Браќата Погба ќе се судрат на „Олд Трафорд“

Во 1/16 финалето на Лига Европа вечерва на ’Театарот на соништата’ еден против друг ќе се сретнат браќата Флорентин и Пол Погба чија животна желба била да се најдат на ист терен во професионалниот фудбал.

Многу играчи кои останаа во Лига Европа, на декемвриската ждребка за шеснаестина-финалето се надеваа дека ќе им падне Манчестер Јунајтед, но никој не се надевал како еден стопер на Сент Етјен.

„Ја следев ждребката и кога видов кој ни падна првата реакција ми беше: ’Да, ми се оствари сонот’“, вели Флорентин Погба чијшто сон го дели целата фамилија. „Сите ќе бидат на стадионот, па дури и Матијас мислам“, вели Флорентин. Матијас е негов брат близнак кој игра напаѓач во Спарта Ротердам а и двајцата се познати како браќа на најскапиот фудбалер на денешницата од Манчестер Јунајтед.

Флорентин Погба на тренинг на „Олд Трафорд“

Близнаците Флорентин и Матијас Погба играле заедно во младинските категории кога растеле во предградието на Париз Roissy-en-Brie. Тие се деца на имигранти од Гвинеја кои на 16 години преминале да играат фудбал во Селта Виго во Шпанија.

Но ниту еден од нив никогаш не играл против рекордно скапиот Пол.

„Правилата во младинската лига каде што игравме беа дека играч не може да игра во две години постарата категорија без разлика колку е добар или голем“, вели Флорентин којшто е три години постар од Пол Погба. „Секако дека игравме надвор од теренот, на игралиште близу нашиот дом и одевме таму секој ден. Пол играше со неговите врсници, а потоа му беше лесно да игра со нив и дојде со нас постарите. Отсекогаш се надевавме дека еден ден сите тројца ќе играме заедно професионален меч. Тоа беше најголемиот сон на секој од нас“, додава Флорентин.

Матијас и Флорентин се родени во Конакри некое време пред семејството да емигрира а потоа прифатиле да играат за репрезентацијата на Гвинеја додека Пол се решил за неговата родна земја Франција. Флорентин и Матијас го носеле дресот на Франција минатото лето на Европското 2016 кога од трибините го бодреле нивниот помал брат.

„Сите жртвувавме многу за да станеме професионалци. Да го напуштиш домот на толку млади години е многу тешко. Јас и Матијас имавме по 16 години кога отидовме за Шпанија и колку беше тешко за нас, толку беше и за родителите“, се сеќава одличниот стопер на францускиот Сент Етјен.

Флорентин после две години се вратил во Франција, во Седан во 2012-та. Матијас во меѓувреме после Селта Виго играл за дури 7 клуба. Во исто време кога Флорентин и Матијас заминале за Шпанија, нивните родители Фасу и Јео се збогувале со Пол кој заминал да игра во Ле Авр. Но кога наполнил 16 и тој ја напушти земјата и потпиша со Манчестер Јунајтед од каде како слободен играч отиде во Јувентус.

„Кога играв со Матијас беше сјајно. Не можам да објаснам колку добро се разбиравме. Инстиктивно знаевме каде секој од нас е на теренот и што прави. Да играм против брат ми од друга страна е нешто ново за мене. После ждрепката постојано си праќаме поракии и се зафркаваме“, вели Флорентин Погба.

Мечот од 1/16 финалето на Лига Европа меѓу Манчестер Јунајтед и Сент Етјен се игра вечерва од 21 часот.