Љубителите на фудбалот ги победија ФИФА и УЕФА

Судот за правда на Европската Унија застана во одбрана на правото на фудбалските фанови да можат да ги гледаат натпреварите од Светското и Европското првенство бесплатно на телевизија. Фудбалски фанови 1 - ФИФА и УЕФА 0.

УЕФА заработи над 800 милиони евра од продажба на ТВ правата за ЕУРО 2012, а ФИФА ќари 1,85 милијарди евра од ТВ правата за Светското првенство во 2010, но тие суми не им беа доволни, па сакаа да заработат уште повеќе.

Но за нивна жал, а за среќа на љубителите на фудбалот, правниот експерт на Европската Унија, Нило Јаскинен го советуваше Европскиот суд да ги отфрли нивните барања. Европскиот суд за правда во следните месеци ќе го разгледува случајот, но најчесто го следи советот на главниот правен експерт.

Според правните експери, секоја држава има право да одлучи кои настани се од национален интерес и треба да им го обезбеди правото на гледачите да можат да ги следат овие настани на телевизија и тоа бесплатно. ФИФА и УЕФА се обидоа да го оспорат тоа, со објаснување дека не се сите натпревари на едно првенство од национален интерес за секоја земја, но оваа нивна жалба не пројде во ЕУ.

27 декември 2012 - 12:41