На крајот од '80-те и почетокот на '90-те година сите го знаеа Диего Марадона. Аргентина во 1986-та стана светски шампион, Диего беше најдобар играч на Мундијалот и постигна два гола против Англија од кои едниот познат како „Божја рака“, а другиот после страшен продор кога издрибла дури шест противнички играчи и голманот.
На клупски план најмногу палеше и гасеше во Наполи каде им донесе Скудето во 1987 и Куп на УЕФА во 1989.
До 1995 година правилата не дозволувале фудбалер надвор од Европа да ја освои наградата „Златна топка“ за најдобар играч на светот инаку Марадона би ја добил сигурно.
Во 1989-та година американската спортска агенција International Management Group (IGM) спровело истражување и објавило дека Диего е најпопуларен човек на планетата Земја. Марадона одлично го знаеле дури и во Америка каде пред Аргентина да стане светски шампион во 1986-та, Диего доаѓал на турнеји со неговиот клуб Архентинос Хуниорс.
Во 1989-та луѓето од IMG му понудиле на Марадона да стане лице на Светското првенство 1994-та во САД. За неговите медиумски права предложиле 100 милиони долари, сума која од денешна перспектива изгледа вртоглаво а можете да замислите тогаш пред 31 година.
А за да се појави на промотивни настани му следувал и посебен хонорар.
Но во договорот имало еден детал: Марадона бил должен да добие државјанство на САД. Во IMG биле сигурни дека рејтингот на рекламите со Марадона како Американец би рипнал до небо.
Поранешниот државен секретар на Америка Хенри Кисинџер лично му се јавил на Марадона и му ветил дека ќе го избави од даночни обврски. Но Диего одбил. Бил горд.
„Бараа од мене да станам Американец. Американец! Да, ми понудија астрономски пари но државјанството, можноста да се биде Аргентинец нема цена“, напишал Диего во својата автобиографија.
Диего Марадона во тоа време и не заработувал така лошо. Според новиот договор со Наполи добивал 5 милиони долари годишно плус 2,5 милиони долари за медиумски права. Марадона се појавувал на програмата на тв каналот RAI за 3 милиони долари годишно. Потпишал договор вреден 5 милиони долари и со јапонскиот гигант Хиточи кој произведувал спортска облека со името Марадона.
Снимал реклами за кафе, за пиво и за Мекдоналдс. Но неговата одбивност кон империјализмот била еднакво голема со неговата љубов кон татковината и дружбата со Фидел Кастро, така што не сакал да слушне да стане американски државјанин.