Катастрофа на Наполи, Стеауа загуби од Ајакс

Големи се шансите дека веќе од март нема да имаме ниту еден претставник во европските натпреварувања. Горан Пандев е пред елиминација по дебаклот на Наполи на домашен терен со Викторија Плзен, а Стеауа на Даниел Георгиевски загуби на гостувањето кај Ајакс.

Оваа сезона беше рекордна за македонските интернационалци во Лига Европа. Дури 8 наши фудбалери започнаа во групната фаза, 2 дочекаа пролет, а најверојатно никој нема да го преживее првото елиминационо коло.

Наполи требаше да има лесна задача со чешкиот клуб Викторија Плзен, но доживеа тежок пораз на домашен терен. Гостите славеа со 0:3 што е скоро и недостижен резултат пред реваншот.

И покрај тоа што најавите беа дека Горан Пандев ќе биде на клупата, тој се најде во стартниот состав, но повторно не успеа да реализира ниту една шанса. Ова е 20-ти натпревар во серија како Пандев не успева да постигне гол во дресот на Наполи.

Нашиот втор претставник, Даниел Георгиевски заради скршеницата која ја заработи во ноември, не беше дел од тимот на Стеауа кој загуби со 0:2 на гостувањето кај холандскиот шампион Ајакс.

На останатите поинтересни натпревари Ливерпул загуби на гостувањето кај Зенит, Челси славеше минимално во Прага, Баер Леверкузен загуби на домашен терен од Бенфика исто како и Алтетико Мадрид од Рубин, Интер го победи Клуж, Тотенхем во финишот го совлада Лион, а најефикасно беше на натпреварот Менхенгладбах-Лацио.

ЛИГА ЕВРОПА - 1/16 ФИНАЛЕ:

Анжи Махачкала – Хановер 3:1

Зенит – Ливерпул 2:0


Ајакс – Стеауа 2:0

БАТЕ Борисов – Фенербахче 0:0

Динамо Киев – Бордо 1:1

Леванте – Олимпијакос 3:0

Баер Леверкузен – Бенфика 0:1

Наполи – Викторија Плзен 0:3

Спарта Прага – Челси 0:1


Атлетико Мадрид – Рубин Казан 0:2

Базел – Дњипро 2:0

Интер – Клуж 2:0


Борусија Менхенгладбах – Лацио 3:3

Њукасл – Металист Харков 0:0

Штутгарт – Генк 1:1

Тотенхем – Олимпик Лион 2:1

14 февруари 2013 - 22:55