БЕГСТВО НА ТРИ ГОДИНИ
Дејан Ловрен важи за бескомпромисен борец во четата на Јирген Клоп. Неодамна тој реши да се отвори за неговото тешко детство како бегалец од војниот виор.
Ловрен е роден во Зеница (ВиХ) и кога имал три години, започнала војната во земјата. Родителите на Дејан, Хрвати, немале друга опција освен да ја напуштат земјата за да го спасат семејството. Биле принудени да остават се што имале.
Ловрен тогаш имал три години и не можел да ја разбере магнитудата на тоа што се случува околу него, но ги памети солзите на мајка му за кои вели дека се последно нешто што едно дете сака да ги види.
„Бев дома со мајка ми кога ги слушнавме сирените за воздушен напад. Многу беше страшно. Ме зема во раце да ме заштити и брзо се симнавме во подрумот долу. Мајка плачеше без престан и се што ни преостана беше да се криеме. Тоа никогаш нема да го заборавам, а и како би можел? После тоа, тргнавме со Југото и вујко ми не возеше до Германија. Така станав бегалец“, вели Ловрен.
Неговите родители Саша и Силва ја донеле најтешката одлука, се преселиле во Минхен во Германија и почнале буквално од нула затоа што во војната им ограбиле се што имале.
„Стигнавме буквално само со облеката на нас. Немавме торби, ништо. Татко ми остана во Босна уште неколку недели, не сум сигурен точно зошто остана, можеби затоа што имаше некои обврски пред да дојде и тој во Минхен. Мислам дека ја продаваше куќата за на крајот да имаме макар нешто“, се сеќава поранешниот фудбалер на Динамо Загреб, Лион и Саутемптон.
ГРАНАТИРАН ПАЗАРОТ КАДЕ ЗАГИНАЛЕ 15 ЦИВИЛИ
Година дена подоцна, на 19 април 1993 година, Хрватската одбрана го бомбардирала пазарот во Зеница каде загинале 15 невини цивили. Родителите на Ловрен изгубиле воздух од страв кога слушнале на вести за тоа злосторство затоа што помислиле дека истото би можело да им се случи и нив и на нивните деца ако не ја напуштеле Зеница.
„Ако останевме во Босна, родителите можеби немаше да ми бидат живи денес, можеби и јас ќе бев убиен. Во такво време на војна, се бориш за својот живот, за да преживееш. Тоа значи да се биде бегалец. Не мислиш само да отидеш некаде да најдеш прекрасна работа и да заработиш многу пари, туку само се надеваш дека ќе отидеш некаде на сигурно“, со жал се сеќава Ловрен на детството.
На крајот тие нашле сместување поради тоа што биле имигранти. Ловрен уште памети како во тоа време немале ниту пари, ниту храна и минувале низ агонија.
Три години малиот Дејан поминал во градинката каде имало деца од Босна и Турција кои биле во слична ситуација како него. Ловрен потоа четири години учел во локалното основно училиште пред да бидат депортирани поради проблеми со документите. Се преселиле во Карловац и повторно почнале се од почеток, по вторпат за осум години.
Дејан имал проблем во школото затоа што не го зборувал течно мајчиниот јазик поради што тешко учел и другарите не го разбирале. Пресврт во неговиот живот бил моментот кога Динамо Загреб се заинтересирал за неговиот талент во 2004. година. Наскоро станал играч на „Модрите“ и почнал солидно да заработува за пристоен живот за него и за семејството.
Денес Ловрен има 27 години и е благодарен на Германската држава што му овозможила на неговото семејство сигурно место за време на нивното бегство од Босна.
„Не може да разберете како е да се биде бегалец ако не поминете низ тоа. Дури и денес кога гледам вести и ги гледам бегалците од Сирија и другите земји, мојот прв инстинкт секогаш е дека треба да им дадеме шанса. Тие секако не сакаат да бидат дел од војната, војната е предизвикана од некој друг и се што тие прават е да избегаат од неа“, додава хрватскиот репрезентативен стопер.