Во Турција има една позната фотографија направена на свадбата на еден од најголемите фудбалери од оваа земја, освојувач на Купот на УЕФА кој играше во полуфинале на Мундијал и кој важеше за идол на многу генерации.
На таа фотографија, Хакан Шуќур, некогашниот омилен центарфор на секој Турчин на Земјината топка, седи до двајца возрасни луѓе, претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган и свештеникот Фетулах Ѓулен.
Свадбата требала да биде еден од најсветлите и најубави моменти во животот на Хакан, но не било баш така.
Жената која што ја оженил тој ден починала, татко му на Шуќур завршил во затвор, а фудбалерот со 112 настапи за Турција беше присилен да живее во прогонство далеку од дома. Ако некогаш му текне да се врати во родната земја, таму го чекаат обвиненија за навреди на претседателот и терористичко здружување против владата.
Хакан по се изгледа веќе нема да го види татко му пак, ниту пак целиот оној народ кој некогаш му се поклонуваше. Шуќур ја изгуби својата татковина.
Имало и други фудбалери кои неславно завршиле по крајот на својата кариера, но ни приближно како приказната на „Бикот од Босфорот“.
Хакан беше легенда во земјата во која јадат фудбал, пијат фудбал, спијат фудбал, живеат фудбал. Имаше се: рекорден стрелец за Галатасарај и репрезентацијата на Турција, имаше голем респект каде и да се сврти меѓу навивачи од другите гиганти, Фенербахче и Бешикташ. Хакан се проба и во англискиот фудбал - запиша девет настапи за Блекбурн Роверс во сезоната 2002/2003 кога даде два гола.
Во 2002 година на Светското првенство, против Јужна Кореја направи чудо кога даде гол за само 10,8 секунди игра - тоа и натаму е најбрз гол во историјата на еден голем турнир.
Откако на 36 години реши да ги закачи копачките на клин, некое време работеше како стручен коментатор а набрзо влезе и во политиката. Стана член на конзервативната партија АКП (Adalet ve Kalkınma Partisi) денес најмоќната партија во Турција под водство на Ердоган.
И оддеднаш, како преку ноќ, фотографијата од почетокот на овој текст пребледе а се што тој освои беше фрлано, бришено и уништувано.
Се развел од првата жена. Неговата поранешна сопруга Есра загинала во страшниот земјотрес во 1999. година кога во Истанбул и Измир загинаа најмалку 17.000 луѓе. Шуќур за време на престојот во Турција беше почитуван коментатор на државната TRT. Важел за врвен стручњак кој секогаш има интересни и необични запазувања. Се оженил по втор пат и добил три деца.
Во политиката навлегувал се повеќе и во еден момент станал пратеник на владеачката партија, онаа чијшто лидер ден денес е претседателот на Турција. Но Хакан паралелно со тоа останал во добри односи со Ѓулен, другиот човек на свадбената фотографија, човек кого Турција денес го бара по секоја цена да му суди за организација на државен и воен удар.
Фетулах Ѓулен е фигура од сенка којшто живее во Пенсилванија (САД) но низ годините очајно се обидувал да се врати во Турција. Во 2013-та година кога владата одлучи да ги затвори училиштата водени од Ѓуленистите (ова движење има проширена мрежа на школи во светот), Шуќур дал отказ во владеачката партија и станал независен, самостоен пратеник. Тогаш веќе фудбалот бил далеку од неговиот фокус а проблемите само што почнале.
Паралелно со „ловот“ на Шуќур почнале и неговите самостојни настапи па така еднаш избила контроверзија кога на предавање на некој универзитет рекол: „Јас сум Албанец, оттаму не сум Турчин“ и ги разбранил духовите.
Татко му на Шуќур е роден во Приштина, на Косово.
Во 2016-та година Шуќур бил обвинет за навредување на претседателот на социјалните мрежи. Му се судело во отсуство во јуни таа година. Хакан тогаш изјавил дека немал намера да го навреди претседателот туку судиите.
Потоа, во јули таа година следуваше неуспешниот воен удар за чија организација ги обвинија Ѓуленистите. Тогаш во средиштето на најнаселениот град во Европа се гледаа тенкови, пукотници, авиони, војска и народ на улиците. Повеќе од 300 луѓе загинаа а во следните месеци преку 120.000 луѓе останаа без работа а 50.000 беа уапсени. Секој кој изразувал некаква симпатија за Ѓуленистите бил под надзор. Во август се издал и налог за апсење на Шуќур.
Обвинителството во провинцијата Сакарја го теретело за учество во во вооружена терористичка група, пренесе државната агенција Анадолу. Официјална Анкара и натаму ја смета организацијата на Фетулах Ѓулен за терористичка.
Шуќур имал шанса јавно да се откаже од Ѓулен и да ја добие својата слобода и безбедност, но одбил. Неговиот татко, Сехмет бил уапсен во џамијата во Адапазари. Го обвиниле за финансиско поддржување на државниот удар и му конфискувале пари и имот. Шуќур успеал да побегне во САД, а во јуни минатата година татко му починал од рак.
Хакан и натаму е во егзил каде му останале сеќавања од неговата сјајна фудбалска кариера, додека во Турција фудбалската федерација на оваа земја и Галатасарај се оградиле од сè што е негово, па дури и од фотографиите кои виселе во трофејните сали.