Народе, крив си!

Ти би да бараш правда со „лајк" на Фејбсук. Ти би сакал со „шер" да го разбиваш криминалот, а со „клик" да апсиш злотвори. Ти би сакал сè, но за тоа сè да не направиш ништо. Е нема да може, народе.

Народе, виновен си!

Е доста ми е и од тебе народе. Доста ми е од тебе и од твојата неукост, неупатеност и незаинтересираност. Доста ми е од твојата летаргија, мрзливост, негрижа и незнаење. Доста ми е, веќе, и од твоето молчење и од секој неизговорен збор.

Доста ми е од твојата пасивност, чекањето подобро утре и неправењето ништо. И конечно, доста ми е и од твојот стравствен, единствен и најголем ангажман во плукање по актуелната власт, која и да е таа. Тоа е единственото што го правиш и најдобро го знаеш. Тука единствено и се гледа дека постоиш. Толку да се залагаше за каква било промена, веќе подобро ќе живееше.

Е да знаеш, доста ми е од тебе.

Како да е воопшто важно која власт те мачи гладен, се додека гладен и беден признаваш чија и да е власт на своја земја. Како да е власта виновна што немаш свест за сопствената важност и што си ѝ дозволил да се издигне толку над тебе. Како да е власта виновна што си неук и необразован и што може да те влече за нос и секоја „неписмена будала", ако сака, само ако стане свесна колку не знаеш и колку не се интересираш. Како да е власта виновна што си се исклучил од сопствениот живот, што си ѝ го дал во рака и си дозволил од неа да ти зависи и денес и утре. Како да е власта виновна што може да те користи како предмет затоа што тебе не ти пречи да бидеш ни предмет, ни средство, ни да бидеш помал од афионово зрно. Како да е власта виновна што ѝ се може. Како да е власта виновна што си ѝ допуштил да ѝ се може. Како да е власта виновна што ти немаш желби, што немаш барања, што не поставуваш услови и не очекуваш резултати од она што си ѝ го дал на управување - својата држава. Како да е власта виновна што немаш знаење за своите права, па може жеден да те пренесе преку вода и што немаш свест за своите потреби, па ти се задоволуваат со минимум. Како да е власта виновна што ти не знаеш дека твоето ти припаѓа, па во сопствената куќа се однесуваш како гостин.

Не народе, не ти е виновна власта. Виновен си ти.

Виновен си затоа што не се сакаш, не се цениш, не го цениш знаењето и не сакаш да учиш. Затоа што те мрзи да се заинтересираш и затоа што сакаш сè на готово. Виновен си затоа што не ги цениш ни татка си, ни мајка ти, ни дедо ти, ни прадедо ти, ни секој оној кој пролил крв за да ти остави некое парче земја во наследство за барем ти да живееш со помали маки. Виновен си затоа што не го почитуваш секој историски јунак кој со своето залагање те направил слободен човек, сметајќи од почетокот на човечката цивилизација па до денес. Виновен си затоа што вистински те интересира единствено каков г'з има Станија, колку силикони променила Сораја и како да заебеш некого за 100 евра и „чесно да се збогатиш". Виновен си затоа што тие мрско да се разбудиш, да се задлабочиш, да размислиш и да престанеш да сереш за светската политика, за теориите на завера и за претседателот на државата, читајќи и впивајќи сè што ти сервираат медиумите, без тронка сопствено критичко мислење. Виновен си затоа што одбиваш прифаќање секаква одговорност за сè во што живееш денес и затоа што за сè ти е крив некој друг. Виновен си затоа што си незрел.

Ти би сакал некои други да ти го скројат животот па да впловиш во него како во мајчина прегратка, онака безгрижно за никогаш да не се запрашаш како функционира светот околу тебе. Ти би да не ти е гајле, гајлето да те заобиколи, да си лишен од секакво чувство и товар на одговорност кон иднината, кон своите деца, кон себе, кон другите и кон светот во кој живееш, и да чекаш тоа другите да го завршат, па да ги загризаш, ако е можно, само тие плодови на туѓиот труд. Ти би сакал да си ослободен од секакво размислување, делување, борба и залагање и „некои таму" да ти направат „Шведска", а во неа мирно да живееш и никогаш да не се запрашаш по кој пат се пристигнува до неа. Ти би да го преспиеш сиот ентузијазам на блесавите занесеници кои мислат дека можат да го променат светот и дека тие, додека потајно ги исмеваш, по можност, ќе те разбудат кога сите срања ќе минат. Ти би сакал леб без мотика, држава без визија, среќа без занес, битка без борба, ред и дисциплина без капка сопствена пот. Ти би сакал љубов и семејство, но други да ти ги скројат правилата, затоа што нив не можеш да ги пронајдеш во твоето срце, затоа што ти е гадно да ѕирнеш во него. Ти би сакал детето да ти го воспитува градинката, а школото да го учи на живот. Ти би сакал култура, но не ја живееш ни во сопствените четири ѕидови. Ти би државата да ти ја водат и да те хранат неколку непознати луѓе, па да можеш раат да спиеш, а не му веруваш ни на сопствениот брат. Ти би да бараш правда со „лајк" на Фејбсук. Ти би сакал со „шер" да го разбиваш криминалот, а со „клик" да апсиш злотвори. Ти би сакал сè, но за тоа сè да не направиш ништо.

Е нема да може, народе.

Залудно богохулиш, а на Бога не се молиш, не ти е Бог крив. Крив си самиот ти, затоа што ќутиш, не ти е гајле, не се грижиш и си ја гледаш само својата работа. Виновен си затоа што со негрижа и со невнимание си ја запоставил и си ја занемарил сопствената држава и не ти е гајле за иднината. Крив си затоа што фантазираш за бегство во некој друг, подобар, туѓ свет, за кој другите се бореле за ти во него мирно да живееш. Виновен си повторно затоа што си мрза, и затоа што сакаш сè на готово и да уживаш во нешто што другите го создавале на свој грб. Крив си што си инертен, што се откажуваш од себе, што те влече секојдневието и што лесно се вклопуваш во стадо. Крив си затоа што спиеш, пцуеш и лаеш на сè што ќе стигнеш, и затоа што и по сето напишано овде ќе помислиш: „Ма кур ме боли, не е моја работа".

Народе, крив си!!!

Си.

Марин Свијет

11 февруари 2016 - 14:13