Контактирате ли се некој од Интер и кога последен пат сте биле на Меаца?
Имам контакт со некои играчи со кои сум бил во подобри односи, како на пример со Трамецани и Никола Берти. На Меаца не сум бил може да се каже подолг период и воопшто во Италија не сум бил одамна. Така се наместиле работите и не сум отишол, порано одев почесто.
Кога беше поквалитетна Серија А, сега или во ваше време?
Мојот одговор не мора да има некаква тежина, доволно е што самите Италијанци викаат дека како последните 7-8 години никогаш не била волку слаба лигата. Тоа го зборат тренерите, стручните лица. Така што и мојот одговор би се движел во тој правец. Во Серија А игра кој стигне, порано не беше така. Тогаш доаѓаа најбараните играчи. Повеќе не одат таму големите фудбалски имиња, а и гледаноста опадна многу.
Му свиреа ли лесно пенали на Јувентус во тоа време? Беше ли тогаш толку моќен?
Во мојот период не, тогаш Милан беше најмоќен клуб и објективно најјак тим со холандската тројка. Мислам дека тоа се водеше на еден подобар начин, немаше вакви глупости како што се случуваат во последните години, можеби тоа е резултат на неквалитетот. Имаше судиски грешки, ама да се фаворизира некој клуб, како сега што се прави со некои, немало такви ситуации.
Дали сте за користење модерна технологија во фудбалот?
Тоа што го воведоа со двајца судии до стативите мислам дека треба да биде максимум и е најдобро од сите новитети. Колку што ќе види справата дали е гол или не, ќе види и судијата, затоа и стој таму, тоа му е задача, а може да му помага на главниот судија и во други ситуации, дали некој симулира пенал или дали е пенал, така што тоа е одлично решение, нема потреба од технологија, бидејќи фудбалот никогаш нема да биде рагби, кошарка. Грешките ќе бидат составен дел од фудбалот засекогаш.
Има ли некое правило што би го смениле или вовеле?
Најреволуционерно правило до сега беше да не смее голманот да ја фаќа со рака топката кога се враќа назад. Во мое време тоа беше дозволено и многу пати се сеќавам кога ќе зашпринтав да ја пресечам, заборавав дека може да ја фати па се нервирав, тоа е сега веќе друго и мислам дека тоа малку ја убрза играта. Други правила мислам не се потребни, со мали измени фудбалот 100 години е ваков.
Што мислите за новиот проект на Вардар, ќе стаса ли лесно до Европа?
Не знам, не сум близок до Вардар, не знам што се случува, тоа ќе мора да одговорат тие што го водат клубот. Јас го следам од медиумите и што се однесува до квалитетот на екипата, сигурно дека направија најдобар тим кој ќе доминира во нашата лига, а тоа дали ќе биде доволно за да се направи нешто во Европа, тоа ќе мора да го видиме.
Како се случи соработката за отворање на фудбалска школа на Милан во Скопје и каде заглави работата?
Тоа беше пред 10 години, ја имам цела документација со тогашното Министерство за транспорт и врски. Ги добив сите документи, имав разбирање од Агенцијата за спорт за стопанисување со спортски објекти. Ми дадоа простор кај Алумина и малку поширок, но кога кажав на општината дека треба да го исчистат и да ми го ослободат просторот за да можам да почнам, имаше некои пречки, тие не беа способни тоа да го направат па излегоа некои проблеми бидејќи тогаш беше донесен законот за денационализација. Идејата ми беше да направам децата од Скопје да доаѓаат таму, не сакав да одам подалеку на пример во Катланово, тоа ќе беше подалеку за нив за доаѓање. Но тоа пропадна, а јас имав спремен проект со спортски центар. Инаку со Милан си имам контакти од порано, јас потпишав и преддоговор со нив пред да одам во Интер, имам и денеска добри релации со Галијани, со Браида, но сега Брајда не е веќе директор. Кога им ја кажав мојата идеја рекоа Дарко за тебе нема проблем, дури и бесплатно ќе ми ја дадеа лиценцата за да соработувам со нивната школа и нивни тренери да доаѓаат кај нас 3-4 пати во годината. Предноста на Милан ќе беше, тоа што тие ќе имаа право први да ги земаат најдобрите таленти, се разбира во договор со родителите на тие деца. Но за жал сето тоа не се реализираше поради папиролошка проблематика. После почна процесот на денационализација, никој веќе не мислеше на спортски објекти, сите почнаа да градат згради, градот се претвори во огромно градилиште во борба по приход и потоа видов дека тешко може да се најде простор. Инаку за да отворите школа ви треба најмалку 20 илјади м2. Тоа ви изгледа многу, а тоа се три игралишта. Во фудбалска смисла тоа не е премногу.
Имате право да изберете три работи што мислите дека би го оправиле македонскиот фудбал и да речеме дека тоа ќе се оствари. Кои би биле тие три работи?
Мислам дека малку се три работи за да се оправи нашиот фудбал. Фудбалот веќе со години оди во негативен правец. Јас и пред 10 години кога ја загубив битката за претседател на ФФМ, излегов и кажав, фудбалот не се води со подигнување на картички со „да“ и „не“, фудбалот е покомплексен, бара стручни лица, фудбалски имиња. Фудбалот не е бизнис, односно тоа е бизнис кои го видат фудбалери со помош на бизнисмени кои си го работат својот дел. Кај нас многу работите се измешаа и сè направија за да ги елиминираат фудбалските имиња ама мислам на големите, а не некој што играл во петта лига. Така што многу работи треба да се направат, а не три. Една од нив е подобрување на работата во школите. Мора да се вратат фудбалски имиња во нив и да се работи со помалку деца, а не еден да работи со 100 деца, како ќе ги научи инаку? Потоа укинување на членарините. Тие членарини може да се плаќаат во приватните школи, бидејќи тие приватни школи може да служат и како забава. Исто така мора сериозната работа да се врати во школите на фудбалски клубови, јер Македонија вадела големи играчи од Брегалница, Тетекс, Победа, Пелистер, Вардар. Од тука се ваделе играчите, а не од приватни школи. И тие си имаат добар социјален карактер, но треба пред сè во клубовите на тренерите да им се дадат нормални плати, да не зависат од чланарини и да можат да работат со 20 деца за да ги научат.
Чувствувате ли некои здравствени проблеми по завршувањето на кариерата или некој ваш колега ви се пожалил ли?
Нашата работа објективно е доста напорна физички и психички, со убави, но и неубави моменти, со патувања, со стресови. Може да се случи да ме боли нешто, но сега за сега некој посериозен проблем не дај боже не сум осетил.
Од кој голман ви било најмногу страв?
Во Белград имаше една шега која ја кажуваа навивачите кои викаа: Дали знаете на кој голман Дарко не му дал гол? И ако некој не знае, другиот ќе му рече па на оној што не бранел. Така што мислам дека беше обратно ситуацијата, веројатно голманите имаа страв од мене. Јас не сум размислувал зошто би се плашел од голман, зашто им давав голови на најдобрите светски голмани како на Шмајхел, Кан, Тафарел и ред други.
Која е најголемата лага што сте ја прочитале за вас во медиумите?
Имало лаги, но не сум ја мерел тежината на лагите. Има новинари кои од свои побуди некогаш ќе направат нешто дури неубаво спрема некого и кога ќе ги прашате и самите не знаат зошто, така што се случувале такви работи, али навикнат сум на тоа бидејќи од 17 години сум навлезен во светот на медиумите и сум престанал и да ги забележувам.
Ваш совет за децата што почнуваат сега со тренирање фудбал?
Македонија е поднебје која давала секогаш добри фудбалери. Ќе дава и натаму таленти но мислам дека тие деца не успеваат бидејќи работат по една лоша програма, не се работи со нив стручно и после влегуваат во една слаба лига, а добар играч во слаба лига не се станува. Јас ги разбирам потполно и затоа потоа многу таленти пропаѓаат. Не можам да сфатам една работа. Одредени бизнисмени вложуваат пари во кошарка или ракомет, а никогаш инвестираните пари не можат да ги вратат, бидејќи тој спорт не им го дозволува тоа. Во фудбалот објективно имаат шанси, како на пример ако влезат во Лига Европа или Лига на шампиони, или ако продадат некој добар играч, потоа ако се падне некој западноевропски тим па земат пари од преноси. Кај мене доаѓаат во кафиќ познати ракометари, пиеме кафе и велат да освоиш Лига на шампиони во ракомет наградата била околу 150 до 200 илјади евра, што е смешно, а се инвестираа по 2 милиони годишно. Не можам да разберам како свесно вложуваат толку пари, а знаат дека не можат да ги вратат. Кое им е задоволството не можам да сфатам.
Која е најголема мана да се биде шпиц во екипа?
Денеска да бидеш шпиц е многу полесно. Судењето е построго, многу се позаштитени играчите што играат напред, сите играат во линија, на офсајд замки. Не е како во мое време ќе ти стави фластер и 90 минути трча по тебе и во ве-це иде со тебе е буквално. Многу беше тешко да се ослободиш од него па од следниот. Сега со една лошо поставена офсајд замка ако си малку паметен можеш сам да излезеш пред гол. Така што мислам дека во тој поглед шпицовите се многу во предност, топките се многу подобри, ние игравме со бубамари, беа тешки за шутирање. Денеска да си напаѓач е лепота, па јас се сеќавам кога почнав да играм ќе те скршат од мавање, а не им даваа ни жолт картон, а сега за такви стартови што ги имале над мене одма црвен им даваат. Уф како сега не играв фудбал, баш ми е жал од таа гледна точка.
Дали ви е жал што заминавте во Интер?
Од денешна гледна точка да. Денеска многу работи се променија. Ако имаш добар менаџер се ти брка тој, и може и да не бидеш добар играч, но ако имаш добар менаџер ќе пројдеш некаде. Во мое време немаше менаџери, те пратат клубовите и доаѓаат да разговараат. Мене на 21 година ме бараше Арсен Венгер да одам од Вардар во Монако. Ме забележал на некој турнир кога сум бил со репрезентација на Југославија, дојде директорот на Монако во Континентал седевме, ама тие не ги знаеа југословенските закони тогаш, дека не смееш да одиш надвор, дека си млад, немаш војска. Тогаш те бараа ако вредиш, а сега доволно е да имаш добар менаџер а тој да има пријател кој е тренер и ќе те земе. Претседателот на Реал Мадрид доаѓаше два пати за мене со приватен авион во Белград, имаше по весници за тоа. Денеска ние не знаеме дали некој некого бара. Менаџерот на некој фудбалер ќе излезе и ќе даде изјава за својот фудбал дека го бара Барселона, а кој ќе знае дека е така, никој не може да го потврди тоа. Јас и кога го потпишав преддоговорот со Милан се знаеше тоа, излезе во весници. Мене ми е драго што ме бараа големите клубови, како Барса, Милан, Реал Мадрид. Исто така и Манчестер Јунајтед ме бараше после 6 месеци престој во Интер. Фергусон сакаше да ме донесе и прати факс. Тие ме бараа бидејќи ме ценеле. Во Интер заминав во една лоша атмосфера која се влечеше 2-3 години пред тоа бидејќи немале успеси. Второ немавме добра екипа, немавме европски гледано добар тим и не игравме добро. Јас навлегов во проблеми, се искарав со тренерот, го форсираше Скилачи кој дојде и беше близок со некои играчи на Интер.
Јас сето тоа го осетив, се искарав со тренерот, па со управата, посебно со еден потпретседател, Боски. И кога ќе влезете во една таква ситуација не можете да очекувате нешто. Но јас тоа можев да си го дозволам, зашто отидов таму со скоро 28 години. Освоив се претходно и не отидов таму да се докажувам, па да морам да молчам. Ако отидете како 20 годишен, ќе молчите, ако ви речат да играте бек, ќе играте бек, ако ве тегнат за уши исто мора да молчите, јер вие бркате кариера, треба да заработите. Ама јас направив голем трансфер и не сакав некој да се зеза со мене и можев да си дозволам да се искарам па дури и да ја прекинам кариерата. Јас така се поставив. Можеби беше погрешно, јас не велам дека тоа било правилно, можеби требало да ќутам и да цицам од две мајки што се вика па можеби ќе направев и подобра кариера во Италија, но јас бев таков, се искарав и после 3 години се заинатив, почнаа да ме уценуваат, да ми го намалуваат трансферот и тогаш реков кој ве шиша ако треба нема да играм има да ги платите парите и готово. Така тргна цела работа, така и заврши и после 3 години не се правеше кариера. На 31 година отидов една година во Германија, па во Сион, чисто колку да ја завршам кариерата. Можеби да сум постапувал на друг начин можеби и друго ќе било. Доколку сум отишол во Барса, Реал или Милан немало така да биде, можеби ќе сум имал соработка со поквалитетни и попаметни луѓе, тоа е, во кариерата има и падови и успеси, мене падот ми дојде на крај, сигурно не се по моја вина, можеби дел.
Најтежок меч во кариерата?
Обично тешки мечеви се оние кои си ги губел и како такви остануваат запаметени. Имаше еден меч во Скопје кој го загубивме со Железничар 5:0. Потоа на Светско кога не се пласиравме во полуфинале, тој меч ни беше тежок да го свариме. Во Звезда имавме претежно успеси, а тешки ни беа мечевите следната година како Европски прваци кога бевме казнети од УЕФА, не игравме ни еден меч во Белград и многу малку фалеше да се пласираме пак во финале. Ни беше многу тешко со Сампдорија и мислам дека не наместија во Софија со Сампдорија, судијата им беше наклонет, немаше допинг контрола, а прв пат се случи тоа, бидејќи нон стоп имаше допинг контроли. Дали беше сето тоа режирано, не можам да знам, али беше сомнително. Штета што таа година не се пласиравме пак во финале, иако игравме без 6 стандардни играчи. Си отидоа Просинечки, Стојановиќ, Шабанаџевиќ, Маровиќ и други и ние без пола екипа ќе игравме за малку во финале. Звезда беше многу силна и моќна, но не сечеа да не успееме во тоа.
Имавте ли ритуал пред натпревар?
Со Звезда тука бевме сместени во хотел Славија и имаше една црква блиску, па некогаш шетавме пешки за да запалиме свеќа, ама на поважните натпревари. Инаку некој посебен ритуал што го правев пред секој меч немав. Се концентриравме самите, секој на свој начин.
Како толку добро се вклопивте со Калински, како цел живот заедно да коментирате?
Златко е цел живот коментатор, но без разлика на тоа, тој не играл фудбал и веројатно тоа е тој недостаток што секој кој не играл фудбал го има во себе. Тоа не е голем недостаток, но е моја предност и во некој момент има ситуации кој Златко не може да ги осети. Јас бидејќи сум играл некои ситуации ги осеќам пред време, што би можело да се случи. И мислам дека тука се вклопувавме многу добро, јас со моите објаснувања. Јас не го водев мечот да кажам Дарко до Шарко, Шарко до Марко итн. Тоа го правеше Златко, а јас се вклучував со одредени коментари, се случуваше и да се шалам, бидејќи тоа е спорт, забава. Имаше некои кои коментираа дека не зборувам правилно македонски. Па како да збориме? Спортот е забава, а јас сум тука роден и користам скопски жаргон и за мене тоа е нормално и природно. Не можам да зборувам литературно, не е ова Струшки вечери на поезијата. Но добро секогаш мора да има и некој негативен коментар, но мислам дека повеќето беа позитивни коментари.
Точна ли е анегдотата со потписот на договорот со Црвена Звезда, дека сте го погрешиле?
Ова прв пат го слушам. Има вистина дека тогаш ме бараа други клубови, како Партизан, Динамо, Хајдук, ама за ова не знам. Јас точно знаев кај треба да се потпишам, претходно имав професионален договор и со Вардар. Оваа анегдота не сум ја чул, јас и Дејо заедно ги потпишавме договорите во општински фудбалски сојуз на Белград во 5 минути до 12, тоа намерно беше така изрежирано, за да не се прави гужва пред општината. Инаку ако имало грешка во потписот ќе ми кажеа веднаш.
Имате ли собири со шампионската генерација на Звезда?
Се слушаме, понекогаш и се гледаме. Кога ќе поминам во Белград се гледам со дел од нив, но најчесто се слушаме. Тоа се големи фудбалски имиња, секој си се снашол во својата средина, си има обврски, инаку се почитуваме, поминавме убави времиња така што мислам дека така и ќе остане засекогаш. Во нашава работа која носи рана спортска пензија, сеќавањата се тие што остануваат и со нив живееме.