган нема освоено ниту еден поен при вакво сценарио, односно на сите шест натпревари на кои први примиле гол, на крајот биле поразени.

16 ноември 2012 - 13:53