Цели 10 години поминаа откако Кристијано Роналдо за првпат се појавил на чело на топ листата најскапо платени спортисти според Форбс. Во таа деценија Кристијано Роналдо скокна од Реал Мадрид во Јувентус, па преку Манчестер Јунајтед конечно си најде гнездо во Ал Наср во Саудиска Арабија.
Роналдо сега четврти пат по ред и шести пат вкупно ја предводи листата најскапо платени играчи. Во последните 12 месеци тој заработил околу 300 милиони долари без давачки за даноци и проценти за менаџерите.
Тотално од клубот според договорот добил 235 милиони долари и плус околу 65 милиони долари од реклами, лиценци, колекционерски картички и други приходи.
Португалецот е близу до неверојатниот 1.000 јубилеен гол во професионалната кариера, подвиг што никој никогаш не го направил (Пеле има над 1.000 регистрирани голови но голем дел од нив се и од пријателски и ревијални натпревари).
Роналдо сега се израмни со Мајкл Џордан со шест појавувања на листата најскапо платени спотисти а пред нив е само Тајгер Вудс кој дури 11 пати беше прв на чело на листата.
Со 300 милиони долари Роналдо се израмни со Флојд Мејведер кој оваа сума според магазинот Форбс ја заработил во 2015-та година. Форбс почнал да мери и јавно да ги објавува заработките на спортистите од 1990-та година. За разлика од 2025-та година, Кристијано Роналдо има зголемување на заработката за 25 милиони долари.
Возачот во Формула 1, пилотот на Ферари Луис Хамилтон во последните 12 месеци заработил 100 милиони долари и го подобрил својот личен рекорд од 82 милиони долари заработени во 2021-ва година додека возеше за Мерцедес. Тука при врвот е уште и Шохеи Охтани ѕвездата на Лос Анџелес Доџерс во бејзбол лигата на САД кој заработил 127,6 милиони долари за 1 година. Досега најголема заработка во овој спорт ја имал Хуан Сото од Њујорк Метс кој лани во 2025-та заработил цели 114 милиони долари!
Боксерот Канело Алварез ги наплатил сите примени ударци со астрономски 170 милиони долари. Лионел Меси од Интер Мајами и од спонзори и реклами добил 140 милиони долари за 12 месеци. Леброн Џејмс е во топ10 со 137,8 милиони долари.
Интересно од настапите на терени или во ринг, најплатените топ10 спортисти заработиле 902 милиони долари. Лани само од настапите добиле повеќе (920 милиони долари) а во 2024-та рекордни 978 милиони долари. Но затоа пак заработиле околу 513 милиони долари од нивните спонзори и бонуси.
Бејзбол играчот Охтани најголем дел од парите заработил од страшно лукративни договори со западните брендови Фанатикс, Хуго Бос и Њу Баланс како и од компаниите во неговата родна Јапонија како ФамилиМарт, Ито Ен чајеви и Сеико часовници.
Од младите спортисти, до 25 години најмногу заработки во последниве 12 месеци имаат Ерлинг Халанд - 80 милиони долари, Ентони Едвардс (кошарка, Минесота Тимбервулвс) 69 милиони долари, Карлос Алкараз (тенис) - 61,5 милиони долари, Винисиус Жуниор - 60 милиони долари, Кејд Канингем - 58,6 милиони долари и Јаник Синер 54,6 милиони долари.