Крајот на 12-от месец во годината и стартот на јануари се периоди во кои нема фудбал во најсилните првенства на континентот. Освен во Англија каде не се може без фудбал дури и на 1-ви јануари дента после прославата на Нова година.
Најдобрите англиски клубови во следните месец дена ќе истрчаат на дури пет првенствени дуели и еден меч од ФА Купот. Ваквиот распоред од година во година отвора дебата во англискиот фудбал поради што некои велат дека тоа што немаат зимски одмор е главна причина за неуспехот на клубовите на меѓународен план и неуспехот на репрезентацијата.
За разлика од нив, Шкотланѓаните веќе од сезонава воведоа слободен јануари (ќе имаат 28 дена пауза - 4 недели), а ништо чудно наскоро пауза да воведат и Премиерлигашите.
„Верувајте дека размислуваме за тоа, но се уште е рано да се каже какви се шансите да се случи тоа. Ако одлучиме дека е добра идеја, сигурно ќе имаме еден пробен проект. Знаете, да беше се така изводливо досега веќе ќе заживееше паузата“, вели за Скај Спорт, Ричард Скудамор извршниот директор на Премиер лигата.
Во Германија во средата се одигра последното коло од прата полусезона, а Бундеслигашите одново ќе играат пред навивачите од 20. јануари. Одморот започна и во Франција но ќе трае пократко од Германија - до 14. јануари. Италијанците повторно ќе заиграат на 7-ми јануари, а Шпанците еден ден претходно. Што се однесува до нашата македонска лига, завесата се спушти на 5. декември, а фудбал повторно ќе се игра од 19. февруари.