Претседателот на Интер Клуб Армата Македонија, Армин Укиќ заедно со своите браќа по сино-црна крв, Никола Стружанчев, Влатко Васиљ и Марко Јашмак ни раскажаа како пред неколку години се собрале околу една голема љубов. На нив и на уште стотици нивни побратими денот им почнува и им завршува со едно име - Интер.
Kaжете ни за почетоците на дружбата која денес е неизоставен дел кога игра Интер. Како почнавте да се организирате и кој натпревар беше прв кој заедно го изгледавте?
Почетокот на нашето дружење е тема на еден од нашите интернет-форуми со наслов, Фан Клуб Интер, пред околу 7-8 години ако не се лажам. На старт скоро никој со никого не се познаваше лично, развивме една виртуелна дружба со размена на мислења, дискусии, расправии поврзани со нашиот клуб.
Тоа неколку годишно онлајн дружење подоцна го преточивме во заедничко гледање на натпревари, а првиот дуел кој го гледавме, типично за Интер, беше луд. Игравме против Динамо Киев на гости во ЛШ, а средбата беше од големо значење за клубот. На крајот Интер победи после пресврт во последните моменти со головите на Снајдер и Милито. Тоа беше сезоната кога ја освоија и тројната круна, на крајот истото кулминираше со една масовна собиранка за финалето со Баерн.
Во тој период ги направивме и првите навивачки реквизити во ерата кога и Пандев играше за Интер па можете да претпоставите колкава беше еуфоријата и интересот за Интер тој период во нашата земја. Да напоменам дека во исто време започнавме со сајт посветен на Интер, па на некој начин од едно обично виртуелно дружење, дојдовме до сајт, а подоцна и официјализирање на фан клуб каде во моментов членуваат 129 членови, што воопшто не е мала бројка ако се земе во предвид фактот што Интер во моментов котира лошо во Италија. Секако и Фејсбукот си го направи своето, со групи, страни, кои редовно ги ажуриравме, и до ден денес истите се актуелни.
Од кога сте официјален ФАН клуб на Интер, плаќате ли членарина и за што се користат парите?
Здружението е формирано на 19.04.2011 година, и пријавено во Милано како официјален фан клуб на Интер. Од тогаш па наваму членовите на фан клубот редовно си плаќаат годишна членарина. Од целиот буџет што ќе се собере, дел се уплаќа на сметка на Интер како официјален фан клуб, а остатокот што останува го користиме за наши потреби, редовно административно сервисирање на здружението, и секако за навивачки реквизити како за самото здружение така и за членовите (знамиња, банери, маици, блузони, стикери, тренерки...) Понатаму, средствата ги користиме и за организација на годишниот турнир во мал фудбал, како и за организирање на хуманитарни акции.
Колку ве има на број во Македонија и колку од вас се официјални членови?
На Фејсбук страната имаме повеќе од 9000 членови, иако сме сигурни дека во Македонија има повеќе од 9000 навивачи на Интер. Сепак официјалниот број на пријавени членови на Интер Клуб Армата Македонија кои се пријавени во Милано е 129 членови. Во последнава година работиме интензивно на зголемување на официјалните членови, што полека веќе дава резултати.
Влијаеше ли трансферот на Пандев за некој од вас да почне да навива за Интер и дали според вас во Македонија се зголеми бројката на навивачи на Интер откако тој пристигна на Меаца?
Трансферот на Пандев во Интер секако дека го зголеми бројот на навивачи за Интер, но за нас не беше пресуден. Поголем дел од членовите во Армата навиваат за Интер уште кога клубот ги немаше славните денови, а има и навивачи кои навиваат за Интер од времето на Панчев. Во Интер една работа е јасна за навивачите. Играчите ќе доаѓаат и ќе си заминуваат од клубот, исто и тренерите, па дури и газдите, ама ние, навивачите, сме тие кои вечно ќе останеме со и за клубот.
Кои активности ги спроведувате вие како фан клуб?
Првично, секој викенд сме организирани во Спортскиот центар Мондано во Скопје, да проследиме што е можно поголем број на натпревари. Организираме патувања во Милано да проследиме барем едно големо дерби, а често знаеме да организираме и хуманитарни акции.
По заминувањето Мурињо и таа славната генерација на играчи, Интер не е повеќе на исто резултатско ниво. Ви паѓа ли мотивацијата за заеднично собирање и навивање?
Имаше пад во ентузијазмот, но тоа беше очекувано. Кој не би имал пад откако клубот за кого навива освоил сè што може да се освои за една година. А тоа е ексклузивно искуство кое досега го доживеале само навивачи на неколку клубови во светот. Инаку, после Мурињо не е исто, но свесни сме за обновата и менувањето на генерациите па затоа засега сме трпеливи и скромни во очекувањата и достигнувањата на клубот, но тоа не нè спречува да се собираме и постојано навиваме за Интер.
Македонските Романисти ни кажаа дека соработуваат со навивачи на Рома од Хрватска, Србија, Италија... Одржувате ли и вие контакт со некој од регионалните ФАН клубови на Интер и дали сте ги гледале заедно нероаѕурите?
Нашиот фан клуб одржува контакт со повеќе фан клубови на Интер ширум светот од кои би ги издвоиле фан клубовите од Хрватска, Шведска и Индонезија со кои сме во редовен контакт. Заедничко следење на натпревар на Интер на Меаца имаме остварено со фан клубот од Шведска. Заедно го проследивме натпреварот Интер – Јувентус минатата сезона, а годинава сме договорени со фан клубот од Хрватска и Албанија.
Имате ли пракса понекогаш да гледате дерби со друга навивачка група која навива за спротивниот клуб. На пример, дали би прифатиле да гледате Јувентус – Интер заедно со ФАН клубот на Јувентус од Македонија?
Во принцип, гледаме сами затоа што при дерби натпревари се собираме и по 70-80 души. Кога станува збор за тоа дали би гледале натпревар со друга навивачка група, може со сигурност да ви кажеме дека со навивачите на Јувентус, никогаш нема да гледаме заедно! Со навивачите на Лацио, може. Па дури и со оние на Милан зошто да не. Ние како навивачка група градиме принципи коишто никогаш нема да ги прекршиме, а еден од тие е дека со навивачите на Јувентус не сакаме да имаме ништо, па макар и да имаме моменти од тоа како делиме телевизор на кој би гледале заедно дерби натпревар.
Колку луѓе од вашиот ФАН клуб до сега биле во Милано и кога почнавте да ги следите во живо?
Некои од членовите ги имаат следено натпреварите на Интер во живо уште пред формирањето на фан клубот како и во рамките на самиот фан клуб, од кои би ги издвоиле – финалето во ЛШ, Интер – Баерн; натпревар од Европа Лига, Партизан – Интер; како и некои натпревари од домашното првенство меѓу кои како позначајни се Интер – Наполи, Интер – Јувентус итн. Секоја сезона организираме групна посета на некој натпревар на Интер за нашите членови, па така оваа сезона во план е групна посета на натпреварот Интер – Милан во април со што се надеваме дека заклучно со оваа посета ќе ја надминеме бројката од 100 различни члена кои присуствувале на натпревар на Интер.
Интер не дошол во Скопје, но играше во Белград, Софија, Истанбул. Дали бевте организирано на некој од тие натпревари?
Секако дека ја искористивме можноста да го гледаме клубот во живо. Интер за последен пат на Балканот присуствуваше во Белград кога во Лига Европа играше против Партизан, а нашиот фан-клуб веднаш ја искористи можноста да замине за Србија. Членовите кои допатуваа во Белград пред хотелот остварија средба со играчите, добија автограми, се фотографираа, а исто така некои од нив и го проследија натпреварот заедно со навивачката група „Курва Норд“.
Како реагираат „жабарите“ кога ќе им кажете дека сте тргнале на пат од Македонија само за да го бодрите Интер на лице место?
Одлично! Почнувајќи од презентирање на целосниот стадион, фотографирање со претставници на CCIC ( Coordinamento Inter Club ), соблекувалните на играчите пред натпреварот. Имавме и средба со едни од најголемите лидери на Курва Норд пред натпреварот со Јувентус минатата година, и они беа запрепастени дека патуваме 3000 км само за да го проследиме тој натпревар. Годинава патуваме да го проследиме натпреварот со Милан на 19-ти Април, па се надеваме дека конечно овој пат ќе се запознаеме со големиот Занети.
Имате ли некоја анегдота за раскажување од Италија?
Секое патување е посебно по нешто. Тие 18 часови пат до Милано се урнебесни. Впрочем затоа е и создаден фан клубот, да се дружиме и делиме искуства со некои луѓе коишто ја имаат истата страст како и ти. Една ситуација што би ја издвоиле е кога успеавме ние како македонски фан клуб да ја кренеме цела Џузепе Меаца на нозе со скандирање. Тоа е еден момент што вечно ќе се памти и сеќава помеѓу постарите членови на фан клубот.
Сте добиле ли дрес или автограм од некој фудбалер на црно-сините?
Како што спомнав погоре, имаше блиска средба со фудбалерите на Интер во Белград, а исто така организиравме пречек за голманот Самир Ханданович кога репрезентацијата на Словенија пред две години гостуваше во Скопје. Тој навистина се израдува на неочекуваната средба пред хотелот „ТЦЦ Плаза“, ни подели автограми, разговараше и се согласи да се фотографира со нас.