Радомир Антиќ се родил во Житиште, градче во Банат близу Зрењанин во Србија. Неговите родители биле партизани и се запознале за време на Втората светска војна. Поради тоа воспитувањето на малиот Радомир било сурово.
Строгоста на родителите направиле од него стабилен млад човек кој сепак решил фудбалот да го стави пред сè друго. Кога неговите виделе дека е талентиран и упорен, од Ужице се преселиле во Белград каде Радомир ја продолжил кариерата во Партизан.
Тој добро играл и кошарка ама поради малиот раст решил да игра фудбал. Како млад веќе станал популарен во младинските лиги и еднаш дошол дома со весник на кој имало слика од него.
„Мамо, гледај до кај стигна син ти!, и рекол Антиќ, а таа сурово му одговорила: „Многу далеку сине, сега секој ќе може да брише задник со твојата слика“. Жестоко го воспитувале.
ВО АНГЛИЈА СФАТИЛ НЕШТО СОСЕМА ДРУГО
На Островот „Ради“, како што го викале Англичаните успеал да извлече неколку поуки.
„Во Англија научив една многу важна работа - да планирам. Југословените и Шпанците не го знаат тоа. Таму се живее од ден на ден. Англија мене ме смени“, рекол еднаш Антиќ.
Интересно, пред да дојде во Лутон тој секаде играл и либеро, но тренерот Дејвид Плат не го ставил на таа позиција.
„Ради, јас знам дека во Европа сите така играат и Бекенбауер е најдобар играч на нашето време, ама кога играме пред полн стадион не можам да ставам либеро и да ја сменам формацијата. Така ќе признаеме дека сме послаби од противникот“, му рекол Плит.
Антиќ во 1983-та година за Лутон го постигнал најважниот гол во кариерата. Ги спасил од испаѓање и тоа во директен дуел против Манчестер Сити на гости.
ВО РЕАЛ ГО ОТПУШТИЈА ИАКО БЕШЕ ПРВ НА ТАБЕЛА
Радомир Антиќ е единствен тренер во историјата кој седел на клупата на Реал, Барселона и Атлетико. Но на „Сантијаго Бернабеу“ не му се посреќи баш многу. Во Реал дојде во сезоната 1990/1991 кога „кралскиот клуб“ менуваше тренери како на филмска лента и атмосферата во тимот не била нималку сјајна. Имало некои групирања, играчи не зборувале меѓу себе, општиот амбиент околу екипата бил лош.
Притоа Реал доживеа неколку порази по ред со претходниот тренер Алфредо Ди Стефано од кои тежок удар во Купот на Европските шампиони од Спартак Москва, па Антиќ дојде како спасител. Меѓутоа....
И него го отпуштија и тоа додека беше прв на табела.
„Го избркаа Тошак, после Ди Стефано и Камачо. Па ме донесоа мене“, рекол подоцна Србинот.
Тој во Реал Мадрид прво зборел со лидерот Бутрагењо. Антиќ сакал да создаде најдобри услови и комуникација со фудбалерите.
„Емилијано, од тебе претходно барале постојано да вршиш пресинг на терен, ама мене не ми треба Бутрагењо задишан кога ќе дојде во шеснаесетникот“.
Аргентинецот набрзо стана најдобар стрелец во Ла Лига. После првата полусезона со Антиќ, Реал беше прв на табела со 7 бода предност но Радомир доби отказ поради „неубедлива игра“. И многу симболично, Антиќ доби отказ после победата над Тенерифе во Ла Лига, а во последното коло Реал изгуби од Тенерифе, Барселона ги претрка и ја освои титулата.
ОТИШОЛ ВО АТЛЕТИКО КОГА НА КЛУБОТ НЕ МУ ЦВЕТАЛЕ РОЗИ
Атлетико речиси повеќе децении не беше клуб каков што е денес. За разлика од сега кога клубот има ултра-модерен стадион и си приушти најбогат трансфер во цела Шпанија лани (Жоао Феликс, повеќе од 120 милиони евра), Атлетико на времето беше синоним за клуб на работничката класа која крпи крај со крај.
„Зошто го одбрав Атлетико? Искрено во тој момент тоа беше најтешкиот клуб во светот, а јас сакав да си докажам на себе дека сум способен да се справам со тешкотии. Имав понуда од Валенсија која нудеше повеќе пари ама го одбрав Атлетико“, рекол Антиќ.
Роиг, тогашниот претседател на Валенсија го постави за тренер Луис Арагенос, легендата на Атлетико, а Радомир вели дека Арагонес е единствениот од кој научил најмногу.
„Сè беше тешко од почеток во Атлетико. Немав екипа иако Атлетико броеше 33 играчи. Дури и трибините на „Висенте Калдерон“ се распаѓаа. Прво решив да си замислам портрет на навивач на Атлетико. Тој е претставник на средната класа кој на крајот од секој месец има проблем со пари но никогаш нема да признае дека друг е посупериорен“, раскажал Антиќ.
Тој не само што направи тим, туку и ги сплотил играчите иако меѓу нив имало многу нови лица. Пример вовел традиција да се собираат секој петок за да пијат пиво или да јадат омлет. А после Атлетико ја одигра најдобрата сезона во клупската историја и освои двојна круна.
ТРАНСФЕРИ И ТЕШКИОТ ХИЛ
Ај што му требало време да ја склопува идеалната екипа, туку и имал проблем со трансфер на играчите кои ги сака. Поради контроверзниот претседател на клубот Хезус Хил некои играчи не сакале да потпишат со Атлетико.
Просинечки не дошол иако Антиќ го барал, исто и со понудата за Мајкл Робинсон, како и со Јокановиќ.
Но два интересни трансфери го одбележаа престојот на Антиќ во Атлетико. Прво решил да го донесе Милинко Пантиќ, веќе во зрели фудбалски години. Претседателот Хил се пожалил дека Радомир си носи свои другари во клубот и дека ако Милинко не игра, тогаш ќе го плаќаат со платата на Антиќ. Радомир прифатил.
А Пантиќ не само што заигра, туку стана и голема легенда на клубот, најзаслужен играч за титулата во Примера и човек кој и дал 4 гола на Барселона среде „Камп Ноу“.
Втор необичен трансфер на „Антара“ беше Љубо Пенев, Бугаринот, шпиц на Валенсија. „Лилјаците“ се двоумеле дали да го продолжат договорот со бугарскиот центарфор кои се лечел од рак на тестисите. Пенев се налутил на управата и решил да оди во Атлетико.
„Љубо Пенев беше многу горд како и секој Бугарин. Како играчи ни легна совршено во секој аспект. Но со него имаше и интересни случаи. Пример на тренинг доаѓаше во Porsche, а останатите со многу поскромни коли. Имаше и суеверие да влегува последен во автобус. Стоеше на страна и чекаше додека сите влезат“, раскажал во една прилика Антиќ.
Љубо стана најдобар стрелец таа сезона а кога победиле во полуфиналето на Купот, Пенев отишол во Вип-ложата за да му удри шамар на претседателот на Валенсија Фернандо Роиг. Хесус Хил го одобрил овој непријатен потег.
КАДЕ БЕЗ ЧОЛО СИМЕОНЕ?
Радомир Антиќ секогаш признавал дека најголемо влијание врз успехот на екипата има Аргентинецот. Диего во шампионската сезона постигнал 12 гола и бил втор најдобар стрелец на екипата.
Антиќ одиграл голема улога врз неговата кариера. Го ставил Симеоне поблизу до противничкиот гол. Тие двајца се дружеле и приватно, семејно правеле скари во Мадрид.
„Клучен меч за мене во Ла Лига беше оној со Барселона а Симеоне не можеше да игра. Отиде на репрезентативен собир. Ги знаете Аргентинците, они не се откажуваат од тоа ни за што друго на светот. Можевме да му пратиме авион, ама тој одби. Го ставив Роберто во одбрана и за среќа победивме“, раскажувал еднаш Антиќ.
НЕЗГОДНИОТ ХЕЗУС ХИЛ
Целата приказна на шампионскиот Атлетико не би можела да помине без контроверзниот Хезус Хил, човек од кој се плашеле сите во клубот, претседател кој важеше за многу незгодна личност.
„Еднаш на заеднички ручек Хил од нигде-никаде побара од играчите да станат и да наздрават. Никој не знаеше зошто. Станавме наздравивме и седнавме без збор.
Хил не го разбираше многу фудбалот. Еднаш влезе во соблекувална и ја виде макетата на која имаше показни варијанти за разни корнери, аути, како да стои живиот ѕид. Рече дека никогаш порано не видел такво нешто“, се сеќавал Антиќ за времето во Мадрид.
Имало и друга историја, пример кога Хил го изненадил Антиќ и го донел татко му од Србија во Мадрид пред последното коло од шампионската сезона. На Атлетико му требаше само победа и стана првак. Последниот гол за титула го постигна Диего Симеоне а за време на прославата Хил го однел Антиќ кај татко му.
После неколку недели во Сарагоса (омилениот град на Антиќ каде бил и фудбалер и тренер), Атлетико Мадрид ја совлада Барселона во финалето на Купот со гол на Милинко Пантиќ во судиско продолжение и ја освои двојната круна.
БАРСЕЛОНА И КАМП НОУ
Антиќ во кариерата седеше и на клупата на каталонскиот гигант. Претседателот на Барса во тоа време, Жоан Гаспар побара од Србинот да ја спаси екипата која во тој момент беше на очајно 15-то место во лигата. Антиќ тогаш пробал да воспостави петочна традиција за играчите да се зближат и да почнат да комуницираат добро, но идејата пропаднала зошто имало неколку разни кланови.
Иако беше кратко во Барса, Антиќ направил неколку интересни резови.
„Чави играше пред одбраната. Му кажав дека со таквиот негов пас, шут и визија мора да игра понапред. Тој проба да ми објасни дека одбраната полесно игра кога му ја дава него топката, ама го уверив дека ќе го решиме тој проблем. Против Еспањол го пробал Чави понапред кој постигнал гол и Барса победила.
(Антиќ и младиот Иниеста во 2003-та година)
Му ја сменил позицијата и на Марк Овермарс кој прво играл лево па Антиќ го ставил десно од каде бил далеку поефикасен. Антиќ колку-толку ја спаси сезоната на Барса која заврши 6-то место но претседателот се смени и Антиќ очекувано мораше да замине.
Тој стана единствениот кој ги тренирал Атлетико, Реал и Барселона. Единствениот тренер во историјата на Атлетико Мадрид кој освоил двојна круна (титула и Куп). Притоа да не заборавиме дека тој ја презел екипата која претходната сезона завршила на само 1 бод над зоната за испаѓање во Сегунда.
Во 2002 ја водеше Кина на Светско првенство а во 2010 и Србија на Мундијалот во Јужна Африка. Србите велат дека ни пред него ни после него немале селектор кој така ги обединил фудбалерите.