Узманов е бизнисмен од Узбекистан а во Арсенал има 30% од акциите. По поразот од Манчестер Јунајтед викендов, Узманов зборуваше за CNBC каналот каде изјави дека не му сеедно што клубот не напредува.
„Екипата има потенцијал, но нема самокритика и признавање на сопствените грешки. Ниту еден генијалец не може да го одржи нивото на работа, ако не ги признае сопствените грешки. Само ако човек ги признае грешките може да се соочи со проблемите. Тоа му го посакувам на мојот клуб“, отворено зборуваше Узманов.
Саботниот пораз од Јунајтед, беше 11 на последните 15 натпревари против „црвените ѓаволи“, а избраниците на Арсен Венгер победија на само 4 од 12 натпревари досега во Премиер лигата.
„Повторуваме некои резултати од година во година. Се радуваме на пласман во Лигата на шампионите, но регуларно испаѓаме во нокаут фазата секоја година. Како инвеститор тоа не ме радува. Го сакам Арсен поради неговите принципи, но принципите се и еден вид ограничување на можностите. Поради тоа некои тренери без никакви принципи станаа најдобри на сите времиња“, Алишер Узманов ја заврши критиката кон Венгер.
Французинот е тренер на Арсенал од 30. септември 1996-та година, кога го замени Брус Риох. Пред Арсенал, Венгер ги тренираше Нанси, Монако и јапонска Нагоја. Арсенал се пласираше во следната фаза од ЛШ, а во среда ја пречекува Борусија Дортмунд во Лондон.