На Фејсбук се скоро 10.000 фанови, го имаат веб сајтот Јувентус.мк кој секојдневно го ажурираат, а како официјален фан клуб кој членува во големото семејство на навивачи на Juventus Doc club имаат посебни привилегии.
Пасијата за „Старата дама“ во Македонија им трае со години, а ги спои во 2012-та година кога го формирале фан клубот. Претседател им е Игор Стевковски, а основачи и дел од официјалните 128 членови се Влатко Стојанов, Стефан Стојилковиќ, Јован Котовски и Ивица Петровски.
Кои се почетоците на Јувентус фан клуб Македонија?
Игор: Целата приказна ја почна Влатко со неговиот сајт Јувентус.мк. Потоа јас комуницирав со него, а он се знаеше претходно со Ивица од форуми и така почнаа заедно со Стефан да организираат групно следење на натпреварите на Јуве. Првите средби ги гледавме во Њујорк на кеј и потоа почнавме да се договараме како може да отидеме во Торино.
Влатко: Планот ни беше да се претставивме како Македонија во светот на Јувентус, значи да не има на мапата на навивачи на Јувентус.
Игор: Претходно ние не се познававме, но пронајдовме начин како да го бодриме клубот во живо, а тоа беше со формирање на Здружение на граѓани кој е правен субјект и кој моравме да го регистрираме како непрофитна организација. Доставивме документи, требаше да се собереме 30 навивачи, но ние мислам дека на почеток бевме 44, следната сезона бевме 66, а оваа година сме 128 официјални регистрирани членови во Торино кои плаќаме членарина. Потоа решивме редовно да се собираме каде што може. Откако се затвори Њујорк, продолживме во Спорт Мондано, каде се собираат и други навивачки групи, а сега домаќин ни е Коки кој исто така е Јувентин така што имаме ново место и тука ни е најубаво.
Влатко: На почетокот луѓето беа скептични, не знаат дали е некоја превара и дека ќе им ги земеш парите. Но кога се случија првите посети видоа дека работава е реална и дека не се работи за некое профитерство. Видоа дека тоа што го инвестираат им се исплати. Правиме и маички на крај на сезона за секоја титула. До сега направивме три, а во завршна фаза на дизајн е и четвртата.
Кога бевте прв пат во Торино?
Игор: Многу е тешко да се стигне до голем број на карти, дури и како фан клуб. До повеќе карти стигнуваме против полесни противници, еве сега за мечот против Емполи на 4 април ќе ни дадат 35-40 карти, а тогаш со Џенова обезбедивме 9 карти. За дербија ни следуваат само по 4-5 влезници бидејќи сме млад клуб. Инаку картите се во претпродажба по редовна цена, а после е тешко да се најде бидејќи стадионот е мал, а интересот е голем, доаѓаат навивачи од цела Италија, од Швајцарија, Франција. Во редовна продажба е многу тешко да се најде, не е како на Рома на пример која има поголем стадион и секогаш може да се најде карта за таму.
Стефан: Плус вакви здружение како нас има многу во светот и мислам дека има околу 80.000 doc членови, а вакви помали како нас во Италија има по 10-15 во еден град. Посетеноста е огромна и затоа тешко доаѓаме до карти против силните противници.
Игор: На пример за гостувањето против Борусија Дортмунд успеавме само две карти да најдеме.
Какво беше првото доживување кога го гледавте Јуве во живо?
Стефан: Прв пат бевме ја и Ивица на средбата со Киево кога победивме 2:0, а головите ги даде Кваљарела. Тоа за нас беше посебно доживување. Организацијата ни беше многу интересна, одевме со кола Солун-Скопје, потоа со авион до Милано, па потоа до Торино, така што тоа беше една возбудлива голгота. Прво не ни се веруваше дека сме таму, бидејќи сме цел живот навивачи на Јуве и дојде тој ден да ги бодриме на лице место.
Игор: Како Doc членови имаме привилегија да ги чекаме навивачите во тунелот и на Стефан и Ивица им се погоди да се сретнат со Конте.
Стефан: Тогаш Антонио Конте сè уште беше под суспензија и тренер беше Анџело Алесио. Од цела група навивачи кои стоеја, застанаа баш кај нас и ни се потпишаа, на Ивица на маицата, а на мене на дресот.
Ивица: Карантинот на играчите им важи до самото истрчување на терен, така што никој од нив не застана да остави некој автограм или заедничка фотографија. На крајот го видов Конте, го викнав ако може да ми се потпише на маицата и тој дојде. На Стефан му викам ова не е можно, Антонио Конте дојде до мене да ми се потпише на маичката. Целиот настан одеше директно, во живо на каналот Скај Спорт на емисија која оди уште пред да почнат натпреварите.
Игор: Ланската сезона изнајмивме комби за 9 души и бевме на мечот против Џенова. На македонска граница не видоа со дресови, шалови, капи на Јувентус и кога не прашаа каде одите, им кажавме до Торино на утакмица Јуве – Џенова. На српска граница граничарите си правеа муабет со нас за играчите, за составот на Јуве. На враќање немаше потреба да им се претставуваме, иако беа други смени, веќе знаеа дека некои дечки патувале накај Торино да гледаат фудбал. Веќе нè научија кои сме и какви сме. Инаку во нашата екипа имаше помлади и неколку со по 25 и 35 години. Кога дојдовме пред стадион, а потоа и кога влеговме на самиот натпревар им ги видов солзите на очите, а тоа беа солзи радосници. Реакцијата на тие што прв пат беа таму е неверојатна благодарност до сите нас што сме овозможиле да се случува тоа. Таа благодарност што ја добивам од фановите е мотивација за да продолжиме и да ја тераме работата бидејќи навистина не знам како да ви го опишам тоа.
Како реагираат Италијанците кога им кажавте дека патувате од Македонија?
Стефан: Верувајте дека не се толку фасцинирани, затоа што кај нив тоа е рутина и секојдневие. Не е фрапантно што некој дошол од Македонија, затоа што нив им доаѓаат луѓе од целиот свет. Замислете само некој што дошол од Филипини, Индонезија и сл. Претпоставувам дека исто го третираат Јувентус како и нас, така што километрите се најмалку важни.
Ивица: Искрено, има луѓе што не знаат каде е Македонија, но доволно е кога ќе им се спомне Пандев, Наполи и веднаш им е јасно.
Како поминавте сезонава во Атина на мечот од ЛШ против Олимпијакос?
Стефан: Пред натпреварот со Олимпијакос во Атина од групната фаза на ЛШ годинава, на мејл добивме молба од штабот во Торино. Со оглед на тоа што знаат дека сме едни од најмасовните во регионот, нè замолија ако можеме во што поголем број да отпатуваме во Пиреа на дуелот против Олимпијакос затоа што на Јуве му треба голема поддршка. Знаеа дека сме близу Грција. Со нив сме во секојдневна комуникација и тие ни стојат на располагање за што и да ни треба.
Игор: Прво ни беше страв како ќе оди целата таа организација. Додека патувавме на 2 часа пред да влеземе во Атина ни заѕвони телефонот и ни викаат овде е грчката полиција. Веднаш се чудев викам што ли ќе се случува сега, зар ќе не стопираат. Но не прашаа дали сме ние од Скопје од Јувентус фан клубот и ни кажаа да не се секираме, ако ви треба нешто може да не побарате на овој телефон.
Како знаеше грчката полиција за вас?
Игор: Нашите податоци ги имаат во Торино и според правилата на УЕФА тие ги праќаат во Грција. Кога стигнавме таму имаше полиција во цивилно, беа постојано околу нас и немаше никакви инциденти. Бевме еден цел автобус таму околу 50 души.
Јован: Таму имавме поддршка и од локалното население на Атина. Шетавме со дресови и знамиња и ни дофрлуваа Форца Јуве, победете ги, растурете ги. Тоа е така затоа што навивачите на Панатинаикос и Олимпијакос не се трпат и веројатно ни довикуваа фанови на Панатинаикос. Инаку таму имаше и италијанска полиција која не замоли да не вадиме македонско знаме и ние запознаени со проблемите рековме океј. Не е важно од каде си, секакви други знамиња освен Јувентус се забранети.
Стефан: Имаше едно албанско знаме на трибина, но им го тргнаа во истиот момент.
Игор: Инаку од нашето збирно место тргнавме на стадион со метро, кое беше празно и беше само за нас. Потоа пред стадион имавме незгоден пречек со дожд од камења и шишиња, тоа беа некои 20 секунди кои ги претрчавме.
Јован: Навивачите на Олимпијакос стигнале пред стадион околу 3 часа пред мечот и само што излеговме од метро не гаѓаа со се што ќе им се најдеше во рака. Но тоа брзо помина бидејќи околу нас имаше специјалци. Инаку влеговме на трибина 2 часа пред стартот заедно со Италијанците и бевме вкупно околу 1.500 и потоа последни излеговме. Без разлика што имаше толку време до почеток, постојано се пееја песни со неколку водачи кои ја водеа групата. На гостинската трибина бевме сите заедно сместени од цел регион како и со Грците кои навиваат за Јуве.
Стефан: Ние бевме најбројни од регионот, имаше по некој Бугарин и од Унгарија.
Игор: После мечот полицијата не испрати до излез од градот и мора да кажеме дека организацијата беше топ.
Кој од групата најдолго навива за Јувентус?
Игор: Јас немам многу голем стаж. Професионално се бавев со кошарка и не гледав многу фудбал, но двајца другари редовно го следеа Јувентус. Во 2003 кога ги гледав како играат во ЛШ си реков ова е неверојатно, ваков тим, ваква енергија немам видено и се заљубив особено кога гледав како играат Недвед, Трезеге и Дел Пјеро. Има многу од поодамна што навиваат од мене.
Влатко: Јас откако гледам спорт навивам за Јувентус. Брат ми имал симпатии кон Партизан и со текот на времето црно-белите бои ги поистоветил со оние на Јувентус. Дома го гледавме само Јувентус, кој ни остана најголема љубов.
Раскажете ни за прославата на првата титула откако гледате заедно.
Игор: На првата прослава се собравме над 200 луѓе и тоа од цела Македонија: Куманово, Велес, Кавадарци, Тетово...и тогаш се направи феноменална атмосфера која не понесе сите. Тоа беше првата титула на Јувентус со Конте во сезоната 2011/2012, а во последното коло игравме против Аталанта.
Стефан: Сè беше во знакот на Јуве. Се точеше пиво на сите страни, црно-бели знамиња и шалови насекаде и тоа без некоја посебна организација. Титулата ја прославивме на убав начин. Последната во низа, минатата година ја славевме овде во Галери и за таа пригода нарачавме голема торта со грбот на Јуве. Ни стана традиција за секоја титула на Јуве да правиме и маички, со сопствен дизајн и заштитниот знак на нашиот фан клубот. Влатко е задолжен за тоа и одлично си ја брка работата. Кога игра Јуве, секој од нас заборава на проблемите и обврските и максимално се ангажираме околу овој фан клуб, од кој добиваме една голема сатисфакција.
Влатко: Освен што се собираме во Скопје ги поддржуваме и другите дечки што се собираат низ другите градови каде ги има секое коло, како на пример во Охрид каде се редовни. Тие настани од другите градови ги објавуваме на нашата фб страна и си добиваат на посетеност.
Македонските Интеристи ни изјавија дека фудбал би гледале со секој, со исклучок на навивачите на Јувентус? Што би коментирале на тоа?
Јован: Меѓу нашите два клуба постои некоја посебна нетрпеливост, која се продлабочи во 2006 година по случајот Калчополи. Знаете и сами, на Јувентус тогаш му земаа две титули, за кои уште се води судски спор. Едната од тие титули му припадна на Интер, а другата беше заведена како сезона без шампион. Од тогаш трае таа нетрпеливост. Што се однесува до заедничко гледање со нив, немаме никаков проблем и не ни е јасна причината зошто не би гледале со нас. Ние веќе имаме гледано со навивачите на Рома. Не се плашиме од никој клуб и сме сигурни во силината на Јувентус. Без разлика на ривалитетот ние имаме пријатели кои навиваат за Интер и Милан и редовно ги каниме на дерби. Се собираме заедно и поминуваме убаво без разлика на ривалитетот. Има понекогаш тензија за време на некои моменти, но ние сме сепак пријатели.
Стефан: На плоштад гледавме заедно со навивачите на Челси, меч од Лига на шампиони.
Игор: Имаше 250 наши навивачи, 30 на Челси.
Стефан: Инаку ние имаме гледано заедно меч со навивачите на Интер, во Бирократ кафе, но тогаш беа малку околу 5-6 души, така што не знам дали беа од нивниот официјален клуб. Инаку тоа е нивен избор, ако не сакат, не сакаат.
Игор: Во Охрид сме гледале заедно, имаше 70 навивачи на Јуве, 30 на Интер и немаше никаков инцидент.
Соработувате ли со регионалните фан клубови на Јувентус?
Игор: Да, со Хрватите најмногу, тие ни помогнаа во целата процедура како да станеме официјален фан клуб, бидејќи они се поискусни и се зачленети од 2006-та. Од другите земји, лани се собраа Босанците, инаку Србија и Црна Гора немаат доволни членови за фан клуб. После Хрватите ние сме најмасовни и имаме членови колку Бугарите и покрај тоа што се многу поголема земја. Имаме контакти и со нив, исто и со Црна Гора која има фан клуб кој не е регистриран.
Кои други поволности ги имате како Doc членови?
Јован: Како членови во глобалниот Doc клуб се гордееме и тоа што по мечот против Емполи на кој ќе патуваме на 2 април, ќе може да одиме на настанот Terzo tempo на кој може да присуствуваат мал број на членови. Тоа е еден вид на коктел – вечера на кој ќе има 100 фанови, а таму доаѓаат од двајца до четворица фудбалери на клубот. Со нив ќе може да поразговараме да се сликаме, да им земеме автограми, а тоа е навистина реткост.
Игор: Првата година кога се регистриравме имаше состанок на Здружението на официјални фанови, каде се поканети претседателите на навивачките здруженија, а таму беше раководството на Јуве составено од Ањели, Недвед и Марота кои зборуваа за стратегијата на клубот околу инфраструктурата, како и за стратегијата со фан клубот. Ние сме единствен клуб кој има во Италија има сопствен стадион, другите користат градски стадиони и сега почнуваат да размислуваат во истата насока. Инаку почесен претседател на клубот е Мирела Ширеа, сопругата на покојниот Ширеа. Тоа се одржува секоја година, лани не успеавме да одиме, а за оваа година се уште чекаме да објават кога ќе биде.
Дали после оваа низа на титули, Серија А сè уште ви е предизвик?
Игор: Кај нас не е намалена желбата за титули, страста не олабавува иако доминираме во првенството. Што се однесува до заедничките гледања, за Лига на шампиони интересот е поголем отколку на пример на дерби натпревар во Серија А. Гледате и сами дека вечерва има преку 100-120 луѓе. Релативно е. На пример против Малме во групна фаза имавме голема посетеност. Редовно се гледа и во Велес, во Охрид, па Крива Паланка. Куманово и Велес имаат големи екипи, така што често се случува и ние да одиме кај нив и заедно да гледаме.
Како ги коментирате критиките дека судиите се наклонети на Јувентус?
Јован: Дел од нив држат вода, но голем дел се стварно претерани.
Игор: Сајтот Гол.ком пред некое време направи статистика со број на судиски грешки на штета на екипите. Колку има во корист на Јуве, уште повеќе грешки има и на штета на Јувентус.
Влатко: Тој што губи, има право да се лути и секогаш бара причина во трета страна.
Јован: Многу се дава на публицитет кога Јуве ќе даде сомнителен гол и веднаш се крева галама. Рома го помина Емполи во Купот со крајно непостоечки пенал, па никому ништо. За големите екипи секогаш се крева прашина.
Разлика меѓу Јуве со Зидан, Дел Пиеро, Трезеге и Инзаги и овој сега?
Јован: Не чепкајте болна тема.
Влатко: Тој Јувентус имаше порационална игра, играше на тактика, на одмерени сили. Дел Пјеро е една од најголемите легенди на клубот и мислам дека нема љубител на фудбалот што нема респект спрема него, како и спрема имиња како Малдини и Занети. Тоа е еден од најсветлите моменти во историјата на Јувентус со Зидан, Канаваро, Турам, Конте, Дешамп. Тоа е таа последна златна генерација која успеа да го освои најважниот трофеј.
Навивачите на Интер од Македонија, покрај дружбата со мал фудбал, имаа неколку крводарителски акции. Дали имате некоја таква идеја?
Игор: Не сме стигнале до таму. Трета година сме заедно, а оваа сезона фокусот ни беше на организација на патувањата и картите за натпреварите на Јувентус.
Јован: За да го задржиме тој примат на официјален клуб во Торино мораше да имаме 80 членови за кои на почеток имавме сомнежи дали ќе успееме да го собереме тој број, но со напорна работа успеавме многу повеќе да собереме.
Момент за паметење?
Јован: Против Каљари лани се прослави титулата и ние не можевме да издржиме, а да не влеземе на терен по крајот од мечот. Познато ви е што следува, кој кине од тревникот, кој сече од мрежите, кој се беси по стативите. Имаме и од тревата и мрежата урамено кај претседателот Игор. За време на Клаб деј коктелот, на знамето со официјалното лого на ФАН клубот ни се потпишаа Недвед, Марота, Ањели, Пепе...
Стефан: Многу ни е битно да го кажеме ова за следното патување на 2 април, а тоа е сублимат на целта заради која го формиравме здружението. Значи да собереме што повеќе луѓе и да можеме да одиме на натпревари да ги гледаме Јувентус. Ние скоро на секој натпревар на Јуве на домашен терен имаме македонски фанови, по двајца-тројца и повеќе, бројката варира. Тоа стана подостапно и поради поевтините авионски линии, а инаку цената на картата за стадион е 50-60 евра. Нашата цел се остварува, посебно оваа година со 128 официјални членови и мислам дека сме една од поголемите навивачки групи во Македонија кои поддржуваат странски клуб.
Ќе го збришете ли лесно Монако во четвртфинале од ЛШ?
Влатко: Монако е најпосакуваниот противник, гостувањето таму е најлесно од сите. Ама како и да е, не смее да има потценување и секој има шанса да оди понатаму.