Домашниот дрес на Сао Пауло - 1993 година
Од 1989 до 1994 година Кафу настапувал за Сао Пауло - екипа од неговиот роден град каде ја почнал фудбалската кариера. За Сао Пауло на 273 натпревари постигнал 38 гола во сите натпреварувања.
Ова е дресот на Сао Пауло од 1993 година, произведен од локалниот производител на спортска опрема Penalty. Еден е од најпознатите дресови во латинска Америка. Може да се рамни со оние на Бока и Ривер.
Кога Кафу играл за овој клуб, тренер на екипата бил поранешниот селектор на Бразил Теле Сантана со кого Сао Пауло два пати по ред (1992, 1993) го освоила најпрестижниот пехар во Латинска Америка - Копа Либертадорес. Во тие години Сао Пауло бил толку силен што ги победил и европските гиганти во мечот за Меѓународниот Куп: во 1992 Барселона на Кројф со 2:1 и во 1993 Милан на Капело со 3:2.
Кафу тогаш станал лидер на еден од најмоќните клубови во Јужна Америка па селекторот на Бразил Карлос Алберто Переира не можел а да не го стави на составот кој патувал на Светско 1994 година.
Првата варијанта дресови на Бразил - 1994
Овој легендарен дрес кој во ’90-те години беше еден од најпродаваните во светот, го произведе англискиот Umbro. Благодарение на епското славје на Бразилците на Мундијалот ’94 (ден-денес најпосетено Светско во историјата), дресот стана култен.
Главиот елемент на овој преубав дрес беше проекцијата на трите грба на бразилската фудбалска федерација (CBF) и трите светски шампионски титули обележани со ѕвездички над грбот на CBF. Кога „Селесао“ по четврти пат го освои златото, Umbro мораше да дизајнира нов.
На Светското 1994 Кафу го носеше бројот 14 и три пати влезе на терен од клупата. Во одбрана тогаш беа неприкосновените Жоржињо од Баерн Минхен, Алдаир од Рома и Марсио Сантос од Бордо. Тие четворица ги одиграа сите седум натпревари на Мундијалот.
Но едно од трите влегувања на Кафу во игра беше токму во големото финале против Италија: Жоржињо се повреди во 21’ минута и место него влезе младиот десен бек. Аѕурите и Кариоките стигнаа до серијата пенали кога промашувањето на Роберто Баџо му донесе победа на Бразил.
Домашниот дрес на Сарагоса - 1994/1995
Брзо после Светското, Кафу премина во шпанска Сарагоса. Но наместо среќен престој во Европа, 24-годишниот Кафу одиграл само 17 меча и се вратил во Бразил. Парадоксално во Јужна Америка во 1994 бил прогласен за играч на годината (при живиот Ромарио) а во Сарагоса не го играле.
Дресот кој го носел во Сарагоса бил бел и не многу забележителен освен логото на спонзорот Pikolin - шпански производител на душеци.
Кафу не истрпил да ја дочека најважната победа во историјата на Сарагоса, кога во финалето на Купот на Куп победници во Париз пред 42.000 гледачи го победила Арсенл со 2:1. Во 120’ минута од продолженјата Шпанецот марокански корени Најим од 37 метри го матирал Дејвид Симан (Венгер тогаш уште не е дојден и тренер на ’Топџиите’ е Стјуарт Хјустон).
Малку кој во Бразил очекувал Кафу така брзо да се врати дома. Посебно не го очекувале во поранешниот клуб Сао Пауло.
Договорот на Кафу од Сарагоса го откупил тогаш светски моќниот италијански бренд Parmalat кој сакал да го прати бекот во Палмеирас чиј спонзор бил.
Интересно е што претходно Сао Пауло и Сарагоса се договориле ако Кафу еден ден се врати дома, тој да нема право да игра во клуб од државата Сао Пауло (Палмеирас е баш од таа држава).
Во случај на прекршување на договорот, паричната казна изнесувала 3,6 милиони долари но Сао Пауло се согласил да добие „само“ 1 милион.
Гостинскиот дрес на Палмеирас - 1996
По традиција бразилските клубови тие години имаа дресови произведени од нивни производители (Rhumbell). Во Палмеирас Кафу помина две години, одигра 99 меча и постигна 13 голови. Погледнете ги грубите флеки:
Третата варијанта на Рома - 1997/98
Во јули 1997 година Кафу пак решил да фаќа пат за Европа па кариерата ја продолжи во Рома каде веќе играа неговите сонародници Алдаир, Заго, Вагнер (не Лав) и Пауло Сержо.
Во Рим 27-годишниот Кафу брзо се адаптирал и пак стана фудбалер каков што го знаевме - надежен, брз, способен да покрива цела десна страна од одбрана во напад каде центрираше и пробиваше.
Освен тоа во Рим Кафу го носеше и легендарниот дрес на Рома од Diadora. Централниот елемент на овој дрес беше проекција на Колосеумот, симболот на Рим кој стоеше под логото на генералниот спонзор.
Во летото 1998 година Кафу отпатува на Светското првенство во Франција како сигурен првотимец и заедно со Роберто Карлос го составуваа најмоќниот бековски пар на Мундијалот.
Првата варијанта на Бразил - 1998/2000
Од 1997 година опремата на Бразил ја произведуваше Nike (иако онаа од Umbro беше позабележителна). На Светското во Франција Бразилците играа во овој легендарен дрес:
Одбраната на „Селесао“ тогаш изгледаше вака: Роберто Карлос (одигра 7 меча) - Жуниор Бајано (7) - Алдаир (6) - Кафу (6).
Кариоките го почнаа Светското со две победи во групата (над Шкотска 2:1 во првото коло и над Мароко 3:0) но во третиот ме сензационално изгубија од Норвешка која славеше по сомнителен пенал во 89’ минута.
Атмосферата во репрезентацијата на Бразил со селекторот Марио Загало не била идеална но кариоките стигнаа до финалето при тоа оддолевајќи му на Чиле со Заморано и Салас, Данците со браќата Лаудруп и Шмајхел на голот како и Холандија на Гус Хидинк.
Во финалето знаеме што следуваше. Франција го згроми Бразил со 3:0.
Но тоа не беше последно финале на Светско првенство за ветеранот Кафу.
Гостинската варијанта на Рома - 2000/2001
Во оваа велелепна крваво-црвена боја од компанијата Кappa, Кафу ја прослави најголемата победа во својот престој во Рома. Во сеѕоната 2000/2001 Римјаните го освоија првото Скудето уште од 1983 година.
Одбраната на Рома тогаш во состав - Кафу, Валтер Самуел, Заго, Кандела - беше една од најдобрите таа сезона со примени 33 гола на 34 меча. Помалку примија само Јувентус (27) и Парма (31).
Првата варијанта на Бразил - 2002/2004
И покрај сите напори, Nike извади мошне погруб дизајн од оној на Umbro во ’90-те.
Во овој дрес Кафу и репрезентацијата на Бразил се рехабилитираа од болниот пораз на Светското 1998 и станаа Светски шампиони во 2002-ра.
Бразилците победија седум натпревари од седум и во финалето ја растурија Германија. На тој турнир Кафу стана првиот играч во историјата кој настапил на дури три финалиња на Светски првенства и двократен светски првак. Освен тоа Кафу беше капитен на селекцијата (Емерсон го пропушти турнирот поради повреда) и прв го крена највредниот пехар во историјата на спортот.
Кога го крена трофејот, Кафу викнал: „Регина, те сакам“. На маицата му пишуваше 100% Jardim Irene - така се вика сиромашниот крај во Сао Пауло каде пораснал.
Гостинската варијанта на Милан - 2004/2005
Шампионската Рома брзо се растури: Капело се скара со Тоти и Касано и целата приказна заврши така што Дон Фабио стана тренер на Јувентус. Замина и Кафу - во јули 2003-та после 218 натпревари за Рома тој како слободен играч дојде во Милан.
Еден од најголемите натпревари во кариерата Кафу го одигра во Истанбул на 25 мај 2005 година. Финалето на Лига на шампиони Ливерпул - Милан.
Италијанците излегоа на терен во овој дрес и го изгубија најдраматичниот меч во историјата на Лига на шампиони:
Домашната варијанта на Бразил - 2006/2008
Опремата во која Бразилците настапуваа во Германија 2006-та доби далеку поголем интерес отколку онаа во која играа на Светското 2002. Се благодарение на елегантната крагња и ракави.
Бразил беше еден од фаворитите на ова Светско но испадна во четртфиналето од Франција. По Светското 2006 Кафу ја заврши кариерата во репрезентацијата.
За својот Бразил одигра 149 натпревари и постигна 5 гола.
Гостинската варијанта на Милан - 2006/2007
Милан стана последен клуб во богатата кариера на неверојатниот Кафу и во 2007 година во прекрасниот дрес на adidas (во бела варијанта) ја освои Лигата на шампионите.
23 мај 2007 година. Одново Ливерпул и одново финале на Лига на шампиони. Но овојпат Милан им се одмазди на „скаузерите“ и славеше со 2:1.
Следната сезона Кафу ја почна од клупата за резерви - го стигнаа годините и неговата брзина и физичка форма не го убедија Карло Анчелоти. Во сезоната 2007/2008 одигра само 18 меча во првенството а истото лето ја заврши неверојатната кариера.