Го викаат „Богот на слободните“ а мотивот е лесно разбирлив особено ако се видат бројките: 11 гола само од слободен удар во сезоната 2013/2014 (еден од 40 метри), повеќе од секој играч во Топ5 првенствата во Европа.
На нив им се придодаваат и уште седум гола од прекин во последните три години, колку што од слободен даде Дани Парехо од Валенсија. Еден гол повеќе од слободен удар дале само Лео Меси и Миралем Пјаниќ.
Милан се решил за Турчинот не само поради тоа што важи за мотор во средниот ред, способен да покрие повеќе улоги на теренот (треквартиста/полушпиц, и крило), туку и поради тоа што неговиот слободен удар е „пола гол“. Ваков играч беше реткост за Милан во последните неколку сезони.
Независно од датата на последниот гол на Чаланоглу од слободен (август 2016 против Хановер), одличната 10-ка ќе се обиде да го смени фактот што Росонерите дадоа само шест гола од слободен удар во последните три години (ги нема веќе Пирло, Сидорф и Кака).
Чаланоглу беше во центарот на вниманието и поради некои други работи: од февруари до денес не играше на ниту еден официјален меч поради суспензијата за еден стар договор од 2011-та (не го испочитувал договорот со Трабзонспор па потпишал со Карлсруе и од таму во Хамбург). Приказна веќе зад грбот, казната му истече.
МАМА, ДЕПРЕСИЈАТА И КОШМАРОТ ТОРЕ
Хакан има очигледна техника, но кој е навистина Хакан Чаланоглу надвор од теренот?
Во Леверкузен на Милан му гарантирале дека се работи за „добар дечко“, таков кој пред секој меч и се јавува на мајка Најме да слушне некој збор на утеха и охрабрување: „Нејзиниот глас ме мотивира“, признава самиот Чаланоглу.
Роден е во Манхајм (Германија) на 8. февруари 1994 година. Откако луѓето од локалниот клуб Туранспор го виделе малиот Хакан како шутира преку влезната врата, го викнале да тренира кај нив.
На седум години се запишал во фудбалската школа „Валдхоф“ а во летото 2009-та потпишал професионален договор со Карлсруе каде играл за младинците. Во сезоната 2011/2012 играл толку добро што го привлекол вниманието на тренерот на првиот тим Јорн Андерсен кој прво го прекомандувал а веќе во 2012 потпишал договор со Хамбург.
Во исто време добил покана да игра за младата репрезентација на Германија, но повеќе сакал да го носи дресот на својата татковина Турција. После некое време имал инциденти кои ја зачудиле целата турска и германска јавност.
Првата епизода била во Хамбург: Пред да потпише нов договор им прецизирал дека сака да стане стандарден и главен играч, а потоа наеднаш се повлекол. Не дошол во карантин во базата, ниту во тренинг кампот, барал да биде продаден и покажал медицински извештај во кој открил дека пати од депресија. Го сменил телефонскиот број и неколку дена го сменало.
Хамбург му го потпишал „разводот“ и после некое време Хакан стана нов играч на Баер Леверкузен од каде стигна во Милан. Втората епизода е негов најголем кошмар во животот, права ноќна мора. На еден собир со репрезентацијата на Турција во мај 2013-та после поразот во квалификациите за Светско 2014 од Холандија.
Во хотелот во Истанбул се нашле Чаланоглу и неговиот соиграч од Леверкузен, Омер Топрак, како и талентираниот фудбалер Гокан Торе кој беше играч на Челси а сега е во Бешикташ. Наводно Торе дознал за аферата на неговата поранешна девојка со некој другар на Топрак после што со вооружен пријател влегол во собата каде биле Чаланоглу и Топрак.
Во еден момент му ставиле пиштол на глава на Чаланоглу и му рекле да легне на земја ако сака да остане жив.
„Пријателот на Гокан Торе прво дојде до Омер, извади пиштол од јакната и му кажа дека ќе пука во него ако го лаже. Ме удри мене и ме натера да легнам во ќошот. Бев преплашен за животот“, раскажа подоцна Чаланоглу новиот играч на Милан за германскиот канал ZDF.
После тој инцидент селекторот не ги викал тројцата репрезентативци на Турција, но откако поминала една година, сите тројца добиле нова шанса.