Панини албумот за Светско колку Стокец на старо

Дечки, Панини манијата е почната. Само пред да почнете, проверете си ги амбициите, односно џебот. Бидејќи со парите од еден пополнет албум, на одмор може да се оди. До 1.000 евра стигнува крајниот есап.

Албумот Панини е асоцијација на Светско и Европско првенство, на летен распуст, играње на тапка со другарите на тротоар, мењање сликици. Едноставно асоцијација на радост.

Ама од радост, го направија луксуз. Тој што сака да ја продолжи традицијата, а не планира да се раскости од трошење пари, нека не се надева дека ќе го пополни, затоа што се потребни многу пари.

Брзините ни ги измеша ФИФА, која одлучи СП 2026 во САД, Канада и Мексико да биде со рекордни 48 земји учеснички. Тоа значи дека ќе бидат потребни 980 налепници за да се пополни албумот од 112 страници.

Ај сега да се фатиме за математика за која побаравме помош од ЧетЏиПиТи.

Едно пакетче со 7 сликици чини 1,6 евра. За да го пополните албумот потребни ви се 140 паткетчиња или 224 евра (13.800 денари).

Но ова во пракса е невозможно, бидејќи математиката е направена без дупликати. Познавате некој што пополнил албум без да се мења со сликици?

Во пракса, за Панини албуми обично се потребни 2 до 4 пати повеќе пакетчиња. ЧетЏиПиТи ни направи три сценарија:

Оптимистички
280 пакетчиња - 27.500 денари

Просечно
420 пакетчиња - 41.000 денари

Лоша среќа
600+ пакетчиња - 59.000 денари

Инаку италијанската компанија Панини ги изработува албумите веќе половина век, а првиот албум за Светско првенство беше објавен во СП 1970 Мексико.

За споредба, претходните албуми, како Катар 2022 имаше околу 670 сликички. Сега, задачата е многу потешка и поскапа.

Во 2021 година, налепница на Панини од 1979 година на 19 годишниот Марадона, беше продадена на аукција за 470.000 фунти.

4 мај 2026 - 12:14