Јуве со допинг до титула во Лигата на шампиони

Италијански експерти за допинг тврдат дека фудбалерите на Јувентус користеле недозволени средства кои во тоа време не можеле да се откријат за време на финалето од Лигата на шампиони во 1996-та година кога го совладаа Ајакс по изведување на пенали.

На повидок е голем скандал кој ќе биде разоткриен во емисија која ќе се емитува на холандски ТВ канал во недела на 26 мај. Во оваа емисија докторот Џузепе Д'Онофрио говори за невообичаените вредности добиени по испитувањето на крвта на фудбалерите на Јувентус.

Италијанскиот експерт за допинг говорел за овој скандал уште во 1998-та година, но во тоа време тој не можел да го докаже неговото тврдење. Според Д'Онофрио и неговиот колега Алесандро Донати, нивото на хемоглобин во крвта на фудбалерите на Јувентус е невообичаено високо, а тоа може да се постигне со забранетиот хормон Еритропоиетин (ЕПО), а помалку веројатно е дека тие правеле и трансфузија на крвта.

Нивното тврдење е базирано на документите кои биле запленети од канцелариите на Јувентус во 1998-та година.

Допингот во Јувентус беше докажан во 2004-та година кога судот во Торино го осуди клупскиот доктор Рикардо Агрикола на 22 месеци затвор заради дистрибуирање на недозволени супстанци помеѓу фудбалерите во периодот од 1994-та до 1998-та година.

Во финалето на Лигата на шампиони во 1996-та година на стадионот Олимпико во Рим, Ајакс и Јувентус играа 1:1 по регуларните 90 минути и на крајот Јувентус триумфираше со 4:2 по изведувањето на пенали. На овој натпревар за Јувентус настапија и Перуци, Ферара, Дешамп, Конте, Вијали, Дел Пјеро, Раванели...

22 мај 2013 - 09:50