Кумановец, Тетовец и Гостиварец ќе играат на Европското

Во сабота три часа после пладне, на стадионот Болар-Делеи во Ленс ќе се игра вториот меч од ЕП меѓу Албанија и Швајцарија. Од 22-ца на теренот, хипотетички е можно само тројца да се родени во земјата за која играат.

Албанците кои на Европско се пласираа со триумфот во последниот меч против Ерменија во Ереван, имаат голема дијаспора во Европа и се рекордери по бројот на играчи кои ќе учествуваат на шампионатот во Франција, а се родени надвор од својата земја.
 
Овој податок и не е необичен, ако се знае колку Албанци живеат или живееле во земјите од поранешна СФРЈ, но голем дел од репрезентативците на Албанија доаѓаат и од Западна Европа каде нивните родители, баби и дедовци мигрирале пред пет децении.
 
Во случајов, 12 од 23 репрезентативци на Албанија се родени во странство, надвор од границите на нашиот западен сосед. Девет фудбалери на Швајцарија, пак, се родени надвор од оваа алпска земја.

Позанимлив е податокот што на двете страни, еден против друг ќе играат родени браќа - постариот Тауланд Џака одбра да игра за Албанија, иако во Швајцарија е пораснат и настапуваше за сите младински категории на оваа земја, а помладиот Гранит Џака кој неодамна премина во Арсенал реши да игра за Швајцарците. И Тауланд и Гранит се родени во Базел и се жив пример колку миграцијата во Европа после Втората Светска војна ги избриша границите во спортот.
 
И не е само Гранит кој одлучи да игра за Албанија. Родени во Швајцарија, а играат за матичната земја уште и Амир Абраши, Шкељзен Гаши, Мигљен Баша, Фреди Весели и Арлинд Ајети. Четворица Албанци се родени во Приштина (голманот Ертрит Бериша и капитенот Лорик Цана), Гњилане (Емир Лењани), Ѓаковица (Бурим Кукели) и Кумановецот Насер Алију.
 
Ништо помалку „шарен“ состав немаат ниту Швајцарците кои имаат дури осум фудбалери кои се родени во далечните егзотични земји (Заир, Конго, Зеленортски Острови, Камерун) но и многу играчи со албански корени со потекло од регионов - Ѓердан Шаќири, најдобриот нивен фудбалер е роден во Гњилане, Валон Бехрами во Косовска Митровица, Блерим Џемаили (Боговиње, Тетово) и Адмир Мехмеди (Гостивар).

Браќата Таулант и Гранит Џака утре ќе играат еден против друг

Во сабота од 15 часот селекторите на Албанија, Џовани Де Бјази и на Швајцарија, Владимир Петковиќ би можеле на терен да испратат дури 19 фудбалери со албански корени.
 
Како никогаш досега, на Европското ќе играат 83 репрезентативци кои се родени надвор од земјата чијшто дрес го носат. Последниот кој се реши да игра за друга репрезентација од онаа земја во која што е роден е младиот Германец со руско потекло, Роман Нојштадер кој после два настапи за Германија на пријателски средби (против Холандија 0:0, и Еквадор 4:„, реши да ја прифати поканата на Путин да заигра за Русија. Путин му даде пасош по брза постапка иако Нојштадер е роден во Украина кога била под СССР.
 
За Русите ќе брани и Бразилецот Гиљерме кој на големо инсистирање на руската јавност доби пасош во ноември 2015-та. Голема колонија има и Португалија која што ја претставуваат дури девет играчи родени надвор од оваа земја. Турците ќе настапат со осум репрезентативци родени претежно во Германија, Данска, Шведска. Но, Турците и сами имаат неколку играчи кои играат за Германија (Месут Озил, Емре Џан). „Гордиот Албион" има само еден играч роден надвор од Англија, тоа е Рахим Стерлинг кој е роден во Јамајка а играше дури и за У-19 на оваа земја.

Вообичаено, на тлото на Англија се родени дури 19 играчи кои ќе играт за Велс, Република Ирска и Северна Ирска.

Од вкупно 24 селекции учесници, само репрезентациите на Романија, Украина и Чешка се составени од играчи родени во овие земји.

Што се однесува до репрезентацијата на Македонија која се надеваме ќе дочекаме да ја видиме на едно големо натпреварување, има повеќе фудбалери кои се родени надвор од земјава. Како на пример: Леонард Жута, Давид Митов Нилсен (Шведска), Александар Тодоровски (Србија), Даниел Ѓеоргиевски (Австралија), Александар Дамчевски (Франција), Аријан Адеми, Бесарт Абдурахими (Хрватска).