Кога треба да се испрати во пензија играч по име Френк Лампард, тогаш тешко е да се сублимира во кус текст сето она што го остави. Се повлекува по 21 година играње фудбал во Вест Хем, Челси, Њујорк Сити и Манчестер Сити од кои главен белег остави во оние 13 години на Стемфорд Бриџ.
За Сините од Лондон одигра 649 средби, постигна 211 голови и беше лидер во составот на Мурињо со кој по половина век ја вратија титулата во Челси. Постигна 13 голови од кои два во победата над Болтон од 2:0 која значеше титула уште во април 2005-та.
Следната година постигна рекордни 16 голови во една сезона кои помогнаа за одбрана на титулата и заврши на второ место зад Роналдињо во доделувањето на Златната топка и Fifa World Player.
Дека е посебен играч од среден ред покажува и податокот што успеа во 10 сезони по ред да стигне до минимум 10 голови. Со Челси освои три титули во Премиер лигата, четири во ФА Купот, два во Лига Купот, еден во Комјунити шилд и два меѓународни: Лига на шампиони и Лига Европа.
Тука ќе скратиме за него и ќе ви ја пренесеме неговата големина преку овие зборови со кои се обидува да им се заблагодари буквално на сите.
„По 21 неверојатно години решив дека сега е вистинско време да ја завршам кариерата како професионален фудбалер. Додека добивам голем број на возбудливи понуди да продолжам да играм дома и во странство, на 38 години се чувствувам дека сега е време да почнам со едно ново поглавје во мојот живот.
Многу сум горд на трофеите кои ги освоив, за тоа што ја претставувам мојата земја над 100 пати и што постигнав над 300 голови.
Имам многу луѓе на кои треба да им се заблагодарам. Благодарам на моите родители кои ги воведоа во мене вредностите на напорна работа, посветеноста и професионализмот, како и вредностите кои ги носев со мене во сето она што го правам.
Вечно сум благодарен за поддршката на моето семејство, мојата сопруга Кристин и моите две ќерки Луна и Исла. Тоа што ми го дававте надвор од теренот, отсекогаш беше мојата сила на терен. Ве сакам многу.
Исто така благодарам на моите пријатели и на мојот тим кој секогаш беше со мене. Би сакал да им се заблагодарам на прекрасните соиграчи, тренерите, менаџерите о персоналот со кој бев привилегиран да работам.
Благодарам на клубовите кои ги претставував. Прво Вест Хем кој ми го оствари дебито во 1996 година. Благодарност на луѓето таму кои ми веруваа како млад. Во поново време благодарност до Манчестер Сити и Њујорк Сити. Уживав во голема мера во овие два клуба во моите последните години и ја ценам поддршката која ја добив и од нив и од нивните навивачи.
Се разбира, најголемиот дел од моето срце му припаѓа на Челси, клубот кој ми даде толку многу спомени. Никогаш нема да ја заборавам можноста која ми ја даде и успесите кои ги делевме заедно. Невозможно е да им се заблагодарам посебно на сите луѓе кои ми помогнаа и поддржуваа таму во моите 13 години.
Се што можам да кажам е дека од денот која потпишав па до сега кога ќе продолжам напред, јас сум вечно благодарен за се и на секого. Навивачите на Челси на мене и на моите колеги ни дадоа неверојатна поддршка. Нивната страст и глад ми помогнаа да бидам подобар од година во година. Не можев да го сторам тоа без нив.
Гледајќи напред, благодарен сум на ФА за можноста да учам за тренер и со нетрпение чекам да ги извршувам можностите кои ќе им се отворат надвор од теренот“.