Другата страна од медалот на Јоаким Лев

Светската јавност со право се згрози од однесувањето на Јоаким Лев, актуелниот светски шампион со Германија и селектор на оваа репрезентација со која уште вечерва може да се пласира во осминафиналето на ЕП 2016.

Јоаким Лев ја завршил играчката кариера во швајцарската втора лига. Во Шафхаузен, по натпреварите Лев обично излегувал од соблекувалните последен, после соиграчите. Новинарите долго чекале германската ѕвезда со необична фризура и внимателно навиткана марама околу вратот да излезе.
 
Неговите критики и цитати биле достапни и интересни. Јоги Лев на најпрецизен начин на публиката ѝ ги пренесувал своите размислувања за мечот. Раскажувал сè што дознал од главниот тренер Ролф Фрингер и било многу интересно да се слушаат неговите изјави. Играчите во втората швајцарска лига во доцните '80-ти години биле воглавном полу-професионалци и комотно можеле да се занимаваат со уште нешто друго освен фудбал.
 
Градинари, ѕидари, возачи, адвокати. Последните години од кариерата Јоаким Лев ги минал во друштво на луѓе кои само на телевизија личат на прави фудбалери. И самиот Лев, поранешен напаѓач на Фрајбург морал да најде дополнителен извор на приходи.

Лев станал трговски патник (агент), затоа што во исто време имал потреба да ја обезбеди својата фамилија. Од понеделник до петок Лев се гушел во прашлива канцеларија на шпедициската фирма Danzas Transport AG, работел графикони, извештаи, ручал на биро каде имал планини од документи. А за време на викендот во дресот на Шафхаузен ја играл омилената игра.
 
Да се организира не му било тешко, затоа што компанијата била генерален спонзор на локалниот фудбалски тим. Во ваков режим Јоги проживеал три години во Шафхаузен.

ФИАТ-от на Јоаким Лев тешко можел да се изгуби.

Неговиот соиграч Аксел Том работел со него во истата фирма, само еден спрат подолу. Том раскажувал дека Лев во канцеларијата бил мирен како бајче и тивок, но затоа на тренинзите било апсолутно невозможно да престане да збори.

Со оглед на тоа што Шафхаузен е мал град на северот од Швајцарија со популација од 30.000 жители, не било необично што многу од неговите колеги од работа на Лев навивале за Шафхаузен. Изгледало отприлика вака:

- Еј Том, здраво! Стигнала нарачката на робата од пристаништето. Како си ти, што има? -Добро е Јоги. Кога играш следен меч? - Играме со Волен во сабота. Ќе имаш време да дојдеш? - Нормално. После работа го земам другарот и цепаме 240км/ч. Немај гајле, ќе имате поддршка.

Том Гисин работел заедно со Лев и свирел метал во групата What The Hell, носел долга коса до струк и не пропуштал ниту еден меч на Шафхаузен. Меѓу другарите од работа во канцеларијата на Лев имало многу интересни ликови. Особено Јоаким Лев го памети младиот дечко со избричена глава кој носел јакна Фред Пери и секој петок безуспешно го убедувал да оди со него за викенд во Германија да гледаат Бундеслига.

Но Лев бил љубезен со него и тактично го одбивал. По извесно време, тешкото оптеретување на работа и исцрпувачките тренинзи го извадиле Лев од колосек, па неколку пати не одел на тренинзи.

Подоцна, на почетокот на '90-те години Лев заедно со пријателот Аксел Том основал претпријатие за производство на свилени вратоврски. Го искористиле недостигот од таква роба на швајцарскиот пазар и произведувале чудни шарени вратоврски. Тогаш во мода биле силни бои.

За да стигнат до целта, тие направиле занимлив маркетиншки трик: Се договориле со градскиот превоз сите нивни возачи да ги носат исклучиво нивните производи и така се рекламирале меѓу патниците.

Лев и Том често врзувале околу својот врат вратоврски со ликот на Мики Маус или Тони Монтана (Скарфејс), оделе меѓу луѓе и продавале кравати директно од багажот на автомобилите кои ги паркирале во близина на шопинг центарот. Меѓутоа брзо морале да го прекинат бизнисот затоа што фудбалот им одел подобро. На крајот на 1990-та година улогата спасител на Шафхаузен му била доверена на Ролф Фрингер, човекот кој бил три години постар од Лев и во клубот бил играч-тренер.

Фрингер набрзо го земал Јоги Лев од теренот на клупата на позиција помошен тренер и бил најзаслужен што овој засекогаш се вљубил во оваа професија. Ефектот бил позитивен, затоа што своите експерименти Фрингер ги спроведувал на малите, провинциски клубови каде поради слабиот квалитет на играчи, и најмалата промена во играта му паѓала во око на тренерот.

Лев во тој период бил капитен на тимот и продолжена рака на новиот тренер на теренот. Набрзо ја заиграле тактиката на Ариго Саки од Милан, ја модернизирале одбраната, напаѓале со 10 луѓе итн. Сите овие новитети донеле позитивен резултат а младиот Германец научил многу нешта во за него новиот свет.

Лев апсорбирал, впивал знаење, анализирал, извлекувал заклучоци и барал начин како да го преточи тоа во дело за да го разберат играчите. Шафхаузен набрзо стана еден од најдобрите млади тимови во швајцарското првенство. Иако во тој момент му одело тешко да го поврзе животот на фудбалер со не баш силна играчка кариера и вадење тренерска лиценца, по запознавањето со Фрингер бил сигурен: Едноставно нема лесна работа во светот.

„Трите години во Шафхаузен ми се најдобар период во животот, повторуваше Лев повеќе пати. Од никој никогаш не сум научил како што научив од Фрингер. Отприлика сме близу генерациски, но и покрај тоа секој ден добивав од него многу нови и интересни информации поврзани со психологијата, тактиката, личниот развој итн. Не забележав како нашиот тим произведе сјајни играчи", раскажува германскиот селектор и освојувач на Светско првенство.

Во 1992-ра дошол крајот на авантурата на Лев во Шафхаузен. Неговиот тренер Ролф Фрингер заминал во Арау и сензационално го освоил првенството на Швајцарија уште во првата сезона, а Лев станал тренер на Винтертур и со себе го зел стариот другар Аксел Том. Три години подоцна Фрингер го земал Лев со себе во Штутгарт како помошник тренр, а Јоги наскоро го добил статусот прв тренер и го освоил германскиот Куп со Штутгарт.

Во моментов ја води Германија кон четвртата Европска титула во историјата.