Приказната за фудбалскиот пат на Дино, другиот Баџо

Како еден гест сруши одлична кариера

Живееше во сенка на неговиот презимењак Роберто, но тоа не го засени да стане еден од најголемите фудбалери на Италија кој три пати го освои Купот на УЕФА и стрелаше на Мундијалот во САД ’94. Се побуни против системот и ја загуби битката со големците.

Тренерот на децата во малото место Томболо, Чезаре Кривеларо ги земал неговите двајца најдобри фудбалери на регионалната проба на таленти.
 
До местото Селвацано каде бил собирот на најдобрите млади играчи од провинцијата Падова имало 40 километри. Таму неколку скаути од Серија А, меѓу кој и Бруно Сола скаутот на лидерот во првенството кон крајот на ’80-те, Торино.
„Ви пишувам, ви праќам писма и телеграми, но ни трага ни глас од вас. Што е работата“?, прашал Сола? - На кого сте му пишувале? Јас не сум добил никакво писмо од Торино, на која адреса праќавте“?, одговорил тренерот Чезаре.
Едно од двете деца со него на собирот бил 13-годишниот Дино Баџо. Додека неговиот тренер зборувал со човекот од Торино, Дино се сликал со Даниеле Масаро неговиот идол кој во Падова играл на мечот Италија У21 - СССР У21.

„Може ли да се сликаме“? - Може. Кој си ти“? - Јас сум јас, му одговорил Дино на човекот со кој 12 години подоцна ќе игра заедно во финалето на СП 94 во САД.
Скаутот на Торино бил воодушевен од малиот Баџо и го поканил на проба кај Биковите. Радоста на малиот Дино му ја прекинал секретарот на клубот Томболо, Пјеро Пивато.
„Каде ќе одиш, кој ќе ти плати пат до Торино, сместување, храна? Јас сигурно не“, му одговорил Пивато и тогаш станало јасно кој ги криел писмата адресирани од Гранде Торино.
На крај родителите на Дино решиле да ги земат трошоците на себе. Иако на почетокот биле скептични и го терале да го заврши осмото одделение, па после да замине, чичко му на Дино бил тој кој инсистирал малиот да продолжи со фудбалот. Од малото место Томболо до Торино, Баџо отпатувал со воз со тренерот Кривеларо.

Кога стигнале на станциата Порта Нуово малиот бил зачуден од грандиозноста на железничката која била голема речиси колку неговото село. Иако играл со отечен палец на левата нога, малиот Дино стиснал заби и дал два гола, што било доволно луѓето од Торино да решат да го задржат. Мајка му Нивес и татко му Наполеоне не сакале да го пуштат, а баба му Антониета му купила нови копачки со визија дека ќе стане познат фудбалер во Серија Ц.

„Добредојде во најдобрата академија во Европа", му рекол Лучано Моџи, тогашен спортски директор на Торинезите во друштво со неговиот партнер Лучано Ницоли.

Малку му требало на Дино Баџо да се привикне на амбиентот во големиот град. Се здружил со Џузепе Панкаро кој подоцна стана шампион на Италија со Лацио и Бенито Карбоне. Првата беља ја направиле на турнирот У-15 во Франција каде играле со Торино.

Малите селани првиот ден го разгледувале градот и еден ден решиле да „дрпнат" нешто од еден бутик. Додека Карбоне ја забавувал младата продавачка и ја учел италијански зборови, Панкаро и Баџо краделе маички.

Газдата на бутикот забележал дека нешто не е во ред, па следниот ден им направил заседа. Панкаро и Баџо избегале, а Карбоне паднал во раце на грубиот газда кој го скршил од ќотек. Во градот се кренала врева, а финалистот на турнирот Торино бил избркан од натпреварувањето поради скандалот. Тренер на младинците во Торино бил Серџо Вата кој фудбалски ги воспитувал и Кристијан Виери и Џанлуиџи Лентини кој во еден момент стана најскапиот фудбалер на светот. Вата бил голем мотиватор. Пред дербито со Јувентус им рекол на дечките: „Чуствувате ли како смрди? Јувентус доаѓа. Знаете зошто смрди вака? Тие се покакани од страв".

Вата бил многу строг не само со противнците. По слабата игра на Дино Баџо во првиот дел, на полувремето го чекал со чадор во рака, но овој му побегнал во тоалетот. „Излегувај, дека ќе ја скршам вратата а и главата", му викал Вата кој со тоа го мотивирал Дино кој во вториот дел дал три гола.

Во септември 1990. година дебитирал за првиот тим на Торино во Серија А. Екипата го освои петтото место и обезбеди Куп на УЕФА, а на крајот од сезоната му пришол претседателот на клубот Џан-Мауро Борцано: „Сакаш да прејдеш во Јувентус"?, Дино немал време ниту да помисли што го прашал а Борцано дофрлил: „Веќе те продадовме во Јуве".

Со контроверзниот Борцано Торино се врати од Серија Б во А, стигна до финалето на Купот на УЕФА но подоцна Џан-Мауро бил уапсен под обвинение за малверзации и фиктивен банкрот, како и сокривање на пари при астрономскиот за тоа време трансфер на Лентини во Милан.

20-годишниот Дино за некој ден се најде на промоција со новите фудбалери на Јувентус од Баерн Минхен, Ројтер и Колер како и со голобрадите Конте и Перуци. Тренер на Јуве тогаш беше Џовани Трапатони.

Сепак веќе следното утро, директорот на Јувентус Џампиеро Бониперти му пришол на Дино Баџо и му рекол: „Позајмен си на една година во Интер. - Како тоа, пред неколку часа се сликав со навивачите на Јувентус. Така, ќе играш тамо една година за истите пари од договорот со Јуве и ќе се вратиш како позрел", му одговорил Бониперти.

А во Интер го чекаа Матеус, Клинсман, Никола Берти и Бреме. За кратко време Баџо стана главен играч во тимот на Интер и заработи повик во италијанската репрезентација од Ариго Саки. Одличниот играч за врска играше и за Италија на Олимпијадата каде селектор им беше Чезаре Малдини. Уште во есента 1990-та Малдини го видел Дино кога играл за Торино и решил често да го вика. Баџо играше и на СП 1998 под водство на таткото на Паоло.

На Олимпијадата Дино Баџо се запознал со неговиот двојник Горан Иванишевиќ, а едно утро доручкувал и со Карл Луис. После Олимпијадата Дино се враќа во Јувентус каде ја делел собата со Антонио Конте. Стогиот Трапатони не легнувал да спие додека сите соби не се смират. Шетајќи низ ходникот забележал дека во една соба се гледа телевизија, а кога влегол ги видел Баџо и Конте како гледаат филмови за возрасни.

Во првата сезона во Јуве, Дино Баџо играше во средината на теренот, даде шест голови а половина од нив против Борусија Дортмунд во финалето на Купот на УЕФА. Тогаш финалето се играше со реванш. Јуве славеше во Германија 1:3 со еден гол на Дино и два на Роберто Баџо.

По крајот од мечот во соблекувалните на Вестфален, Виали, Дино и Роберто Баџо од радост го кренале Трапатони и тргнале да го фрлат во водата од среќа. Трап од џебовите на костумот тресел картички, новчаник, пенкала, пари, цигари, мастики.

Еден месец после големата прослава на успехот во Купот на УЕФА, Дино, Роберто Баџо, Виали и голманот Перуци отишле на лов. Ловџија бил само Роби, а останатите му правеле друштво. Целта била уловот да се руча во ресторанот Da Rome' во Падова.

Во сред лето на високи температури, Роберто го викнал Дино со него. „Земи четири лименки студена кока-кола и влези во дрвенава преграда. Немој да си зуцнал за да не ги исплашиш. Кога ќе ти дадам знак, отварај ги брзо лименките за да пукам во патките кога ќе прелетаат".

Не знаејќи дека го местат, Дино цели три часа се потел во дрвената преграда чекајќи знак од Роберто Баџо кој во меѓурвеме се вратил во ресторанот на ручек.

Во друга анегдота од лов, Роберто сакал да го мести Перуци. Но Виали избрзал и почнал да имитира знак на патки и да ги тресе дрвата. Шегата краела тратко затоа што некој од нив запукал со гумени куршуми и сериозно го повредил центарфорот кој тоа лето ги пропуштил припремите на Јувентус.

Во 1993. година Дино Баџо го постигна голот против Португалија со кој Аѕурите се квалификуваа како победници во групата на СП '94 во САД. Следуваше повреда на коленото на Дино Баџо против Виченца поради која долгокосиот фудбалер беше неизвесен за големиот настан тоа лето.

Во исто време повреден бил и попознатиот Роберто, па двајцата отишле кај најдобриот физиотерапевт во Италија, Антонио Пањи. Тој ги опоравил и двајцата кои беа спремни да тргнат за Њујорк, каде ги пречекаа стотици италијански доселеници. А таму, на Светското Италија загуби во првото коло од Република Ирска, после што мораше да ја победат Норвешка за пласман понатаму. Рано останаа со играч помалку по исклучувањето на Паљука во 10-та минута, но Дино Баџо на центаршут на Бепе Сињори постигна ефектен гол со глава за победа на Аѕурите.

Следуваше дуелот Италија - Нигерија во кој Африканците имаа водство 1:0 од 25-та до 88-та минута кога Роберто Баџо најпрвин израмни, Дино спаси чист гол на линија, а во продолженијата повторно Роберто ја прати Италија во четвртфиналето. Следен противник им беше Шпанија, а токму Дино Баџо тука го постигна најубавиот гол во кариерата со чудесен шут од 25 метри за 2:1.

И покрај одличниот настап на Мундијалот, Дино и натаму го нарекуваа „оној вториот Баџо". Во едно интервју во пресрет на финалето со Бразил тој незадоволен изјави: „Со години, никој не ме знае како што сум и сега после неколку натпревари на СП сите викаат другиот Баџо. На крајот, можеби ќе им покажам дека имам свое име и презиме".

Болниот пораз во финалето кога Роберто го промаши одлучувачкиот пенал против Бразил и моментот кога Барези кој исто промаши пенал во серијата, решил во знак на извинување да ја почести пица целата експедиција се дел од незаборавните моменти на оваа генерација.

По враќањето од САД, Дино дознава дека Јувентус и Парма преговараат негов трансфер во кој требало да биде вклучен и 19-годишниот Дел Пјеро. Баџо најпрвин не сакал да прејде, но подоцна прифатил свесен дека во Парма се гради голем проект (Турам, Креспо,Ортега, Буфон, Балбо, Асприља).

Со Млекарите на два пати го освои Купот на УЕФА, но во Полска за малку не одигра трагичен натпревар. Во осминафиналето против Висла во Краков од трибините некој го погоди Дино Баџо со нож поради што му сошиле 5 конци на раната од 10 сантиметри. Полјаците беа исфрлени од УЕФА, а сторителот добил повеќегодишна затворска казна.

Беше еден од најдобрите играчи во тоа време во Италија сè до моментот од 9. јануари 2000. година. Јувентус беше прв со два бода пред Парма и гостуваше на Енио Тардини. По само неколку минути игра, пенал за Јуве и црвен за Торизи поради фаулот над Инзаги (подоцна се испостави дека Пипо правел фаул). Во тензична атмосфера пред преполн стадион, Дино Баџо остро стартуваше над Ѕамброта и доби директен црвен картон. Правдата беше задоволена кога Креспо во 90-та минута израмни на 1-1 со 9 играчи, а во последното коло Јувентус ја загуби титулата во дождливата Перуџа (Лацио освои скудето).

Лут и бесен плукна кон судијата Фарина и со рацете гестикулираше дека земал пари „од горе“ да свири за Јувентус. Поради тоа Дино Баџо беше казнет со 200.000 лири, три натпревари во Серија А и два меча суспензија од италијанската репрезентација. Тој момент значеше и негово целосно шиканирање од Лучано Моџи и големците кои ги кроеа настаните во италијанскиот фудбал. Имаше само 28 години и веќе никогаш не стана стариот добар Дино.

Во биографијата објавена пред неколку години напиша: „Оној кој прави грешки, ќе плати - тоа е пораката која што ја добив од системот“. Подоцна имаше проблеми во Лацио со конкуренцијата на Верон, Симеоне и Дејан Станковиќ. Играше уште и за Анкона, Блекбурн и Триестина и се повлече од фудбалот. Денес игра со репрезентацијата на ветераните на Италија и се сеќава на кражбите со Панкаро и Карбоне, на железничката станица во Торино, на Големиот Кањон во САД и на голот против Шпанија.