За повеќето светли примери во глобалната криза со вирусот дознавме, за некои ќе дознаеме после некое време, а за некои можеби никогаш.
ИТАЛИЈА
Поранешниот италијански премиер и некогашен претседател на Милан, Силвио Берлускони донирал 10 милиони евра за Ломбардија, најпогодениот регион во Италија со Милано како главен град. Овие средства се наменети воглавном за одделенијата за интензивна терапија.
Семејството Ањели кое со години владее со Јувентус донирало исто толку, 10 милиони евра за реонот Пиемонте. Јувентус собрал повеќе од пола милион евра за локалните болници кои ќе можат да купат 150 респиратори за болниите.
Не останале по страна ниту клубовите, па така Интер основал фонд за донации за болницата Луиџи Сако во Милано. Играчите на Интер собрале 500.000 евра, а навивачите исто неколку стотини илјади евра. Голем дел од овие средства биле за купување маски за локалните болници во Ломбардија.
Златан Ибрахимовиќ отворил платформа Kick Coronvirus Away, донирал 100.000 евра, а оваа платформа веќе собрала неколку стотици илјади евра од разни донатори. „Италија е земја која многу ми даде, сега е време да и се оддолжам на оваа сакана земја“, рече Ибра во видео-обраќање.
Рома, Фиорентина, Јувентус и Милан собрале секој по 400-500.000 евра донации. Фудбалерите на Рома успеале да стигнат до 200.000 евра и купиле 8.000 ракавици, 2.000 антибактериски гелови, 5 апарати за кислород и неколку кревети за интензивна терапија. Лацио ги повика своите навивачи да донираат крв.
УКРАИНА
Еден од најбогатите луѓе во Европа, сопственикот на украински Шахтор Доњеџк изјавил дека ќе донира 300 милиони гривени (околу 10 милиони евра) со цел да се набават: 20.000 тестови за коронавирус, анализатори, средства за индивидуална заштита и околу 200 респиратори.
„Коронавирусот е криза со која совемениот свет се среќава најверојатно по првпат. Сигурен сум дека во оваа ситуација секој е должен да размисли што конкретно може да помогне за Украина и Украинците. Нема да седиме од страна, помагавме, помагаме и ќе помагаме. Само обединети пред лицето на опасноста можеме да помогнеме Украина да се справи со предизвиците кои стојат пред неа“, рекол Ахметов.
ГЕРМАНИЈА
Голем донатор е и Роберт Левандовски. Шпицот на Баерн Минхен и жена му Ана одвоиле 1 милион евра за хуманитарен фонд.
„Денес сите играме во иста екипа. Дајте да бидеме посилни. Ако можеме некако да помогнеме, дајте да го направиме тоа. Верувам дека скоро се ќе се нормализира. Ние одвојуваме 1 милион евра за донации“, напишале Роберт и Ана Левандовски на своите профили.
Исто 1 милион евра пред неколку дена донирале Јозуа Кимих и Леон Горецка. Тие ја направиле платформата WeKickCorona во која може да донира кој сака.
„Здравјето е се, така сега е неопходна солидарност. Секој може да помогне“, рекол дефанзивецот на Баерн и Германија.
Оваа идеја веќе ја поддржале неколку фудбалери меѓу кои јавно и Матс Хумелс, Лерој Сане, Бенедикт Хеведес и други. Собрале повеќе од 2,5 милиони евра а акцијата продолжува. Уште 2,5 милиони евра собрале репрезентативците на Германија со стручниот штаб.
ПРЕМИЕР ЛИГА
Челси, на лично барање на сопственикот Роман Абрамович го оспособил хотелот кај стадионот „Стемфорд Бриџ“ во болница.
Останатите клубови помагаа кој колку може: донираа храна која вообичаено требаше да биде подготвена за натпреварите, а волонтерите ја разнесуваат по локалното загрозено население. Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед го пуштија хаштагот #ACityUnited, собрале 100.000 фунти и ги повикале навивачите да им се приклучат.
ПОРТУГАЛИЈА
Претседателот на Спортинг Лисабон за кој игра нашиот Стефан Ристовски, Фредерико Варандаш отишол да работи како лекар, неговата примарна професија пред да стане претседател на клуб.
Агентот Жорже Мендеш купил 200.000 медицински маски и три респиратори за болниците во Порто. Кристијано Роналдо за болницата во својот роден крај купил 50.000 маски.
Потојат уште многу донатори ширум Европа за кој порано или подоцна светот ќе дознае.