„Имав 16 години кога играв на силен подготвителен турнир. Звезда, Партизан, Раднички Ниш и Вардар. Во финалето игравме против Партизан а јас им дадов два гола на црно-белите. Тогаш југословенската јавност првпат ме виде на телевизија. До тогаш не слушнаа за мене“, се присеќа на почетоците Панчев.
„Вуле имаше големо влијание на мојата кариера. Беше авангарден тренер кој фантастично ја спреми екипата физички. Тој беше еден од првите тренери кои во Југославија играше 4-3-3. Шест месеци потоа, во пролетниот дел на првенството 82/83 Вуле ме стави во игра четири пати, три пати по минута и во претпоследното коло против Жељезничар во Скопје. Тогаш ми кажа: Дарко, спреми се ќе играш од почеток. Имавме повредени играчи. Му дадов два гола на Жељо, победивме 3:0 во Скопје и веќе тогаш почнаа весниците да пишуваат дека има некој талентиран клинец во Вардар“, продолжува легендарниот Кобра.
„Следната година станав најдобар стрелец на југословенското првенство, иако за Вардар играв без договор. И ден денес го држам тој рекорд кој го срушив таа година. Претходно беше некој Унгарец Алберт кој играл во време на Шекуларац. Тој го држеше рекордот 28 години, како најмлад стрелец во едно национално првенство во светот. Денес рекордер сум јас и тоа од 1984. година", додава Панчев.
Интересно, го барале сите членови на големата Ју четворка (Динамо, Звезда, Хајдук и Партизан), а Црвено-белите не биле тие што нуделе најмногу.
„Ме бараа сите. Звезда, Хајдук, Динамо, Партизан. Ако верувате Хајдук дури нудеше најмногу. Но во семејството, после Вардар сите навивавме за Звезда. Мене посебно ме привлече таа генерација на Пижон која играше во финалето на Купот на УЕФА. Тоа што Звезда ми беше при срце беше решавачко да се преселам на Маракана. Ако гледав само финансии, ќе одев во Хајдук. Не треба да се заборави и дека на 18 години бев близу Динамо. Можеби и најблизу. Чиро Блажевиќ беше заинтересиран да ме доведе. Преговорите беа во тек. Во Загреб имав вујко кој таму живееше околу 40 години и преку него ме контактираа.
Тогаш во игра влегува и договор со Звезда. Тој договор го следеле разни приказни и анегдоти а една од нив е и дека Војо Кис (Војо Лалатовиќ, секретар во Звезда) со Фичо го „криел“ Скопјанецот од другите заинтересирани клубови. Спремни на понуди биле и Хајдук и Партизан и Динамо Загреб.
„Хахаха. Војо Кис и јас имавме една авантура. Тој мислеше дека сум лабилен и дека ќе се предомислам и ќе одам на друго место. А јас бев карактерен, кога давам збор давам. Меѓутоа, направивме една турнеа со кола. Бевме два дена во Словенија само за да потпишам во последен момент пред затворање на рокот за потпис (за да не може никој друг да го убеди). Се појавивме во Метропол и вечерта во 12 отидовме да потпишеме. Да сакав можев да го сменам мислењето и порано, но се одлучив дека ќе играм за Звезда и тоа е тоа", заклучува Панчев во интервјуто за српскиот Телеграф.
Нашето интервју со Дарко Панчев овде.