Во фудбалскиот свет постојат играчи чии постапки ја тераат јавноста само да слегне со раменици. Во Германија таков е Кевин Гроскројц, бекот кој живее во филмот на видео-играта GTA.
На почетокот на месецов март, Штутгарт, последниот клуб на Кевин Гроскројц, го раскина договорот со бекот. Причина за тоа била тепачката која што ја предизвикал на студентска забава после која што го однеле во болница со повреди на главата. Инцидентот бил само капка во морето идиотски постапки на Германецот. Клубот организираше прес-конференција каде фудбалерот побара опростување за тепачката и за штетата која што му ја нанел на клубот а воедно и на 28 години се повлече од фудбалот на неопределно време.
Но списокот на неговите прекршоци е толку голем што едно ’извинете’ не може да ги покрие.
Гроскројц до неодамна важеше за еден од најпреданите фудбалери на Борусија Дортмунд. Израснал во јуниорите на Дортмунд и кога ги поминал сите категории на „жолто-црните“ го пратиле на позајмица во филијалата „Рот-Вајс“. Таму Кевин се запознал со Марко Ројс, уште едно дете на „Милионерите“ кое подоцна имаше дијаметрално поинаква судбина од Гроскројц.
Во 2009 година дефанзивецот се врати под закрила на Јирген Клоп кој од анонимен бек направи фудбалер достоен за репрезентацијата на Германија. Во тоа време Клоп не претпоставувал колку бекот ќе забега со карактерот.
Алкохолот станал најдобар другар на Гроскројц. Во пролетта 2014 после поразот во Купот на Германија, Кевин не можел да ја издржи грижата на совест која го јадела поради грешките во мечот и решил да се опушти.
Накратко: во предворјето на хотелот каде екипата престојувала направил голема тепачка со персоналот. Тепачката било главно јадење во неговата чинија. Еден ден отишол да го гледа омилениот клуб Келн и таму брзо се степал со противнички навивачи. Во барот каде што седел после мечот му дошле навивачи и го навредувале, а тој без многу да мисли ги гаѓал со ќебапите кои ги јадел.
Навивач во полицискиот записник напишал дека видот му се оштетил од лутиот чили сос со кој го погодил Гроскројц. Кевин јавно се извинил и скандалот се заташкал. Неколку месеци подоцна, Јулијан Дракслер се сетил на случајот за време на прославата на златото од Мундијалот 2014-та во Берлин кога Гроскројц бил толку пијан што не можел да стои на бина, па обезбедувањето го однело до тоалетите да повраќа.
Со Келн Гроскројц има посебен однос. Фудбалерот се дружи со ултрасите од групата Boyz коишто имаат статус на криминална група која што се занимава со наркотици и оружје. Кевин никогаш не го негирал неговиот однос со Boyz.
Дури по официјалната беседа на управата на Дортмунд која му одржала лекција, тој престанал да се дружи со нив. Во летото 2014-та десниот бек платил 60.000 евра за разни инциденти. Сето ова можело да влијае многу лошо за неговата иднина во репрезентацијата, но Јоаким Лев не го исклучил од списокот играчи за Светското и Гроскројц стана светски шампион. Но две години подоцна селекторот го сменил својот став.
По трансферот во Галатасарај Кевин секој викенд се враќал дома во Германија а во „работните“ денови се журкал со Лукас Подолски во Истанбул. Тоа не му избегало на Лев од вид и му ја затворил вратата од репрезентацијата.
Галатасарај немал трпение да го чека да се врати во составот и после шест месеци се врати во Германија, во Штутгарт. Во „црвено-белиот“ дрес набрзо станал лидер меѓу навивачите коишто сега потпишуваат петиција за негово враќање.
Кевин Гроскројц пред неколку дена на официјална прес-конференција изјави дека на неопределено време го напушта фудбалот и дека не може да се носи со проблемите надвор од теренот кои ја рушат репутацијата на Штутгарт. „Тој беше единствениот играч кој по испаѓањето на клубот во втората Бундеслига од зборови премина на дела. Гроскројц е еден од реките германски играчи кои можат да му бидат од голема корист на клубот“, стои во соопштението на навивачите на Штутгарт.
Последна информација за него е дека сакал да тренира со Б тимот на Борусија Дортмунд.