Селекцијата на Швајцарија го направи едно од најголемите изненадувања во изминативе пет мундијалски дена, откако му извади 1:1 на фаворитот за златниот пехар Бразил.
Слаткото реми немаа можност да го гледаат сите швајцарски навивачи, особено не оние кои целосно ја игнорираат географијата. Една група на Швајцарци резервирале хотел во погрешен руски град кој се наоѓа на 1.294 км од градот каде играа Бразил и Швајцарија.
Навивачите заминале во Ростов Велики, а натпреварот се одигра во Ростов Дон, градот каде е роден Сергеј Самсоненко.
Руските медиуми пишуваат дека Швајцарците побарале помош во полиција откако не можеле да го пронајдат хотелот, а истовремено успеале да ја лоцираат улицата која го носела истото име како во градот домаќин на Светското.
Од прес службата на полицијата во Ростов соопштиле дека за време на Мундијалот ангажирале преведувачи и волонтери кои зборуваат шпански, англиски, арапски и француски јазик.
Преведувачот им кажал на навивачите дека тие биле збунети од преводот на руските географски имиња и дека по грешка место во Ростов Дон, резервирале хотел во Ростов Велики.
Тие не се единствените не баш добро информирани навивачи од Швајцарија. Претходно друга група тргнала со кола од Швајцарија до Ростов Дон и тоа преку воената зона на источна Украина каде во четири годишниот конфликт загинаа 10.000 луѓе.
Ростов Дон се наоѓа на само 60 км од границата со Украина, а Русија презема големи безбедносни мерки за навивачите.