Кој е новиот Аргентинец во Интер со клаузула поголема од Икарди

Има само 20 години, умее да шутира и со лева и со десна како Хари Кејн, а Хернан Креспо веќе го споредува со Серхио Агуеро. Во таа пеколна конкуренција на напаѓачи кои ги предводи Меси, ќе има можност да се покаже на пријателските средби против Италија и Шпанија.

Најбараниот аргентински напаѓач од страна на европските гиганти се вика Лаутаро Мартинез. Од Борусија Дортмунд се јавиле доцна за него, Атлетико Мадрид понудил незадоволителни 12 милиони евра, а денеска стигна потврда од Аргентина дека на лето оди во Интер за сума од 25 милиони евра.
 
Суперталентот на Расинг роден 1997-ма дебитираше во аргентинското првенство во 2015-та кога влезе како замена место Диего Милито и од тогаш не престанува да привлекува внимание. Сезонава има учинок од 10 гола на 14 средби и следната година ќе го гледаме во Серија А, токму во клубот каде неговиот 18 години постар колега ја освои тројната круна.
 
За него велат дека не е само бројката на голови со која воодушевува, туку и начинот на кои ги постигнува. Тој исто како Кејн растура и со лева и нога и умее речиси секогаш да го пронајде долниот агол.
 
Мартинез не е класична 9-ка која чека топки во шеснаесетник, туку е способен да се врати длабоко, да ја прими и да измами неколку дефанзивци, а штом Креспо веќе јавно го споредува со Агуеро, тогаш се очекува да има светла иднина.

Прашањето е како ќе се снајде во Европа и дали ќе успее да стане врвен голгетер од рангот на Креспо, Батистута, Агуеро и Кемпес кои се дел од големите деветки.
 
Постојат две пречки кои ќе застанат на неговиот пат.
 
Првата е неговата адаптација во новата среда и надвор и внатре на теренот. Фудбалот во Европа се игра на повисоко ниво отколку во Јужна Америка, а Мартинез ќе има силни опоненти во одбрана кои нема да му дозволат да прави што сака со топка.
 
Тој исто така има проблеми и со носталгија. Тоа го има кажано и во интервју откако на 16 години се пресели од Бахиа Бјанка во Буенос Аирес на 650 километри далеку од семејството, за да почне да тренира во школата на Расинг.
„Сакав да се вратам во Бахија, многу сум поврзан со семејството. Се ми недостига, особено мојот постар брат Алан. Многу ми беше тешко кога ги оставив“.

Тогаш за влакно не го напуштил Расинг, а клучни биле советите на неговиот соиграч Брајан Мансила кој го убедил да остане. Мартинез на 64 меча блеснал со 53 гола за резервниот тим.
 
Тука се вклучило зеленото светло од радарот на Реал Мадрид и паднал договор меѓу двата клуба да патува за Мадрид, но носталгичниот Мартинез во таа 2015-та решил да потпише за Расинг.
 
Втората пречка е да ја разбие малерозната традиција на Интер во развојот на играчи потпишани директно од Јужна Америка. Филипе Кутињо се бореше за форма откако дојде од Васко де Гама и беше продаден во Ливерпул. Неодамна, Диего Лаксалт и Габриел Барбоса заминаа во гигантот од Милано и не успеаа и покрај нивниот несомнен талент.

Агентот на Мартинез вели дека добил ветување од Интер кој би спремен од следната година да ја смени формацијата од 4-2-3-1 во 4-3-1-2 само за да го смести малиот во прв тим во тандем со Икарди, се разбира ако остане во Милано.
 
Со Агуеро повреден и Дибала и Икарди неповикани, 20 годишниот Мартинез веројатно ќе добие шанса да дебитира против Италија и Шпанија на 23-ти и 27-ми март.
 
Погледнете го овој дриблинг на големата аргентинска надеж која ќе има клаузула од 111 милиони евра (еден милион повеќе од Икарди). Да се чуди човек.
22 март 2018 - 13:01