Корона ја смени мапата: Лига на шампиони и Лига Европа во Унгарија, Грција и Романија

Коронавирусот продолжува да влијае на еврокуповите и меѓународните гостувања во Лига на шампиони и Лига Европа. Ако минатата сезона УЕФА смисли да ги собере сите преостанати клубови во осминафиналето на едно место, овојпат планот е поинаков.

Во првата рунда од 1/8 финале на Лига на шампиони и 1/16 финале од Лига Европа некои натпревари нема да се играат каде што беше планирано, туку на неутрални терени.

АНГЛИЈА Е НАЈПРОБЛЕМАТИЧНА

Уште во јануари Германија меѓу првите реши да го прекине авионскиот сообраќај со Велика Британија до 17 февруари поради новиот сој коронавирус (медиумите го нарекоа британски зошто првпат се откри таму).

Набрзо се прошири списокот земји кои забранија авионски летови од Велика Британија.

Поради тоа Лајпциг, Ливерпул, Манчестер Сити, Волфсбург и Тотенхем мораа да бараат чаре зошто сите овие екипи би морале да останат во 10-дневен карантин ако патуваат од една во друга земја.

УЕФА НАЈДЕ НОВИ ДОМАЌИНСТВА

Натпреварите Лајпциг - Ливерпул (вторник 21:00) и Борусија Менхенгладбах - Манчестер Сити (24 февруари 21:00) ќе се играат во Будимпешта.

Местата на одигрување на реваншите ќе бидат дополнително објавени, но не е исклучена можноста и тие да се играат во Унгарија, во случај германските власти да ја пролонгираат забраната за влез од Англија.

Што се однесува до мечот на Волфсбергер со Тотенхем, поради забраната на Австрија за влез од Велика Британија, и овој дуел ќе се игра на 21 февруари во Будимпешта.

АНГЛИЈА ⇒ ШПАНИЈА

Шпанија исто така не дозволува авиолетови од Велика Британија и забраната минатата недела ја пролонгираа до 2 март, така што ни Челси ни Манчестер Јунајтед нема да можат да слетаат во Шпанија.

Истото важи и реваншите, затоа што шпанските клубови при евентуално враќање од Велика Британија, би морале да останат во двонеделен карантин и би пропуштиле домашни натпревари.

Поради ова дуелот Атлетико Мадрид - Челси ќе се игра во главниот град на Романија, Букурешт.

ПРЕМЕСТЕНИ ДОМАЌИНСТВА И ВО ЛИГА ЕВРОПА

Пандемијата и забраните за влез во некои земји направија збунка и во второто по ранг европско натпреварување. Реал Сосиедад и Манчестер Јунајтед, првиот меч од 1/16 финале на Лига Европа ќе го играат во Шпанија, во Сан Себастијан каде Сосиедад е домаќин, а реваншот ќе се игра во Торино.

Молде и Хофенхајм ќе играат во Виљареал, затоа што Норвешка воведе нови правила за влез во земјата. Скандинавците не воведоа забрана за влез, но ги обврзуваат сите пристигнати во државата од црвената зона (речиси цела Европа, освен пар региони на Финска) да останат во десетдневен карантин.

Шпанија нема мерки за Норвешка, па затоа Молде одлучил својот дуел од 1/16 финале на Лига Европа против Хофенхајм да го игра во Виљареал.

ПОРТУГАЛИЈА ИСТО НЕ ПРИМА БРИТАНЦИ

Португалија забрани влез за патници од Велика Британија во јануари, а Британците од сите оние кои пристигнуваат од Португалија бараат задолжителен карантин. Затоа Арсенал и Бенфика се договориле првиот меч кога португалскиот тим е домаќин да се игра во Рим, а реваншот кога „топџиите“ треба да се домаќини, во Пиреја.

16 февруари 2021 - 13:49