Ројевиќ за Охрид: „Го разбудивме градот, сала со 10.000 места би била мала, сонуваме трофеј“

Српскиот стручњак на клупата на ГРК Охрид Борис Ројевиќ прави фантастични резултати, во согласност со целите на клубот и составот кој го има на располагање. Вели дека му е право уживање во Охрид да работи и да живее, дека луѓето го застануваат на улица да им дадат поддршка и да помуабетат. „Охриѓани се многу добронамерни“.

Охриѓани се право освежување за ракометна Европа. Тие сезонава стигнаа дури и до финале на Купот откако претходно убедливо го совладаа фаворитот Еурофарм Пелистер, а сега стигнаа и до големо финале на Европскиот Куп на ЕХФ. „Рибарите“ го победија словенечки Целје на пенали во драматичен финиш и сега ги чека силната унгарска Татабања во финале кое исто ќе се игра во двомеч.

Трофејниот српски тренер Ројевиќ во големо интервју за српски Моцарт спорт вели:

„Впечатоците се уште свежи. Пола час по крајот на натпреварот никој не ја напушташе салата. Навистина е преубаво да се игра во таков амбиент. Атмосферата беше права бразилска. Еуфоријата беше во градот седум дена. Само за тоа се зборуваше на улиците. Народот во Охрид е прекрасен, пријателски настроен, добронамерен. На секој чекор ве застануваат нешто да ве прашаат, да ве охрабрат.

Се гледа колку им значи сево ова. Ги имавме сите 3.000 гледачи а салата да можеше да прими 10.000, ќе имаше и толку. Градот се разбуди, сите се со нас, не бодрат. Морам да ги пофалам играчите, мојот стручен штаб, управата. Сите дишеме како еден. Во таква атмосфера уживање е да се работи и да се живее во Охрид“, вели Ројевиќ.

На прашањето како го доживеал драматичниот натпревар, голот на суперталентираниот Аљуш Анжиќ од 12-13 метри за продолженија со звукот на сирената, а после тоа и пеналите, Ројевќ вели:

Сите дадоа 100 одсто од можностите. Имаме скратен ростер. Играме без два многу важни бекови, повредените Вуко Борозан и Стефан Петриќ, така што на надворешните позиции имаме само четворица играчи. Во нападот товарот го изнесоа Тилен Стрмљан и Косуке Јасухира. Нашиот прв лев бек Анте Иванковиќ е во пад на форма, не му одеше последните неколку натпревари. Му беше тоа и психолошки тешко, но се надевам дека во финишот на сезоната ќе се крене и ќе биде наш клучен играч. Тежок натпревар, се играше гол за гол. Во продолжението малку ја сменив тактиката, игравме 'седум на шест' и 'седум на пет' и тоа даде резултат.

Дали ви се враќаше она финале на Купот на Србија од Нови Сад пред две години кога Партизан стигна во пенал-рулетот до трофејот?

„Ми проаѓаше тоа низ глава, баш помислив на тоа, но се храбрев себеси: 'Нема веројатно пак пеналите да бидат против нас'. Беше тешко и психолошки после оној примен гол од 13 метри но му верував на голманот Пилиповиќ. Тој е снажна лиќност, стабилен, одличен голман. И секоја чест на играчите кои дадоа голови во тој пенал-рулет. Не е лесно, 3.000 луѓе сака да се пласирате во финале, живее за тоа, притисокот беше на наша страна. На крај Бог не погледна. Кога се заврши, помислив дека ни се врати ова за Струмица кога го имавме пехарот од Купот на Македонија во рацете“, вели Ројевиќ.

СЕГА НА РЕД Е ГОЛЕМО ФИНАЛЕ ПРОТИВ ТАТАБАЊА

Охриѓани до крајот на сезоната ги чека броба против Еурофарм Пелистер и Алкалоид за второ место зошто РК Вардар 1961 извесно е нов шампион на Македонија.

Дали ви е Татабања уште од сега во мисли?

„Немаме време да мислиме на финалето. Веќе во вторник ни следи гостување во Скопје против Алкалоид. Нашиот ривал е одморен, а нас ова многу не исцрпи, ќе видиме дали ќе успееме да се опоравиме до тогаш. Не знам што можам да очекувам од тој натпревар. Имаме и натпревар со Вардар во Охрид, да пробаме во тие два натпревари да земеме некој бод, а после на свој терен со Еурофарм Пелистер да се бориме за тоа второ место. Сакаме следната година да играме уште појако натпреварување, Лига Европа. Што се однесува до Татабања, голема желба ми е реваншот да го играме на наш терен.

Мислам дека така би имале многу поголеми шанси“.

Татабања со години е етаблирана како трет тим во Унгарија. Минатата година имаше послаба сезона па наместо во Лига Европа заврши во ЕХФ Купот, а оваа се врати веднаш зад недопирливите Веспрем и ПИК Сегед во домашното првенство. И Татабања не стигна до финале лесно, за еден гол го помина Извиѓаш од Љубушко. Ривалот на Охрид е кандидат и за проширената Лига на шампиони од септември.

„Тоа е екипа која има буџет од 4.000.000 - 5.000.000 евра, неспоредливо поголем од нашиот. Не знам во последните 10 години во ЕХФ Купот да имало тим со толку големи средства. Од почеток на сезоната Татабања е фаворит за титулата.

Мислам и дека малку калкулираа досега, на пример играа нерешено со Рунар и со турска екипа дома, па после лесно ги добиваа на гости. Татабања е фаворит, но ние имаме сега голема енергија и самодоверба пред тие дуели. Важно е да останеме здрави, никој веќе да не излезе од ритам. Овој тим не знае за страв на теренот, сака да ги усреќиме овие луѓе овде, градот кој живее за ракометот“.

Имаше инвазија на Македонци во Целје минатиот месец, ќе има ли и во Татабања?

„Веднаш видовме колкав е капацитетот на салата во Татабања. Од 4.000 гледачи, сигурно барем 400 ќе бидат наши навивачи. Веднаш ќе се разграбат карти, па ќе имаме голема поддршка и во Унгарија“, вели Србинот Ројевиќ кој освои 20 трофеи со РК Војводина изминатата деценија.

Уште еден месец од сезоната. Кога дојдовте, потпишавте договор на три години, немавте притисок дека нешто мора веднаш, да се направи ад-хок. Може ли да се каже дека сезоната веќе сега е успешна?

„Кога доаѓав во разговор со управата и со градоначалнкот Пецаков се договоривме да добиеме некој од трите водечки екипи и да презимиме во Европа. Тоа веќе сега го исполнивме, но ќе пробаме во овие месец дена да го извлечеме и последниот атом сили, да се пласираме во Лига Европа и да освоиме меѓународен пехар. Играме сезона од соништата“.

ДОАЃААТ ЗЕЧВЕИЌ, СЛАВИЌ, МАТЕ, КАРАПАЛЕВСКИ, АДАМ КЕИТА

Пред некој ден во јавноста излегоа буџети на клубовите. Сите четири водечки екипи имаат буџет поголем од 1.000.000 евра, но Охрид е дури четврти, зад Алкалоид, Еурофарм Пелистер и Вардар 1961.

„Веќе правиме тим за следната сезона. Некој ќе замине, некој ќе дојде, но нема многу да го менуваме костурот на тимот. Во слични бројки ќе се вртиме и следната сезона. Многумина мислат дека овде има камиони и авиони, но не е баш така. И натаму конкурентите во Македонија имаат повеќе од нас“, вели тренерот на ГРК Охрид Борис Ројевиќ.

Што се однесува до главните играчи на екипата, одличниот голман Кристијан Пилиповиќ се сели во Криенс Луцерн (потпишал договор со швајцарскиот клуб уште зимата). Наместо него доаѓа хрватскиот репрезентативец Дино Славиќ од Лимож.

Косуке Јасухира стигна пред три недели од Кувајт и се покажа како капитално асилување. Може ли Јапонецот да го задржите и следнаа сезона?

„Тој има договор во Кувајт со Бурган. Би сакале да го задржиме. Се виде сега против Целје колку ни значи. Би сакал, но.... Тешко ќе успееме во тоа“.

Покрај хрватскиот голман Дино Славиќ, во Охрид ќе дојдат и унгарскиот десен бек Доминик Мате од Елверум, македонскиот среден бек Мартин Карапалевски од шпански Ваљадолид. Од Партизан ќе дојде српскиот репрезентативец Никола Зечевиќ.

„Можам да кажам дека ни доаѓа и левото крило Адам Кеита, некогашен играч на Пари Сен Жермен кој две сезони ги бранеше боите на АЕК. Ќе видиме уште во зависност од заминувањата, дали ќе успееме да го задржиме Јасухира, дали ќе доведеме уште некој.

Партизан фрлил око на Дарко Ѓукиќ. Каква е ситуацијата со него?

„Ѓукиќ останува сигурно со нас. Има договор уште на следната сезона. Добро игра, важен е во соблекувалната, лидер е. Нема ниту говор за заминување“:

Дали е Доминик Мате капиталецот кој ви фалеше оваа сезона?

„Да. Мислам дека тој ќе ни биде икс-фактор, дека ќе ни донесе шут од надвор кој го немавме сезонава“. 

4 мај 2026 - 11:02