Борусија Дортмунд вечерва против Арсенал ќе игра без 7 првотимци, па тренерот Јирген Клоп даде необичен одговор на новинарското прашање кога ќе дојде крајот на малерите со повредите.
„Кај нас во Германија сè има крај, освен колбасот којшто има два краја. А во врска со тоа дека ќе станам тренер во Премиер лигата, мислев дека новинарот што ме праша е сериозен човек. За такво нешто ми треба познавање од јазици, а од странските знам само малку англиски. Тоа можам да го кажам. Ме прашаа што мислам за периодот после Борусија и одговорив дека не мислам ништо, затоа што уште сум овде. Не размислувам во моментов за мојата иднина“, изјави харизматичниот Клоп.
Според англиските медиуми, разликата меѓу Венгер и Клоп е тоа што вториов знае да прифати одговорност и да признае дека е крив за лошите резултати во првенството.
„Одговорен сум за лошите резултати. Лесно е кога славиш победа и се правиш заслужен за тоа. Многу е потешко да се носиш со чувството сега, кога знам дека сум виновен. Грешките се мои и ќе се обидам да работам најдобро што можам. Затоа не мислам на ништо друго, па ни на нова работа“, констатираше тренерот на Дортмунд.
На истата прес конференција зборуваше и Арсен Венгер, кој ги одби критиките на Алишер Усманов, кој изјави дека Венгер слепо се држи до принципите и затоа клубот тапка во место и го има најлошиот старт во последните 32 години во Премиер лигата.
„Во 18 години колку што сум овде, покажав дека знам да трпам критики. Секој има право на свое мислење, а ние покажуваме колку вредиме со тоа што сме солидарни и кога губиме. Втора работа е што кога имаме нешто да си кажеме, си кажуваме во лице, а не преку весниците. Не го сфатив тоа (изјавата на Усманов) лично, но го почитувам неговото мислење. Ако си од овој клуб, тогаш си од овој клуб и не може да зборуваш како некој од надвор. Кога си толку долго време во фудбалот, не знаеш за зборот криза. Ќе треба да отворам речник и да видам што точно значи тој збор", жестоко му одговори Венгер на вториот по големина акционер во Арсенал, Алишер Усманов.
По суспензијата од еден натпревар во екипата се враќа Лоран Кошелни, а отсутни ќе бидат голманот Шчешни, Тео Волкот и Џек Вилшер поради повреди.