Како стариот лисец Фергусон знаел да направи притисок кога покажувал на часовникот

Толку беше неверојатен стратег што анегдотите од неговата богата и славна тренерска кариера никогаш нема да имаат крај. Поради него на противниците им се треселе нозе на „Олд Трафорд“ кога судијата ќе покажел колку дава продолжение.

Синоќа заврши серијата од 8 победи по ред на Оле Гунар Солскјер како тренер на Манчестер Јунајтед. „Црвените ѓаволи“ во судиското продолжение куртулија од пораз на домашен терен.

На 9 минути до крајот од мечот Манчестер губеше од Барнли со 0:2. Понатаму следуваше класика: гол околу 90-та минута и гол во судиското продолжение за спас.

Во класичниот тек на нештата учествувал и противникот: тренерот на Барнли Шон Дајч се пожалил дека судијата оставил претерано многу време да се игра („Не знам од каде најдоа пет минути судиско продолжение“).

А така викале и многу противници на големиот Сер Алекс Фергусон.

„Разочарани сме и ние, а ги разочаравме и навивачите. Но, оние кои останаа до крајот преживеаа типичен меч за „Олд Трафорд“. Така што тоа е плус“, рекол Солскјер.

После оваа негова изјава сите се сетиле на појавата на Ферги-тајм.

****

Првпат изразот Fergie Time се појавил во The Guardian во март 1998 година, на една цела година пред финалето на Лига на шампиони на „Камп Ноу“, иако „времето на Фергусон“ датира неколку години претходно.

Имало една репортажа од гостинскиот меч против Шефилд Венздеј: Јунајтед губел 0:2, примил гол од Паоло Ди Канио во 88’ минута. После неколку секунди Италијанецот кој играл со број 11, го смениле со напаѓач со број 19 на грбот.

Кога четвртиот судија ги покажал овие бројки на малиот семафор, луѓето на стадионот коментирале дека ќе има судиско продолжение од 11 минути а Ферги-тајм ќе биде 19 минути. Тоа било шега за секој чудесен спас на Манчестер во продолженијата, но овојпат останало 2:0 за Шефилд.

****

Фактички Ферги-тајм се родило 5 години претходно. Велат дека овој термин првпат се појавил на 10 април 1993-та година. И тогаш на меч против Шефилд Венздеј, но на „Олд Трафорд“. Јунајтед губел со 0:1.

Во 86’ минута 1:1, а во 96-та минута...

Фергусон трчал и влегол во теренот од среќа, а неговиот помошник Брајан Кид скокнал и застанал на коленици. Таа сезона Манчестер Јунајтед ја освои шампионската титула по цели 26 години!

„Почна од моментот кога израмнивме. Јас стоев на ќошот. Ги храбрев и ги бодрев момците. Тренерот на Венздеј Тревор Френсис му покажуваше на судијата дека времето одамна истекло, кога ние добивме слободен удар. Го изведе Рајан Гигс. Топката ја прими Гари Палистер и без да гледа ја нафрли во шеснаесетникот а таму налета (Стив) Брус“, се сеќава Фергусон.

 „После мечот Тревор Френсис се жалеше дека сме добиле многу продолжение. Подоцна дури и правеше шеги со мене на таа тема: „Вие дадовте победнички гол дури на друг натпревар“. Но работата е што добивме толку време со право. Истата вечер јас гледав снимка од второто полувреме и точно мерев колку време се потрошило на разни паузи поради повреди и замени. Мораше да има и 12 минути“, рекол Сер Алекс Фергусон.

А целата работа била што во вториот дел, главниот судија ја повредил ахиловата пета, па место него судел линискиот судија.

Во историјата на Ферги-тајм имало и ритуал кој ги плашел сите противници, особено на „Олд Трафорд“:

„Гледање во штоперицата беше еден вид психолошки притисок, пишал Фергусон во својата автобиографија. Јас не го гледав времето во текот на мечот па тешко можев да определам колку ќе биде продолжено и кога ќе се свири крај.

Гестикулирањето кон часовникот до судијата влијаеше врз противникот, не врз нашата екипа.

Забележав дека како укажувам на часовникот кон судијата, така противникот станува немирен. Се плашеа да не продолжи овој 10 минути. Сите знаеа дека Јунајтед знае да постигна гол на самиот крај.

Кога ме гледаа мене како покажувам кон штоперицата од часовникот, противничките фудбалери мислеа дека против нас ќе играат цела вечност“, пишува Фергусон во својата автобиографија.