Ивица Осим низ квалификациите ја водеше неверојатната генерација која во 1990. година стигна до четвртфиналето на СП. Во квалификациите за Европско 1992. година, Дарко Панчев и другарите загубија само еден меч а токму Кобра постигна 10 голови и беше најефикасен играч во тој циклус. Од 20 голови на Југославија во квалификациите, Панчев постигнал половина. Скопското дете ги тресеше мрежите на Северна Ирска (1 гол на гости), Австрија (3), Северна Ирска (3 дома), Данска (1), Фарски Острови (2).
Со оглед на околностите, селекцијата се менуваше но од почеток до крај играа фудбалери од Македонија, Србија, Црна Гора, БиХ, Словенија. Сречко Катанец (подоцна селектор на Македонија) играл до крајот на 1990. година, играчите од Хрватска Јарни, Вулиќ, Бобан, Просинечки и Шукер последен пат настапиле во мај 1991. година, а Словенците Новак и Миланич останале до крај. Последниот меч Југославија го одигра во Амстердам, на 25. март 1992. година.
Три недели пред почетокот на Европското, селекторот Ивица Осим се повлече, а фудбалерите од БиХ решија да не играат на Европското. Меѓу играчите кои не отпатуваа беше и нашиот Дарко Панчев.
Новиот селектор, Иван Чабриновиќ ги однесе во Шведска фудбалерите: Омеровиќ, Лековиќ, Петковиќ, Јаковљевиќ, Крстанојковиќ, Миланич, Новак, Петриќ, Дубајиќ, Најдоски, Вујачиќ, Радиновиќ, Јокановиќ, Југовиќ, Брновиќ, Савичевиќ, Стојковиќ, Михајловиќ и Мијатовиќ.
Европското почнало на 10. јуни, само 12 дена по одлуката на Обединетите нации да ѝ воведе санкции на Југославија, одлука поради која УЕФА ја прати дома селекцијата која беше прва во групата. За парадоксот да биде поголем, Данска го освои првенството и се качи на врвот на Европа.