Французите немаат дерман од Африканскиот Куп на нации, уапсени 282 лица

Алжир тивко го почна Африканскиот Куп, но како одминува турнирот, ги победија сите противници и стигнаа до финалето. Славјето на овој успех донесе хаос на улиците во Франција.

Евроголот на Ријад Марез од слободен удар во 90+5’ минута од полуфиналето Алжир - Нигерија значеше и огромно славје секаде каде што има Алжирци во светот.

Неколку минути по завршување на мечот и пласман на Алжир во финале каде ќе игра против Сенегал, илјадници луѓе излегле на улиците на Париз, Лион и Марсеј и со факели и димни бомби го славеле триумфот.

Во Марсеј, каде има бројна алжирска заедница, мечот бил следен и во локалните барови од каде навивачите се слеале по улиците кај големото пристаниште.

Полицијата направила кордон и го блокирала движењето на толпата, а Le Parisien пишува дека навивачите корнеле шини, демолирале автобуси и фрлале каменици кон полицијата.

Во Париз исто имало инциденти во текот на ноќта. Полицијата блокирала навивачи кои се собрале во Пигал (реон на Париз каде се наоѓа Мулен Руж), употребила солзавец и водени топови за да ги растера навивачите. 

Голем дел од Алжирците празнувале мирно, скандирале и вееле алжирски знамиња, а поединци искористиле момент да демолираат неколку продавници.

Кај Елисејските полиња хулигани фрлале петарди и топовски удари, а утрово таму имало многу расфрлан отпад и скршени велосипеди

Француското МВР соопштило дека во Лион и соседните градови Алжирците демолирале десетина автомобили, а пожарната во Лион добила неколку повици.

Како епилог на бурната ноќ, во Париз биле уапсени 25 лица за предизвикување општа опасност и нарушување на јавниот ред и мир. Во целата земја биле приведени 282 лица. Нередите прекинале рано изутрина.

АЛЖИРЦИТЕ СЕ ЕДНА ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ЕТНИЧКИ ГРУПИ ВО ФРАНЦИЈА

Според разни информации, во Франција живеат 4 до 5 милиони Алжирци (околу 7% од вкупното население), притоа од нив околу 450.000 се родени во Алжир, а другите се родени во Франција.

Првите масовни миграции на Алжирци во Франција се случиле во 1913 година кога дел од Алжир бил под контрола на Франција. Во ’60-те години оваа африканска земја се изборила за независност и таму почнале сериозни граѓански немири после што се засилила миграцијата кон Франција.

Во оваа европска земја не било мирно ни после победата на Алжир во четвртфиналето на Африканскиот Куп на нации.

Ријад Марез и другарите на 19 јули, во петок од 19 часот играат во финалето на АФК со Сенегал. Тоа значи дека француската полиција најверојатно одново ќе има многу работа.