Фудбалот денес е толку напреднат што дури им се замерува на голманите што не се високи над 180 сантиметри. Наводно немале потребна висина за таа професија и просто не им се дава шанса. Кога некој сериозно ќе започне да зборува за голманите од 170 сантиметри и пониски, веднаш го враќаат еден век порано. И не само поради нивото на фудбалот.
На голман каков што бил легендарниот Чехословак Франтишек Планичка во ’30-те години денес не би му дале да се доближи до голот затоа што имал 172 сантиметри. Тоа е една од причините што не станал славен како Лав Јашин, Гордон Бенкс, Питер Шмајхел и другите, иако го вбројуваат меѓу најдобрите голмани во историјата.
И наеднаш доаѓаме до голманот кој многумина го паметат од Светското 1994-та во САД. Легендарниот Хорхе Кампос кој беше „висок“ само 168 сантиметри.
На фотографијава (горе) сликана пред мечот Мексико - Јужна Кореа сите забележуваат дека Кампос виси над соиграчите, но ретко кој од прва забележува дека стои на топка.
Малиот Мексиканец ја заврши кариерата во 2004. година, но светот можеби веќе никогаш нема да види голман со таков стил и одбрани од човек кој е понизок по раст од Лионел Меси.
Кампос не можел да се ограничува себеси само на едноставното голманско позиционирање, напротив, неговиот стил на бранење беа акробатските скокови со кои ги бранеше не само лесните топки туку и оние најсилните. Како поинаку да се надомести недостигот од раст ако не со неверојатни рефлекси и одраз?
Истовремено Кампос постојано играше со топката пред голот како кловн во циркуска арена, а таквиот стил селекторот на Мексико пред повеќе од 20 години го нарече „Стил на игра на следниот век“. И беше во право.
Статистиката од 130 настапи за Мексико не му е само од смешни дуели против прекуокенските земји. Кампос бранеше на дури три Светски првенства против играчи од калибарот на Христо Стоичков, Роберто Баџо, Јирген Клинсман, Денис Бергкамп, Габриел Батистута и сите останати ѕвезди.
Во 1994. година целиот свет ги виде неговите солзи после серијата пенали против Бугарија во осмина-финалето каде тој го одбрани првиот удар, но Мексиканците ја расипаа предноста со три промашени пенали и испаднаа од „групата на смртта“.
Четири години подоцна, на Мундијалот во Франција Мексиканците без пораз ја минаа групата. Хорхе Кампос во осмина-финалето против Германија бранеше одлично, неговата селекција водеше со 1:0 до 75’ минута, но до крајот загуби со 2:1 и Кампос повторно плачеше.
Во Јужна Кореа и Јапонија во 2002. година на 36 години седеше на клупата, но испаѓањето во нокаут фазата не го вознемири толку затоа што претходно со него на голот Мексико го освои златото на Купот КОНКАКАФ.
За сето тоа Хорхе Кампос го заслужи признанието еден од најдобрите голмани на својата генерација, а официјално стана и 29-от голман на листата најдобри голмани на векот според IFFHS. Треба да се додаде уште и дека Хорхе Кампос во 1993. година добил „Бронзена ракавица“ како трет најдобар голман на светот.
Светот ќе го памети по екстравагантните шарени дресови и шорцеви.
Мундијалот во САД 1994 бил главниот настан во животот на Кампос. Таму ја претстави својата најнова колекција и секој меч излегуваше на теренот во нов психоделичен дрес чијшто дизајн го разработувал сам лично. Дресовите беа толку шарени што некои противнички напаѓачи се жалеа дека ги болат очите додека напаѓаат кон него.
„Сакам силни светли бои. Се навикнав на нив во Акапулко каде се родив, пораснав и научув да сурфам на бранови. Тоа е акапулска мода ако така сакате и мене ми се пројави желба да ја префрлам во фудбалот. Кога си меѓу играчите треба да си облечен исто, но кога си на голот просторот за фантазирање не ти е ограничен“, објаснувал тогаш Хорхе Кампос од каде му дошла креативната идеја.
Кампос извесен период во кариерата играл и како напаѓач. Неговата кариера е тесно поврзана со Мексико, но тој играл и за американските тимови Лос Анџелес Галакси и Чикаго Фајр. На фудбалскиот „Ол-Стар“ во МЛС во 1997. година играле Истокот против Западот, а по една асистенција на Карлос Валдерама, Кампос постигнал ефектен гол.
Најдобриот гол во кариерата го постигнал во првенството на Мексико за тимот на Атланта кога пред крајот од еден меч тренерот го ставил вториот голман на голот, а Кампос го пуштил во напад. Хорхе ја искористил шансата и во последните секунди дал еврогол со ножички.